Студентските домови од октомври ќе работат со полн капацитет. Забрането ќе биде собирање по соби, а во менза ќе се руча на дистанца

Студентските домови од октомври ќе работат со полн капацитет. Забрането ќе биде собирање по соби, а во менза ќе се руча на дистанца

Подготвил: Антонија Поповска

Неофицијално, за надворешни лица се размислува да се бара сертификат за примена вакцина при влез во некој од студентските домови. Она што сега е нејасно е дали и станарите при вселувањето ќе мора да покажат сертификат за примена вакцина или документ за прележан ковид или, пак, негативен ПЦР-тест

Министерството за образование и наука минатиот месец распиша конкурс за прием на нови станари во студентските домови. Она што е ново оваа академска година, е тоа што сите домови ќе работат со полн капацитет, наместо со половичен, како што беше минатата година. Неодамна беше усвоен и нов протокол (можете да го видите ТУКА) во кој се уредени правилата за функционирањето на овие објекти.

Како што информира за Факултети.мк Виктор Велевски, директорот на Државниот студентски центар, засега се подготвуваат академската година да започне со физичко присуство од претстојниот октомври.

-Годинава одиме со прием на станари во домовите, и тоа со цел капацитет. Вкупно на располагање има 2.530 легла, без оние 600 во домот „Стив Наумов“ каде што двете згради се затворени. Има протокол кој е усвоен од страна на Министерството за образование и наука, а на предлог на Министерството за здравство и Комисијата за заштита од заразни болести. Ако епидемиолошката слика се влоши и ако донесат одредени мерки кои би го намалиле капацитетот на домовите, тогаш може и да се вратиме на стариот протокол кој важеше лани. Овие денови имаше нови мерки заради високите бројки, па затоа не знаеме што ќе биде додека дојде време за вселување – вели Велевски.



Неофицијално, за надворешни лица се размислува да се бара сертификат за примена вакцина при влез во некој од студентските домови. Она што сега е нејасно, е дали и станарите при влесувањето ќе мора да покажат сертификат за примена вакцина или документ за прележан ковид или пак, негативен ПЦР тест.

Вообичаено вселувањето во дом е на 15 септември, за станарите од втора до петта година, а бруцошите се вселуваат малку подоцна.

Редари ќе контролираат кој влегува

Како што е наведено во протоколот објавен на веб-страницата на МОН, за контролиран влез и излез во/од домот, пред и внатре во домот, се организира редарска служба, со цел спроведување на редот, задолжително спроведување на дезинфекција и носење заштитни маски, одржување на потребното растојание и тоа 1 редар пред влезот на домот и 1 редар во домот.

-Редарите се ангажираат од редот на вработените во домот, за што одлучува директорот на домот. Забранет е влез за родители/старатели освен на студенти со посебни образовни потреби со задолжително носење на заштитна маска. Се забрануваат сите видови физички контакти за поздравувања меѓу вработените во домот и меѓу студентите. Задолжително безбедно растојание меѓу масите и одржување на безбедно растојание додека се јаде оброкот. Треба да се постави средство за дезинфекција на рацете на секоја маса. Масите да се покриени со хартиен или најлонски чаршаф за една употреба, при што ќе се врши промена по заминувањето на секој студент. Приборот за јадење да биде складиран и послужен во најлонска или хартиена обвивка или во салфетка. Искористениот прибор покрај миењето со топла вода да биде и задолжително дезинфициран со средство за дезинфекција - стои во документот.

Ако во некој дом се појави заболен од ковид-19 или лице кое имало контакт со лице заболено од ковид-19, лицето треба да се изолира во посебна просторија со задолжително носење на заштитна маска а директорот да воспостави комуникација со Центарот за јавно здравје за добивање на насоки за понатамошно постапување.

-Просториите каде што се движело заболеното лице (вработен или студент) треба темелно да се исчистат, дезинфицираат и проветрат - наведено е во документот.

Според протоколот, приборот за јадење треба да биде складиран и послужен во најлонска или хартиена обвивка или во салфетка

Кои се роковите за пријавување?

Рокот за пријавување на студентите од II година и повисоките години почнува од 26.07.2021 година и трае до 20.08.2021 година. Рокот за пријавување на студентите од I година почнува од 06.09.2021 година и трае до 24.09.2021 година. Доколку по објавување на конечните списоци со примени студенти по домови остануваат непополнети сместувачките капацитети во одреден дом, пријавувањето ќе продолжи до пополнување на истите, но најдоцна до 15.11.2021 година.



Фотографии: Архива