До некои места во Македонија нема директен автобус, а за некои не се продава повратен билет. Какви се условите за патување во земјава?

До некои места во Македонија нема директен автобус, а за некои не се продава повратен билет. Какви се условите за патување во земјава?

Подготвил: Јована Трајковска

До некои населени места во земјава нема автобуска линија од Скопје, па ако сакате да патувате натаму со автобус, ќе морате да барате некоја алтернатива и да се возите со превозник кој попатно поминува низ тоа место - ако има таков. Истовремено, ковид-пандемијата донесе укинување и на повратните билети, кои сè уште не се достапни за некои линии, па тоа значи поголеми трошоци за граѓаните. Од друга страна, патувањето со воз е прилично поевтино и нуди повеќе поволности за студентите и младите.

Од почетокот на ковид-пандемијата корисниците на меѓуградскиот превоз се соочуваат со отежнат транспорт од едно до друго место во државата. Голем број автобуски линии станаа многу поретки, некои ги откажаа своите повратни линии, а некои дури сосема се укинаа.

Од „Руле Турс“, компанијата која стопанисува со скопската автобуска станица, за Факултети.мк изјавија дека укинувањето на линиите зависи од превозникот.

- Секој транспортер одлучува за својата линија, дали таа ќе има повратни билети или не - велат оттаму.

До некои населени места воопшто нема автобуски линии

Во Македонија има повеќе населени места до кои воопшто нема автобуски превоз, а тоа се: Делчево, Демир Хисар, Отешево, Ново Село, Маврово и Ростуше, Липково, Врапчиште и Теарце.

Најскапите дестинации за патување со автобус се од Скопје до Охрид, за каде цената на билет во една насока изнесува 890 денари и повратен 1.240 денари, како и дестинација од Скопје до Ресен, за која ќе треба да платите 800 денари во една насока, а 1.240 денари за повратен билет.

Голем удар по џебот на патниците претставува и тоа што до некои градови во земјата се нудат билети само во еден правец. Така, на пример, одењето со автобус до Струмица во еден правец ќе ве чини 680 денари, а поради тоа што не се продаваат повратни билети, ќе морате да дадете 1.360 денари за патување во двата правца. Повратни билети не се продаваат ниту за Свети Николе, Радовиш, Кавадарци, Велес, Тетово, Желино и Куманово.

Најевтината дестинација за патување е од Скопје до Желино и цената на билетот за неа е 160 денари во еден правец, но нема повратен билет. На второто место е билетот во една насока од Скопје до Куманово, кој чини 170 денари и за каде што исто така нема повратен билет. Треба да се напомене дека ова се поблиски дестинации за кои претежно има месечни карти, кои патниците ги преферираат поради поголемата исплатливост.

Од „Руле Турс“ ни го испратија моменталниот ценовник за меѓуградските линии, кој можете да го видите во продолжение.



Со воз најскапо е да се патува до Битола

Патувањето со воз, од друга страна, е значително поевтино, но и поспоро. Според ценовникот објавен на страницата на Железници (www.mzt.mk), најскапата карта за патување со воз е за релацијата Скопје – Битола, за која билет во еден правец чини 314 денари, а повратен 502 денари.

Во продолжение можете да ги видите цените за патување со воз.



Поволности за студентите

Со оглед на тоа дека наскоро ќе почнат уписите, предавањата и полагањата, прашавме и дали за студентите има некои поволности при патувањето.

-Некои од превозниците им излегуваат во пресрет на студентите и учениците издавајќи месечни билети со поволни цени - велат вработените во автобуската станица.

Такви месечни билети се достапни за студентите од Куманово, Тетово, Велес итн.

Од друга страна, ако патуваат со воз, студентите и младите имаат веќе утврдени поволности.

-Во внатрешниот патнички сообраќај студентите кои спаѓаат во категорија млади лица до 27 години имаат повластица од 50% од редовната цена за неограничен број на патувања. Правото на користење повластена цена е врз основа на индекс или студентска легитимација - истакнуваат од Железници на Македонија.

Исто така, студентите можат секој четврток да патуваат бесплатно со воз до која било дестинација во земјава.

-Единствено што треба да направат за да ја искористат оваа поволност е да докажат дека се студенти со индекс заверен за тековната година. Доколку имаат електронски индекси, треба да си извадат потврда од факултет со нивна фотографија, која треба да е заверена и со неа ќе можат да патуваат бесплатно - истакнуваат од Железници.

Дополнително, секој прв и трет викенд во месецот е викенд за млади и патувањето со воз во Македонија е бесплатно за сите млади. Единствено што треба да приложат младите за да ја користат оваа поволност е лична карта. Од Железници објаснуваат дека бесплатен викенд се однесува на сабота и недела, но не ако први е во недела, тогаш тој викенд не се смета.



Страницата на автобуската се ажурира

Железници имаат веб-страница, што им олеснува на патниците да го видат возниот ред и цените на билетите. Но, тоа не е случајот со автобускиот превоз. Од „Руле Турс“ велат дека немаат страница затоа што таа се ажурира.

-Автобуската станица има веб-страница која во моментов се ажурира во однос на цените на патните билети и во најкраток период ќе биде достапна - велат оттаму.

Засега, единствен информатор за меѓуградските автобуски линии останува телефонот на скопската автобуска станица или директно одење таму и прашување на шалтер.