Како инфлацијата ќе влијае врз побарувачката на кредити? НРБМ очекува повисоки променливи каматни стапки, а можно е мало зголемување и на фиксната стапка
Последните пресметки на НБРМ за месец јуни, анализирано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, говорат дека потрошувачките и станбените кредити бележат месечен раст од 1,1%, соодветно, а на годишна основа се повисоки за 6,8% и 14,9%, соодветно.
Раст во јуни забележале и кредитите одобрени преку кредитни картички, но намалување на годишно ниво од 2,1%, а намалување на месечна и годишна основа бележат автомобилските кредити, што е очекувано со оглед на енергетската и економската криза во земјава. Во номинален износ вкупните кредити бележат раст од 10%, но коригирано за инфлацијата, реално, кредитите имаат пад од 4,5 отсто.
Зголемувањето на основната каматна стапка од Народната банка, трето по ред за неколку месеци, требаше да ја намали побарувачката на кредити и со тоа да ја скроти инфлацијата која е двоцифрена од март наваму, откако почна економската криза. Мерките на НБРМ ќе ги натераат деловните банки да ги чуваат депозитите кај неа поради повисоката камата наместо да ги пласираат кај населението, што во теорија ќе значи поскапи кредити во следниот период.
Од Народната банка за Факултети.мк велат дека не се очекуваат нагли промени во каматната политика на банките, а можни се промени само кај кредитите со променлива каматна стапка. За кредитите со фиксна каматна стапка може да се очекува промена кај новоодобрените кредити, но тоа ќе биде незначително.
- Со оглед на постепеното и умерено нагорно придвижување на основната каматна стапка, не се очекуваат силни и нагли промени во каматната политика на банките. Промени се можни, пред сè, кај кредитите со променлива каматна стапка, додека за кредитите со фиксна каматна стапка, може да се очекува промена само кај новоодобрените кредити. Впрочем, последно расположливите податоци за каматни стапки на кредити покажуваат и дека нема поизразени промени на каматните стапки на кредити ниту на граѓаните ниту на компаниите. Примарно, очекуваме промени кај каматните стапки на штедењето, пред сè, кај денарското, со оглед на мерките кои истовремено ги презеде Народната банка во насока на зголемување на денаризацијата и поттикнување на штедењето во домашна валута, преку намалување на процентот на издвојување на задолжителната резерва од страна на банките за нивните денарски обврски и истовремено зголемување на процентот за обврските во странска валута - велат од НБРМ.
Овој потег нема брзо да ја смири инфлацијата, која во глобални рамки доминантно ја движат цените на храната и на енергентите, но со оглед на тоа што увозните притисоци траат подолго, растот на цените станува пошироко распространет и дополнително ги подгрева инфлациските очекувања. Поради тоа, најголем дел од централните банки, вклучително и Народната банка, започнаа со зголемување на основните каматни стапки, што е во насока на намалување на инфлациските притисоци.
- Дополнително, меѓународните институции за следниот период очекуваат стабилизирање, а потоа и намалување на цените на примарните производи, што исто така ќе дејствува смирувачки и врз глобалните и врз домашните притисоци. Сепак, со оглед на факторите кои ја движат инфлацијата, постои неизвесност. Ризиците за целокупниот макроекономски контекст и натаму се изразени, па во вакви услови уште повеќе доаѓа до израз потребата за водење претпазливи домашни политики. Народната банка постојано ја следи тековната состојба, прави реоцени на континуирана основа и ќе продолжи да презема навремени мерки со цел одржување на ценовната стабилност на среден рок - одговорија од НБРМ.
Многу корисници не знаат која е разликата помеѓу кредитите со фиксна и кредитите со променлива каматна стапка, особено кај станбените и хипотекарните кредити. Фиксната не се менува при отплата на кредитот без разлика на условите и промените што ги предизвикала некоја криза, додека променливата ја одредуваат различни фактори, како што се инфлацијата, економската и енергетската криза.
Според економските експерти, во криза каква што е сегашната најдобро е да се земе кредит со фиксна каматна стапка од најмалку пет години затоа што претставува најмал ризик за корисникот, додека променливата каматна стапка подлежи на разни промени во текот на отплатата на кредитот.
Во последните 10 години имаше силен тренд на опаѓање на каматните стапки, а најизразен беше кај станбените кредити со пад на променливата каматна стапка од седум проценти на три.
Предноста кај фиксната каматна стапка е што ги спречува сите можни ризици од промени во иднина, а предноста кај променливата е што може да се променува постојано и со тоа клиентот да се најде во позиција да го рефинансира кредитот во секое време.
Но, и кај променлива каматна стапка постои еден фиксен дел, кој е дефиниран со договорот, додека другиот дел е променлив и зависи од движењето на референтната пазарна каматна стапка ЕУРИБОР. Токму промените во тој променлив дел влијаат врз вкупната каматна стапка која се плаќа како провизија за земање кредит.
- ЕУРИБОР претставува референтна каматна стапка, објавена од страна на Европската банкарска федерација, и се смета за една од најважните референтни стапки на европскиот пазар на пари. Во поглед на директните ефекти за домашните економски субјекти, промената на ЕУРИБОР може да влијае врз кредитните производи со варијабилни каматни стапки кои се врзани за оваа референтна каматна стапка. Истиот ефект ќе биде присутен и кај депозитните производи со варијабилни каматни стапки врзани за референтната каматна стапка ЕУРИБОР - истакнаа од Народната банка.