На денешен ден се случи најголемата авионска несреќа во Југославија
На денешен ден, во 1976 година, во 11:14 часот се случи една од најголемите авионски несреќи на светот, а воедно и најтешка на југословенскиот воздушен простор.
Во близина на Врбовец, Хрватска, на висина од 10.000 метри, се судрија авионите „даглас ДЦ-9“ oд компанијата „Инекс Адриа авиопромет“ и „тридент 3Б“ од компанијата „Бритиш ервејс“. Загинаа вкупно 176 лица - сите 162 патници и 14 члена на екипажот од двата авиона.
Авионот на „Бритиш ервејс“, на летот 476, полетал од лондонскиот аеродром „Хитроу“ и бил на пат кон аеродромот „Ататурк“ во Истанбул. Во него се наоѓале 54 патници и 9 члена на екипажот. Авионот на „Инекс Адриа авиопромет“ на летот 550 бил на пат од Сплит кон аеродромот Келн/Бон, во тогашна Западна Германија. Во тој авион се наоѓале 108 патници и 5 члена на екипажот. Со двата авиона управувале искусни пилоти, со над 10.000 часа летање. По страшниот судар сведоците кажуваа дека буквално од небото паѓале тела на жртвите и делови од авионот.
До несреќата дошло поради грешка на контролата на воздушниот сообраќај во Загреб. Иако небото над Загреб во тоа време било еден од најфреквентните европски воздушни коридори, опремата со која располагала контролата на летовите во Загреб била лоша, а имало и недостиг на вработени.
Фото: wiki