Проф. Валентин Мирчески: Во Македонија високото образование е социјална наместо развојна категорија

Проф. Валентин Мирчески: Во Македонија високото образование е социјална наместо развојна категорија

Во ова множество на „нафрлани мисли“ допрени се голем број теми кои се од егзистенцијална важност за високото образование и кои треба понатаму детално да се елаборираат. Иако досега често се зборувало и пишувало, сепак, постои ургентна потреба од суштинска и непристрасна дебата за состојбите во оваа област

Пишува: Проф. д-р Валентин Мирчески, претседател на Хумболт и ДААД клубот-Македонија

Основната мисија на високото образование (ВО) во која било земја е профилирање на студентите во високостручни, слободоумни, креативни, критички ориентирани луѓе, визионери и идни лидери, кои треба да бидат главен двигател на општествениот развој во целина (интелектуален, духовен, материјален, технолошки, национален итн.). Оваа висока цел е достижна само доколку ВО е неразделно поврзано со научноистражувачката работа, како највисок облик на креативна човечка дејност. Еднакво е точно тврдењето дека науката е заради ВО, односно ВО е заради науката. Научноистражувачката работа е уникатна компонента на ВО, која го прави суштински различно од другите облици на образование.


Проф. д-р Валентин Мирчески

Сегашна состојба

Во Македонија, за жал, ВО наместо развојна, е социјална категорија. Корените на оваа состојба се далеку во самоуправниот систем на претходната држава, и досега не е направена суштинска промена на овој статус. Политичкиот мотив за овој феномен е ВО да биде ранливо, општествено маргинализирано и лесно за политичка контрола. На пример, понижувачки и вулгарен е фактот што социјалниот статус (плата) на академскиот кадар е споредлив (еднаков, или понизок) со оној на возач во јавното сообраќајно претпријатие во Скопје, или со раководител на сектор во некое министерство. На ова се надоврзуваат добро познатите факти за најнизок процент на издвојување средства од буџетот за ВО во цела Европа, што ги позиционира високообразовните институции на најниско ниво, соодветно на социјалниот статус на нивните вработени.

Финансиска зависност

Извонреден механизам за одржување на оваа состојба е финансиската зависност на високообразовните институции од паричната партиципација за студирање на студентите (што за жал не се промени ниту во најновиот Закон за високо образование) надополнет со огромниот број дополнителни административни давачки при студирањето, и крунисан со целосно приватно финансирање на последипломските студии. Финансискиот опстанок на најголем број од високообразовните институции зависи од парите на студентите, а во помал број случаи партиципацијата е фактор на непримерно профитирање, што во целина е погубен концепт.
Студентската партиципација е само еден облик на поширок општествено-политички феномен типичен за балканските земји по промената на социјалистичкиот систем во кои ВО на вулгарен начин се претвори во навидум обична „пазарна категорија“. Овој непримерен начин на финансирање е извориште на суштинско намалување на квалитетот на високото образование во целина. Оттука, не е чудно што некои високообразовни институции финансиски добро стојат, а не ги задоволуваат базичните постулати споменати погоре, наспроти други, кои се на завидно академско ниво, а се во мизерна финансиска состојба.

Пасивност и отсуство на академска дискусија

Индикативен е и зачудувачки фактот што овие хронични состојби досега не поттикнале сериозен и организиран револт во академската заедница, ниту пак биле мотив за сериозна академска дискусија. Ова, од друга страна, индицира постоење на внатрешни механизми на релаксација на состојбата кои најчесто се од негативна природа: погрешно разбирање и злоупотреба на академската слобода; убеденост дека научната работа е невозможна, оттука и непотребна итн. Последните протести на академската заедница од пред неколку години (откога започна сериозна политичка криза која никако да заврши) беа рефлексија на политичката свест (или политички мотив), а не протест за суштинско постигнување на целите на ВО споменати на почетокот. Оттука, состојбата во ВО е перманентно неповолна многу децении наназад.

Индивидуален потенцијал


Наспроти ова, резултатите постигнати во толку неприродни и понижувачки услови во ВО индицираат висок индивидуален потенцијал на значителен дел членови на академската заедница. Но, успесите се резултат на удели на индивидуалци, а не на системски решенија. Ова е уште поочигледно во некои области кои бележат особен развој, поткрепен со научна публицистика на глобално меѓународно ниво, што е резултат на придонес на поединци со извонреден интелектуален потенцијал, на нивниот самопрегор и ентузијазам. Од друга страна, отсуството на системски решенија е причина за голем диспаритет во развојот на одделните високообразовни институции и научни подрачја – додека некои се споредливи и компетитивни со европските, други се под балканскиот просек.

Фото: Институт за хемија

Генерална промена на статусот на ВО

За надминување на овие состојби, потребна е целосна ревизија на начинот на финансирање на ВО и негово трансформирање во развојна категорија, овозможен преку перманентно зголемување на зафаќањето од буџетот на Македонија со тенденција да се постигнат европските стандарди, формирање на Министерство за високо образование, наука и развој и зголемување на социјалниот статус (плати) на академскиот кадар.
Цивилизирана и модерна држава (Македонија сакаме да биде таква држава) мора целосно да ги покрие трошоците за наставна дејност (финансирање на дејност), водејќи сметка за специфичностите на различните подрачја (природно-математички, технички, биомедицински, општествени, хуманистички итн.). Покрај тоа, потребно е јасно дефинирање на истражувачки групи во сите институции на ВО, нивна хиерархиска поставеност, елаборирање на нивната научна дејност и соодветно алоцирање на средства за нивна перманентна работа (трошоци за секојдневна работа, одржување опрема, пристап до литература итн.). Особено е важна поддршката на научен подмладок без кој е невозможен академскиот развој. Мора да постои одреден број магистранди и докторанди финансирани од државата, во функција на асистенти во образовниот и научниот процес. Особено е важно воведување на т.н. „докторски позиции“ кои ќе се пополнуваат со најдобрите кандидати избрани од самата високообразовна институција. По нивното докторирање, новите доктори на науки може да се интегрираат во академските институции (доколку е тоа возможно) и во останатиот дел од општеството, а докторските позиции треба да се пополнуваат со нови докторанди. Со вакви мерки донекаде ќе се спречи одливот на нашите најдобри млади луѓе; факултетите нема да се занимаваат со бесплатен „извоз“, а државата со „инвестирање“ во образованието за потребите на туѓи држави.

Фонд за научноистражувачки проекти и поттикнување на компетитивноста

Паралелно со овој базичен начин на финансирање, неопходно е создавање на фонд за научноистражувачки проекти и нивно доделување на компетитивна основа (слично како Фондот за иновации), според мериторни и мерливи критериуми. Покрај тоа, неколкуте напредни институции во земјата, во кои се негува традиција за научноистражувачка работа со меѓународна препознатливост, треба да бидат трансформирани во центри на извонредност со посебно финансирање и да послужат како модел за развојот на другите институции. Неопходен е и финансиски стимул за научни постигнувања (добар пример е досегашната програма за награда за објавување научни публикации со фактор на влијание; но возможно ли е да се очекува продукција на научни публикации, а да не се поддржува финансиски научноистражувачката работа?!).

Рационализација, автономија и студентска партиципација

Македонија, која е скоро најсиромашната земја во Европа, не треба бесмислено да го зголемува бројот на академските институции само од политички мотиви, туку да ги консолидира постојните академски институции и во нив да создаде вистински услови за научна работа, зашто без неа не е возможна едукативната високообразовна дејност. Затоа, потребни се мерки за рационализација, штедење и укрупнување, а не мерки за понатамошно фрагментирање и создавање карикатурални високообразовни институции. Едноставно кажано, треба да престане оваа непримерна и бесмислена трка по студенти во една толку мала земја како што е Македонија само заради финансиски опстанок на академските институции, или пак непримерно профитирање, на неколку од нив.



За постигнување на високите цивилизациски и хуманистички дострели споменати на почетокот, неопходно е академските институции да бидат суштински автономни и слободни. За жал, иако универзитетската автономија номинално е респектирана со најновите законски решенија, обврската на академските институции финансиски да работат преку трезорскиот систем, односно отсуство на суштинска финансиска самостојност, оневозможува суштинска автономија (се разбира, финансиската самостојност не значи отсуство на отчетност и дефинирани правила за распределба и трошење).
Од друга страна, законските решенија „магловито“ го дефинираат наменското користење на студентската партиципација, која не се троши само за потребите на наставниот процес и истражувачката работа, туку се пренаменува за подмирување на основните трошоци на високообразовните институции (комунални трошоци, одржување, додаток за минат труд итн.), или за профитабилно работење кое резултира со апсурдни и навредливи разлики во примањата на наставниот кадар меѓу факултетите во еден ист универзитет, или меѓу различните универзитети.

Универзитетите - интелектуални лидери на општеството

Нашите универзитети треба да бидат интелектуални лидери во развојот на Македонија и да настојуваат да прераснат во респектабилни и компетитивни центри, барем на регионално ниво. Меѓународната афирмација на државата, која, за жал, сè уште е во фаза на докажување на својата самобитност, треба да биде една од важните цели на универзитетите. Оттука, универзитетите мора да ги развиваат сите облици на меѓународно презентирање (објавување резултати во меѓународни списанија, сите облици на афирмација и соработка во меѓународни рамки итн.).

Дефинирање на академските вредности


За да ја исполнат мисијата што е спомената на почетокот на овој текст, универзитетите мора јасно да ги дефинираат академските вредности кон кои целат: квалитет на образовниот процес, научни резултати, цитираност, воведување нови научни дисциплини, меѓународна соработка, препознатливост во меѓународната академска заедница, углед пред домашните студенти и домашната јавност, инклузија на студентите во научноистражувачката работа итн., и според овие вредности да ги градат своите системи за евалуација (унапредување, наградување, доделување проекти итн.).



Универзитетите треба активно да дебатираат за овие цели, да создадат внатрешна култура за почитување на овие вредности и да излезат од своите бескрајни административни лавиринти, во кои се троши огромен дел од креативната енергија на академскиот кадар. Конечно, универзитетите треба да создаваат внатрешна култура за респектирање на сопствената хетерогеност преку воведување специфични критериуми за евалуација за различните научноистражувачки подрачја, но врз основа на општите вредности споменати погоре.

Интеграција

Овие цели се достижни само ако универзитетите го зачуваат своето единство и направат вистинска, а не формална интеграција. Притоа, мора да се отстранат сите облици на внатрешна неконзистентност и противречност кои придонесуваат различните единици на ист универзитет да се чувствуваат како конкуренти, а не како припадници на едно семејство (овој феномен е детерминиран само од желбата за приграбување на поголем број студенти и поголем прилив на финансиски средства по основа на студентската партиципација). Универзитетите мора да ја почитуваат матичноста и да воведуваат интердисциплинарни студии кои ќе ги обединуваат различните единици. Покрај ова, не треба да се напушти Болоњскиот процес заради одржување компатибилност со европските академски институции. Меѓутоа, конечно мора да се разбере и практично да се примени суштината на кредит-трансфер системот, а тоа е слободен проток на студенти и академски кадар во рамките на ист универзитет и меѓу различните универзитети во земјата и странство.

Апликативна дејност

Конечно, универзитетите треба да ги развиваат апликативната дејност и претприемачкиот дух и да овозможат формирање на центри кои профитабилно би се занимавале со научноистражувачка работа, пренос на знаења, развој на технологии итн. Меѓутоа, не смее да се заборави која е основната мисија на ВО. Технолошкиот развој е посакувана, но, сепак, секундарна последица од научноистражувачката работа во рамките на ВО. Основна цел на научноистражувачката работа спомената на почетокот е да профилира напредни млади луѓе кои понатаму ќе го развиваат општеството во сите негови аспекти. Научноистражувачката работа, чија примарна цел е технолошки развој, се одвива во специјализирани институти, развојни центри на компаниите итн., односно во институции што не се занимаваат со образовна дејност.



Развојот на претприемачкиот дух во ВО треба да им помогне на младите луѓе полесно да се снајдат во пазарното ориентирано општество, меѓутоа, не треба да се стимулира апликативна работа која ја банализира високообразовната дејност и се заснова на некреативна рутинска работа, иако истата може да биде профитабилна на краток рок. Во поширок контекст, ваков вид апликативна дејност не е во согласност со основните постулати на кои почива ВО.

На крајот, во ова множество на „нафрлани мисли“ допрени се голем број теми кои се од егзистенцијална важност за ВО и кои треба понатаму детално да се елаборираат. Иако досега често се зборувало и пишувало, сепак, постои ургентна потреба од суштинска и непристрасна дебата за состојбите во ВО, зашто општествено-политичката свест за тоа како треба да се реформира и развива ВО е во перманентна надолна линија со децении наназад. Академската заедница, за жал, повеќе се адаптира отколку што се противи на неповолните состојби во кои се наоѓа ВО. Оттука, и внатрешната дебата во академската заедница мора перманентно да се одржува. Конечно, важно е своето мислење јавно да го изразат оние членови на академската заедница кои создале видлив и мерлив научен и академски авторитет, а преку својата меѓународна академска активност осознале во каков дух пулсира високото образование во другите земји.