Предавањата онлајн, вежбите во живо, испитите - комбинирано. Како ќе учат студентите?

Предавањата онлајн, вежбите во живо, испитите - комбинирано. Како ќе учат студентите?

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

На УКИМ практичната настава ќе биде реализирана со физичко присуство во мали групи согласно протоколите, но и онлајн, зависно од предметот. Теоретската настава ќе се одвива онлајн. Колоквиуми ќе се полагаат со физичко присуство

Најголемите државни универзитети ги организираат наставата и полагањето во наредната академска година. Се потпираат на информациите за актуелната состојба со пандемијата, но и на ресурсите што ги поседуваат.

УГД со утврден распоред за хибридна настава

Земајќи ја предвид информатичката инфраструктура со која располага Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип, искуството од претходниот семестар и фактот дека УГД беше издвоен како успешен пример за целосно имплементирање на учењето на далечина, Универзитетот донел одлука да имплементира хибриден систем на едукација со почетокот на учебната 2020/2021 година, информираат оттаму.



Како што за Факултети.мк објаснува проф. д-р Мишко Џидров, проректор за настава на УГД, ова подразбира вклучување на поголем број информатички алатки, системи за електронско учење и едукативни платформи, а во насока на водење сметка за квалитетен образовен процес и водење сметка за здравјето и сигурноста на студентите и вработените на универзитетот.

- За зимскиот семестар се планира теоретската настава, односно предавањата, индивидуалната настава и други облици и обврски што се соодветни на специфичноста на наставно-научната и уметничката област да се спроведуваат онлајн. Практичната настава (вежбите, лабораториски, клинички) ќе се одвиваат комбинирано (и онлајн и со физичко присуство во согласност со здравствените протоколи) во зависност од спецификата на наставната дисциплина и бројот на студентите во лабораториите и објектите на универзитетот - вели Џидров.

Испитите, колоквиумите и другите форми на континуирана проверка на знаењето ќе се одржуваат комбинирано (онлајн и со физичко присуство) според потребите и големината на групите.

- Сето ова ќе се спроведува според утврдени распореди од единиците на Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип. Универзитетот спроведе и истражување за тоа колку се задоволни студентите од онлајн-наставата што УГД ја спроведува од почетокот на пандемијата и резултатите беа главно позитивни, со речиси 70 отсто задоволство. Сето ова оди во прилог на планираниот начин на хибридна настава за наредниот семестар - додава професорот.

УКИМ: Физичко присуство за практична настава и колоквиуми

На најстариот македонски универзитет „Св. Кирил и Методиј“ исто така наставата ќе биде хибридна. Ректорот Никола Јанкуловски вели дека комбинираниот модел на онлајн-настава и настава со физичко присуство е нешто што ќе биде применето на факултетите при УКИМ.

- Практичната настава ќе биде реализирана со физичко присуство во мали групи согласно протоколите, но и онлајн, зависно од предметот. Теоретската настава ќе се одвива онлајн. Колоквиуми ќе се полагаат со физичко присуство, а притоа ќе се почитуваат мерки за заштита - вели Јанкуловски.



УКЛО: Се подготвува стратегија

Во овој период УКЛО ги прави неопходните подготовки за почеток на академската година. Во тој контекст, работната група специјално формирана за таа цел изработи Стратегија за реализација на наставно-образовниот процес во услови на пандемија на коронавирус за академската 2020/2021.
- Овој значаен документ денеска е предмет на разгледување од страна на највисоките универзитетски органи, Ректорската управа и Сенатот. Основната цел е УКЛО да понуди три добро разработени концепти во функција на опциите за реализација на наставно-образовниот процес со физичко присуство, преку настава на далечина и преку хибридниот модел. Досегашните анализи и анкети упатуваат на тоа дека во функција на спецификите на одделни високообразовни установи овој процес ќе биде комбинација од онлајн-настава и физичко присуство, особено во делот на вежбите, практичната настава и проверките на знаење, односно испитите, колоквиумите и слични активности - вели ректорот Сашо Коруновски.