Тигрестиот комарец е одомаќен, класичното прскање не го уништува, вели проф. д-р Јована Стефановска
За разлика од повеќето други видови комарци, женките на тигрестиот комарец напаѓаат и цицаат крв во текот на целиот ден, но не и во текот на ноќта. Тие се многу поагресивни и поинтензивно напаѓаат. Алергиските реакции кај луѓето како последица на каснувањето од тигрестиот комарец најчесто се поинтензивни и поболни, вели Стефановска
Иако летото нè мами на прошетки или престој во природа, истовремено може да биде и предизвик за нашето здравје. Инсектите што во овој период се активни можат да остават сериозни убоди на кожата, а со тоа да предизвикаат алергиски реакции за кои ќе треба брзо да се оди на лекар. Некои од инсектите, пак, освен што се досадни, можат и да ни пренесат заразни болести.
Јована Стефановска, професорка по паразитологија и паразитски болести на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје, вели дека ова лето најголем проблем прави тигрестиот комарец, кој од неодамна е доселен во нашата земја. Освен за тоа дека класичните методи за прскање не помагаат за овој комарец, таа објаснува и како да се заштитиме, колку помагаат средствата што ги купуваме...
- Тигрестите комарци се опасни дури и во саксии со вода зашто може и таму да се размножуваат. Треба да се отстрануваат и најмали површини каде што може да се задржи вода. Граѓаните треба активно да нанесуваат препрати против комарци - објаснува професорката.
Граѓаните сè уште се жалат на наезда од комарци и покрај третманот со прскање од локалните власти. Дали тоа има врска со тигрестиот комарец и има ли начин како да се дејствува против него?
- Сузбивањето на комарците генерално се спроведува со инсектицидни средства против возрасните комарци и хемиски и нехемиски ларвицидни средства против ларвените форми. Но, важно е истовремено да се уништуваат и хабитатите, односно живеалиштата и местата каде што комарците најчесто се размножуваат. Најголем дел од комарците во нашата земја се размножуваат во поголеми површини на застојана води. Затоа, локалните власти вршат мапирања на овие застојани води. Ларвените форми во овие застојани води се уништуваат со апликација на хемиски и нехемиски ларвицидни средства, а доколку е возможно, се врши и нивно засушување.
И сузбивањето на тигрестиот комарец се спроведува со истите методи како и за другите видови комарци, но постои голема специфичност во однос на местата каде што тие може да се размножуваат и живеат и во периодот на апликација. За разлика од другите видови комарци, тигрестиот комарец може да се размножува и во многу мала количина застојана вода. На пример, доколку имаме застојана вода околу саксија со цвеќе, женките на тигрестиот комарец може таму да ги положат своите јајца и од нив, при оптимални услови, за 6-7 дена да се развијат возрасни комарци. Значи, класичните методи за прскање против комарци во овие случаи не може да помогнат.
Фото: Freepik
Во последните неколку години сè почесто слушаме за тигрестиот комарец. Дали имате сознанија од кога е присутен во нашата земја?
- Тигрестиот комарец (Aedes albopictus) е еден од најинвазивните видови комарци. Потекнува од Југоисточна Азија, но во изминативе децении почна да се колонизира на сите континенти. Во нашата земја првпат е докажан во 2016 на границата со Грција. Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје во 2017 и 2018 година учествуваше во твининг-проект на Агенцијата за храна и ветеринарство кој беше финансиран од европски фондови. Во рамките на тој проект најпрвин во 2017 година беа истражувани повеќе локации во Југоисточна и Источна Македонија. Тигрестиот комарец беше докажан само во југоисточниот регион на границата со Грција и на една локација во Скопје, во близина на автобуската и железничката станица. На овие локации беше извршено прскање за да се сузбие ширењето на тигрестиот комарец, а директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство преку медиумите ја информира јавноста дека е пронајден овој вид комарец. Наредната 2018 година во сите општини на град Скопје беа поставени мамки и неговото присуство се докажа во 3 општини. Но, во 2020 година можеме со сигурност да кажеме дека е присутен на целата територија на град Скопје. Но, сè уште не знаеме дали е раширен на територијата на целата земја.
Дали постојат ефикасни програми за сузбивање на тигрестиот комарец во светот?
- Во светски рамки тоа е голем проблем. Постојат научноистражувачки проекти кои се занимаваат со добивање стерилни мажјаци на тигрестиот комарец со зрачење или генетички модификации. Ваквите мажјаци кога ќе се пуштат во природата, им конкурираат на нормалните мажјаци. Кога ќе ги оплодат женките, тие несат јајца од кои нема да се развијат комарци. На тој начин значително се намалува бројот на тигрестите комарци во природата и урбаната средина.
По што најмногу се разликува тигрестиот комарец од другите видови комарци и дали може успешно да се сузбива?
- За разлика од повеќето други видови комарци каде што женките напаѓаат во текот на вечерните часови, женките на тигрестиот комарец напаѓаат и цицаат крв во текот на целиот ден, но не и во текот на ноќта. Тие се многу поагресивни и поинтензивно напаѓаат. Алергиските реакции кај луѓето како последица на каснувањето од тигрестиот комарец најчесто се поинтензивни и поболни. Бидејќи женките положуваат јајца и во многу мала количина вода, потребно е секој граѓанин да внимава да нема застојана вода во својата околина, особено оние што имаат дворови. Дури и најмала количина на застојана вода во какви било садови, како што се саксии, пластични кутии, мали шахти итн. може да биде идеално место за размножување на тигрестиот комарец.
Ги има ли комарците во зима или претставуваат проблем само во летниот период?
- Комарците ги нема во зимските месеци, но тоа не значи и дека не презимуваат. Јајцата на тигрестиот комарец се особено отпорни на надворешни услови. Може да се случи граѓаните да забележат тигрест комарец во своите домови и во текот на зимските месеци. Тогаш треба многу внимателно да проверат дали имаат застојана вода околу цвеќињата или во други садови во своите домови или на затворените тераси. Во домашни услови во застојани води може да се размножуваат и некои други видови комарци.
Комарците не го пренесуваат коронавирусот, но пренесуваат други заразни болести. Има ли опасност преку убодот од комарци да се добие заразно заболување во Македонија. Има ли такви случаи и кои се најчестите зарази?
- Познато е дека комарците пренесуваат многу причинители на заразни и паразитни болести кои се опасни за здравјето на луѓето, но и за здравјето на домашните миленици и другите видови животни. За среќа, најголем број од овие болести не се присутни во Македонија, па затоа комарците и не можат да ги пренесат. Но, сепак, она што може да го пренесат е причинителот на болеста западнонилска треска кај луѓето и кај некои домашни животни и причинителот на дирофилариозата кај домашните миленици кои се присутни во нашата земја. Резервоар на болеста западнонилската треска се птиците, а коњите се приемливи за оваа болест исто како и луѓето, Затоа, Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје врши дијагностика на оваа болест кај птиците и коњите врз основа на мониторинг-програми пропишани од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство. Целта на оваа активност е правовремено да се откријат регионите каде што циркулира овој вирус и да се применат мерки со кои ќе се спречи ширење на овој вирус и негово пренесување преку комарците на луѓето. Во нашата земја има и друг вид инсекти, песочни мушички, кои за обичниот граѓанин може да изгледаат слично како комарците. Тие исто како и комарците цицаат крв и го пренесуваат причинителот на лајшманиозата кај домашните миленици и луѓето, како и некои флави-вируси. Морам да напоменам дека во Македонија има различни видови комарци кои потенцијално може да пренесуваат голем број причинители на болести. Затоа е многу важно сите граѓани пред секое патување добро да се информираат за болестите што може да ги добијат од комарците во другите земји и за превентивните мерки што треба да ги применат за да не внесат болести во земјава.
Колку препаратите за заштита како течности за тело, електрични уреди или други средства можат да им бидат од помош на луѓето при наезда на комарци?
- Постојат повеќе различни средства што репелентно, односно ги одбиваат комарците од нашето тело и околина. Сите тие имаат ограничено време на дејствување и различна ефикасност. Користењето на ваквите средства е од големо значење затоа што со нивна примена ги спречуваме женските комарци да цицаат крв од нашето тело. Со тоа, воедно и ја намалуваме можноста да бидеме заразени со причинители на болести што ги пренесуваат комарците.
Летото и есента, па и доцната пролет се периоди од годината во кои родителите со своите деца се најчесто во природа. Како да се препознаат убоди или каснувања од инсекти и дали треба да се бара медицинска помош?
- По секоја прошетка во природа важно е детално да го провериме телото за да видиме дали на себе имаме некој инсект или крлеж, и дали имаме реакција од нивното каснување. Доколку имаме инсекти или крлежи кои се закачени на телото, важно е внимателно да се отстранат. За правилно отстранување најпрвин треба да ги фиксираме со пинцета прилепена на кожата и нежно да се повлекуваат нагоре, без ротации. Погрешно е да се ставаат какви било масла на нив или да се горат. Кога се нанесуваат масла на крлежите, тие не можат да дишат и ако имаат инфективен материјал во себе, го исфрлаат во крвта на домаќинот, со што пренесуваат причинители на болести. Доколку крлежите се отстранат во првите 12 часа по нивното закачување на телото, минимални се можностите да пренесат причинители на болести. Пожелно е крлежот по вадењето од телото да се провери под микроскоп за да се види дали ги има сите делови на телото. Ако некои делови од крлежот се останати под кожата на човекот, потребно е да се побара помош од лекар. Исто така, доколку се јават изразени реакции на телото на човекот во вид на црвенила, црвени кругови или други кожни реакции, веднаш треба да се побара помош од лекар. Ваквите реакции може да укажуваат на можна инфекција.
Дали инсектите од домашните миленици може да се пренесат на луѓето и дали може да пренесуваат болести, дали се потенцијален ризик за пренос на паразити и зарази?
- Инсектите и крлежите може да паразитираат на домашните миленици, но може од милениците да преминат и на луѓето. Тие може да пренесуваат причинители на болести и на милениците, но и на нивните сопственици. Затоа е важно домашните миленици да бидат соодветно заштитени од инсекти и крлежи со ефикасни репелентни средства. Овие средства ги одбиваат инсектите и крлежите од телото на милениците и не дозволуваат тие да се размножуваат на телото на миленикот, да преминат на сопственикот или во просториите на живеење. Доколку милениците се правилно заштитени и редовно се прегледуваат по прошетките во природа за евентуално присуство на инсекти и крлежи, тогаш не постои ризик за нивните сопственици.