Во светот има околу 68% помалку диви животни отколку во 1970

Во светот има околу 68% помалку диви животни отколку во 1970

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Во периодот меѓу 1970 и 2016 година популацијата на диви животни во светот се намалила за  68%, а човекот е највиновен за изумирањето на животните, предупредува Светскиот фонд за природа во најнов извештај.

Во извештајот се прави анализа на популацијата на диви животни врз основа на 4.392 вида цицачи, птици, риби, влекачи и водоземци во периодот од 1970 до 2016. Во него се вели дека  изумирањето на диви животни какво што се забележува во последните децении не било видено милиони години.


Фото: Freepik

Најтешко погодени се региони во Латинска Америка и Карибите, каде што има просечно 94% помалку диви животни во споредба со 1970. Главните причини за изумирањето се преобразувањето на живеалиштата за животните, прекумерната експлоатација на дивиот свет и климатските промени.

Авторите велат дека луѓето промениле неверојатни 75% од површината на земјата на која нема мраз. Според Светскиот фонд за природа, уништувањето на екосистемите става во ризик околу 1 милион видови, 500.000 животни и растенија и 500.000 инсекти. Овие видови може да изумрат во следните децении и векови.


Фото: Freepik

Експертите додаваат дека трендовите може да се запрат и дури и целосно да се променат ако веднаш се дејствува. Треба да се промени начинот на кој ја произведуваме и консумираме храната, да ги решиме проблемите со климатските промени и да ја зачуваме природата.

Според експертите, најбргу изумира дивиот свет во слатките води. Од индустриската револуција сме изгубиле 85% од слатките води низ светот. Популацијата на животни што живеат во слатки води опаѓа просечно 4% годишно од 1970, се вели во извештајот.


Фото: Freepik

Според истражувачите, човекот е главниот двигател на падот на популацијата на дивите животни низ светот. Луѓето користат најмалку 56% повеќе ресурси од природниот капацитет на Земјата. Климатските промени сè уште не се најголема причина за губење на биодиверзитетот, но тоа ќе се случи доколку не се преземе нешто од страна на светските лидери.

Научниците предупредуваат и дека понатамошното уништување на планетата ќе значи и повеќе природни катастрофи за луѓето, вклучувајќи и повеќе пандемии. Според нив, луѓето играат руски рулет со заканата од пандемии и на крајот ќе изгубиме, а Ковид-19 е само почетокот.

Автор: Ејми Вудијат
Извор: Си-ен-ен