Ален Куљеван е дел од балканскиот тим што ќе лансира сателит во вселената: „Придонесувам во делот со електроника, мехатроника и софтвер“
Ален Куљеван од Скопје е македонскиот претставник на вселенската Асоцијација на Југоисточна Европа - СЕСА, која оваа есен планира да лансира сателит поддржан од Асоцијацијата на индискиот технолошки конгрес - ITCA.
Ален студирал на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, а во моментов работи како фриленсер. Тој за Факултети.мк раскажа за неговото искуство поврзано со овие науки, неговите интереси и достигнувања.
Формирањето на СЕСА се случило спонтано
Куљеван вели дека аеронаутиката не е негов прв интерес, меѓутоа, поради искуството што го стекнал и науките кои ги студирал, веќе бил имал предзнаење од многу сфери со што можел да помогне во идејата на СЕСА.
Вселенската асоцијација на Југоисточна Европа СЕСА (SESA - Southeast European Space Association) е формирана на 27 јуни како повеќегодишна регионална аспирација за здружување на силите. Првиот работен состанок се одржал на 10 јули, на кој се создавала заедничката стратегија.
- До формирањето на СЕСА дојде кога се најдовме неколкумина луѓе, инженери, расеани по Балканот, кои правевме слични работи, па сакавме да го официјализираме она што се трудиме да го постигнеме, а тоа е реактивација или креирање вселенска програма во некаква форма. Имаме сознанија дека такво нешто постоело на овие простори уште одамна. Членовите не беа одбирани. Јас долго време се трудев да најдам луѓе кои би работеле на нешто посериозно, ама не сум сретнал многу заинтересирани. Главно, може секој да работи, зависно од знаењето и желбата, добредојдени се истомисленици и ентузијасти за технологија, ракетна наука, електроника, вселенска наука и слично. Овој проект е во рана фаза и нашата држава нема фондација во која реално некој би можел да придонесе. Јас придонесувам во делот со електроника, мехатроника, софтвер и надежно во иднина - ракетен мотор на течно гориво. Тоа не секогаш е клацкање епрувета во лабораторија и лансирање мисија како „Аполо 11“, туку засега се работи за мали чекори - раскажува тој.
Југословенски земји, благодарение на разбирањето и поддршката од индиските партнери (Асоцијација на индиски технолошки конгрес - ITCA), ќе го лансираат заедничкиот сателит во вселената заедно со Индиската вселенска агенција на крајот од оваа година. Ален откри од какво значење е оваа нивна соработка.
- Индиската вселенска агенција, во чест на нашата работа и интерес, практично ни овозможи да функционираме со 1 од 75. сателити што се на нивната ракета. Бидејќи тоа го прават по повод 75 години постоење, нека им е среќно постоењето и вечни да се. Ракетите се прескапи, па мал дел од нив е слободен да ставиш нешто и да отиде нагоре - вели Ален.
Планирано е сателитот да се упати кон вселената оваа есен.
- Сателитот ќе биде лансиран оваа есен и целта е доверлива, ама тоа што може да се спомене е дека ќе има и транспарентен дел, т.е. ќе праќа пораки назад на Земјата - вели тој.
Ален работи на нов изум - маица што дава сетило во виртуелниот свет, а тоа е допир.
- Моментално се трудам да оптимизирам опрема која би функционирала во метаверзумот, односно маица која го дава сетилото допир во виртуелниот свет. Не е измислена топла вода, имам свој концепт за тоа - вели Ален.
Тој, исто така, ни откри дека ова е негово прво искуство со вселенска програма, а досега имал искуство како инженер со разни проекти поврзани со уреди, летала, возила, оптика, компјутери и слични работи.
Нашата држава не дава поддршка за вакви работи бидејќи вселенската програма е прескапа
Општо е познато дека вселенската програма е прескапа и во нашата држава е сосема неразвиена. Поединците што се заинтересирани за вселената ги насочуваат своите интереси надвор од Македонија за да се надградат со повеќе знаења и искуства за оваа работа. Со оглед на тоа што ова е редок настан за соработка на Македонци во лансирање сателит, го прашавме Ален дали добива некаква поддршка од државата и одговорните лица за овој проект и од какво влијание е овој проект за нашата земја.
- Нашата држава не дава поддршка. И оправдано е, вселенска програма е скапа. Исто и оваа организација е нова, се немам обратено во многу институции зашто немав време, а во минатото кога сум го правел тоа за други иницијативи било залудно. Ама не е оправдано непокажувањето интерес за младите и не гледам дека тоа ќе се смени во догледно време, што е катастрофално. Лансирањето мал сателит е симболично и значително за нашата земја од поглед на тоа што даваме до знаење дека се трудиме да придонесеме во напредокот на технологијата во светов. Покрај тоа, би можеле да го користиме за нешто. Сателитите се голем поим. Постојат мини-сателити големи колку шолја за чај, па сѐ до оние што пловат во далечната орбита по неколку години - вели тој
На младите вљубеници во вселената што сакаат активно да се надградуваат Ален им порача да си набават телескопи и да се потрудат квалитетно да се едуцираат.
Асоцијацијата на Југоисточна Европа - СЕСА ја сочинуваат: Центар за образование и роботика, иновации и технологија од Мостар, претставена од Анес Хаџимеровиќ, Дени Ајаниќ, Армин Ѓиделија и Санел Бабиќ, Српскиот комитет за развој на вселенска програма, претставен од Душан Радосављевиќ и Ивана Радојичиќ, Центарот за вселенски истражувања од Црна Гора претставен од Никола Перовиќ, Нина Дракулиќ и Филип Јовановиќ, Хрватската асоцијација за воздухопловство претставена од Слободан Данко Босанац и Данко Кочиќ, и Центарот за иновации и технолошки развој од Македонија - НАВИА, претставен од Ален Куљеван, како и истакнати поединци од споменатите земји.
Фото: приватна архива