Како Универзитетот во Љубљана стигна на Шангајската листа со 500 најдобри во светот

Како Универзитетот во Љубљана стигна на Шангајската листа со 500 најдобри во светот

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска/vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Да го споменеме епохалното откритие - ако бремена жена се инфицира со вирусот зика, исто така се инфицира и мозокот на фетусот и предизвикува трајно оштетување на мозокот на фетусот и микроцефалија, за Факултети.мк вели Полона Моврин од Ректоратот на Универзитетот во Љубљана


Не се неопходни добитници на Нобелова награда за еден универзитет да се најде меѓу најуспешните на Шангајската листа со најдобри 500 универзитети. Но, неопходни се многу истражувања и присуство на научни трудови во најреномираните светски списанија. Важните откритија дополнително ќе ве вивнат на листата.
Зошто ниту еден универзитет од Македонија и годинава не се најде на листата со најдобрите 1.000, а универзитети во Атина и во Белград се рангирани меѓу 300. и 400. најдобри, а Универзитетот „Аристотел“ во Солун, Националниот технички универзитет во Атина и Универзитетот во Љубљана се најдоа меѓу 400. и 500. место? Како да се стигне дотука?




Наши професори велат дека ние како држава треба прво да решиме дека сакаме да нѐ има на таа листа и да вложиме многу пари во нашиот образовен систем за да го постигнеме тоа. Од Љубљанскиот универзитет за Факултети.мк објаснуваат како им пошло од рака да стигнат на високи позиции не само на Шангајската, туку и на три други светски листи.

- Тоа се должи на одличната работа на сите 26 членки – 23 факултети и 3 уметнички академии. Имаме голем успех во соработката со делот на животната средина и со економскиот сектор и вклучени сме во проекти на Европскиот истражувачки совет (ЕИС). Имаме исклучителни достигнувања во однос на големината на земјата. Ние сме единствениот универзитет во Словенија со добиени ЕИС-проекти. Веќе имаме добиено пет. Научници од Универзитетот во Љубљана се меѓу најдобрите во светот – да го споменеме епохалното откритие - ако бремена жена се инфицира со вирусот зика, исто така се инфицира и мозокот на фетусот и предизвикува трајно оштетување на мозокот не фетусот и микроцефалија – вели Полона Моврин од службата за односи со јавност при Ректоратот на Универзитетот во Љубљана.

Епохалното откритие на словенeчките научници

За конечниот успех многу придонесуваат наградите на вработените добиени во Словенија и во странство. Според Моврин, ако го одржат нивото на висококвалитетна работа, ќе успеат дури и да ги подобрат високите позиции на глобалните академски рангирања.
- Мора уште повеќе да ги мотивираме нашите истражувачи да објавуваат трудови во угледни меѓународни списанија, но не зависи сè од нас. Универзитетот во Љубљана добива далеку помалку финансиски ресурси од универзитетите на многу поразвиени земји, во однос на вработени и на студенти. Сепак, постигнуваме слични, дури и подобри резултати. За да се достигнат високи позиции во светските рангирања, мора да се зголемат и инвестициите на Владата во академските активности. Во последните години сведоци сме на намалување на истражувачките фондови за околу 20 отсто и пад на бројот на млади истражувачи за 30 отсто – појаснува Моврин.

Повеќе фактори влијаат врз рангирањето, конкретно на Шангајската листа. Еден од нив е универзитетот во своите редови да има научници што добиле Нобелова награда. На прашањето како со овој предизвик се справуваат земјите кои во своите редови немаат нобеловци, Моврин појаснува:

Комплексот факултети кај Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје

- Во однос на Шангајската листа, универзитетите се рангираат според неколку индикатори. Лауреати на Нобелова награда и на Филдсов медал носат 30 отсто од финалното бодирање, многу цитирани истражувачи - 20 отсто, извадоци од истражувања - 40 отсто, а 10 отсто остануваат за извесни корекции според бројот на истражувачи. Така, универзитетите што во своите редови немаат нобеловци и носители на Филдсов медал се во неповолна ситуација. Но, Универзитетот во Љубљана е доказ дека и покрај отсуството на овие лауреати, можете да се вброите во првите 500 светски универзитети (според Шангајската листа).

Шангајската листа со најдобри 1.000 универзитети што ја објави „Шангај ренкинг“ годинава ја предводи американскиот „Харвард“, следува „Стенфорд“, а на третото место е британскиот универзитет „Кембриџ“. На четврто место е Институтот за технологија од Масачусетс (МИТ), а потоа се Беркли, Принстон, Оксфорд, Колумбија, Калифорнискиот институт за технологија и Универзитетот во Чикаго.

Од Европа, по Обединетото Кралство, следува Швајцарскиот федерален институт за технологија во Цирих (на 19. место), Универзитетот од Копенхаген (29. место), Сорбона (36. место) и Париз-Суд (42.) во Франција, Каролински институт во Шведска (44.). До високите позиции на 50 најдобри стигнаа и германските Хајделберг и Техничкиот универзитет во Минхен.

Универзитетот во Загреб е меѓу 500 и 600 најдобри, а меѓу последните сто се рангирани Софискиот и Универзитетот во Нови Сад.