Лекари во Шкотска буквално им препишуваат природа на пациентите
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Октомври е во тек, есента неодамна почна, а вашиот лекар ви препиша да излезете и да прошетате. Или би можеле да се обидете да најдете десет различни видови габи.
Сето ова се сугестии од новата програма наречена „Рецепти од природата“, која оваа недела им се претставува на лекарите на Шетландските Острови. По успешната проба во една амбуланта, сите лекари на Шетландските Острови сега можат буквално да им препишат природа на пациентите како дел од нивната стратегија за лекување.
Проектот се смета за прв од ваков тип во Обединетото Кралство и оние што стојат зад него очекуваат да го подобри крвниот притисок кај пациентите, да го намали ризикот од срцеви заболувања и удари, да ја зголеми среќата и да го подобри менталното здравје на пациентите.
- Има неизмерни докази дека природата носи придобивки за телото и умот, па ние видовме можност да создадеме брошура која им помага на лекарите да ги опишат придобивките за здравјето од природата, да ја разгорат имагинацијата на пациентите и да ги натераат да излезат од дома - вели Карен Мекелви од Кралското здружение за заштита на птиците (РСПБ) од Шкотска.
Фото: Pixabay
Кога некој лекар ќе види пациент чие здравје може да се подобри со шетање во природа, тогаш тој може да му ја даде брошурата во која се објаснуваат начините на кои минувањето време во природата е добро за човековото тело, заедно со
календар во кој се предложени идеи за тоа што може да се види и прави на Шетландските Острови.
Иако некои од сугестиите на календарот се наменети за тој регион, многу од нив може да ги прават и луѓе што живеат на други места.
Зошто да не одгледувате некое растение? Одете на кампување, слушајте го црцорењето на птиците, почувствувајте го
ветрот.