„По скалилата на успехот“ со Боб Смит: Работното искуство во младоста е непроценливо - тоа се првите чекори кон независноста

„По скалилата на успехот“ со Боб Смит: Работното искуство во младоста е непроценливо - тоа се првите чекори кон независноста

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите

Роден е во Бевервејк, но растел во Схорл, на пет километри од Северното Море. Таму се капеле среде лето, кога водата имала 13-17 Целзиусови степени. Затоа Холанѓаните напролет се капат во Охридското Езеро! Ова е приказната на Боб Смит, Холанѓанецот кој одлично зборува македонски јазик и кој во 2002 година реши да мигрира во Македонија, а денес е извршен директор на Холандско-македонската стопанска комора NL Chamber. Водејќи се од начелата дека сè е можно, дека средношколците во Македонија на распуст треба да работат за да почувствуваат што значи лична заработка, дека економијата бара ефикасност, Смит вели дека оваа земја има голем неискористен потенцијал. Ова се неговите скалила на успехот.

Боб Смит на Back to Business Breakfast во 2014 година

Татко му, инженер во „Тата стил“, уште како дете го носел во погон за да му го покаже целиот процес на производство на челик - од печка, преку континуирано леење до валање. Огромни машини и кранови, високи температури, прашина и мирис на подмачкувач... Смит вели дека и денес се фасцинира од производните процеси. Средно училиште завршил во Алкмаар, а предметите биле разновидни - холандски, англиски и германски јазик, преку економија до природни науки (физика, хемија и математика). Во тие години интензивно се занимавал со глума. Членувал во мало актерско здружение, а бил активен и во школските актерски групи. Дури имале четири распродадени вечери по ред во градскиот театар.

Веднаш откако матурирал заминал на шестнеделно патување со железницата Интерреил низ цела Европа. Многу го интересирала Источна Европа и жалел што не можел да ја почувствува атмосферата во Германија пред уривањето на Берлинскиот ѕид. Првата дестинација му биле Прага, па Будимпешта и Атина.
- Беше 1993 година. Им кажав на моите дека планирам да патувам преку Италија, но го следев советот од други млади туристи да скратам преку Југославија. И така во југословенската амбасада во Будимпешта ја извадив мојата прва виза. Лани нè посети холандскиот министер за надворешни работи Стеф Блок и ми рече дека не е првпат во Скопје. Патувајќи од Будимпешта до Атина пред многу години, среде ноќ ги отворил очите, констатирал дека стигнал во Скопје и продолжил да спие. Буквално исто како јас! Немав поим дека 10 години подоцна ќе живеам во Скопје! - раскажува Смит.

Следните години вадел многу визи - за Русија, Бугарија, Романија, Украина, Молдавија, Белорусија. Санкт Петербург веднаш му сраснал за срце.

Барав широчина во образованието

Отсекогаш се одушевувал од прехранбената индустрија и малку фалело да студира технологија на храна на Универзитетот во Вахенинген, но не сакал толку тесно да специјализира. Денес одржува тесни врски со универзитетот.
- Сега Вахенинген има многу вреден ректор со огромно работно искуство во јавни институции, стопанство и научниот свет, Луиз Фреско. Многу сакам да ја донесам овде да нè инспирира! На многу убав начин ја објаснува важноста на технологијата во хранење на светот - раскажува Смит.

Со готвачот на NL Chamber, Пол Хоутхуијзен


Студирал во Ајндховен, далеку од родниот крај. Веднаш се осамостоил и почнал да живее со цимери. Бидејќи за викендите не си оделе дома, за кусо време купиле половна машина за перење алишта. Исто како во средно училиште, и на факултетот барал широчина.
- Индустриско инженерство и менаџмент-науки ги поврзува сите науки важни за секојдневно работење во индустриско стопанство: економија, финансии и право, човечки ресурси и комуникација, како и инженерство. Генералист, способен да ги разбира стручњаците од сите области и да ги поврзува. Градење мостови меѓу различни дисциплини. Затоа и денес ми е многу важно да слушнеме различни сфаќања за да го најдеме најдоброто решение. Преплавени сме со економисти и правници... Се разбира дека и таму има додадени вредности, но кој инсистира да го помине работниот живот на столче со лаптоп, нека размисли да студира ИТ! Економијата бара ефикасност! - дециден е Смит.

Среќен е што работи во различни сектори, со многу различни организации. Нишката е широчината - да ги гледа работите од повеќе агли, но и брзо да ги научи финесите на некоја нова област.
- Да ги најдам врските и да ги спојам точките. Паметното спојување на знаење и капацитети за решавање проблеми или поттикнување развој е главната работа на NL Chamber. Вистинското вмрежување бара длабоко запознавање на субјектите, нивните можности, желби и ограничувања, особено нивните кадри. Неопходно е градење доверба, одржување релации, а за тоа е потребно многу време - објаснува Смит.

Работното искуство во младоста е непроценливо

Верува дека за секој човек е многу важно на млади години да искуси работа. Каква било. Бидејќи е привремено и доброволно, ако не ти се допаѓа, ќе ја смениш. Но, искуството е непроценливо.
- Задоволство е да имаш своја заработка, надвор од родителската инфузија. Тоа се првите чекори кон независноста. Така, задолжителното практиканство на факултет нема да ти биде првото работно искуство! - вели Смит.

На гала-прослава на Нова година на холандската ИТ-компанија Symphony Solutions

Првата работа му била лупење луковици од лалиња. Имал 14 години и веќе било време дел од летниот распуст да работи. Низ смеа раскажува дека не можел да издржи - секоја ноќ сонувал луковици. Следната година татко му уште пролетта му рекол да побара сезонска работа. Аплицирал во супермаркет да реди производи на полиците, но раководителката на каса му рекла дека ќе работи со неа.

- На 15 години тоа ми беше неочекуван предизвик. Но, од тој момент додека не заминав на факултет, секој распуст, секој викенд си работев на каса во „Алберт Хејн“. Уживав во работата со потрошувачите и со колегите, кои претежно беа средношколци. Научивме многу за одговорноста. Бев многу горд што бев дел од мултинационалниот гигант во малопродажба „Ахолд“. Од заработката си го купив својот прв компјутер, типот АТ од тогашниот холандски бренд „Тулип“ - раскажува Смит.

Како студент работел типични студентски работи: подготвување пратки за брза пошта, ноќни смени на логистички центри, пакување месни производи во кланица, како и повеќе години во IT helpdesk на универзитетот.

Лани, со амбасадорот Воутер Пломп

- Многу работев бидејќи ми требаа многу пари за патување! Често патував низ Источна Европа со АЕГЕЕ - студентското здружение што постои и во Скопје. Патување со низок буџет, спиење кај членови на здружението во странство, дома примање странски студенти. Со такви пријателства најприродно се отвори желбата за повеќе. Барав компанија каде што би можел да ја направам дипломската во Југоисточна Европа и најдов холандска фирма за градежништво која беше заинтересирана да ги истражувам дотогашните активности во Романија за подобрување на нејзината експанзија во други земји во регионот - објаснува Смит.

Со директорот на фирмата се договориле заеднички да работат на планови за развој во Источна Европа, но плановите пропаднале и Смит останал без искуство. Со голема желба за работа, без семејни обврски, слободен, заклучил дека за да стекне искуство, треба да емигрира.
- Романија беше најлогична дестинација, но таму веќе имаше млади Холанѓани што направиле добра консултантска куќа за билатерални деловни односи. Така си ја избрав малата, непозната Македонија, во тоа време речиси беа холандски фирми. Тоа беше голем развоен потенцијал во билатералниот бизнис и без конкуренција за еден неискусен човек како мене - раскажува Смит.

Да најдеш среќа не е случајност, туку предизвик

Самата емиграција ја доживеал како најдрастичната промена во тоа време. Со група луѓе основале здружение за холандско-македонски деловни односи, но се разделиле на крајот од 2005 година.

Со тим од холандската компанија Sample Solutions

- Пак останав без заработка. Но, претходно стекнав многу контакти, го научив македонскиот јазик и добив значителна доверба од повеќе страни. За среќа, познавав една консултантка од холандската владина агенција CBI, со задача да води петгодишна програма за развој на текстилната индустрија за извоз на Европската Унија. Итно ѝ требаше помош и се поврзавме. Заедно ја водевме интензивната програма, реализиравме многу активности во Македонија и во странство. Го надградив македонскиот јазик до сегашното ниво и секако многу научив. Сè уште сме блиски пријатели - вели Смит.

Во 2010 година тогашната амбасадорка Симоне Филипини изразила желба да се основа холандска комора. Три холандски претприемачи го прифатиле предизвикот и му се јавиле на Смит знаејќи дека претходно се занимавал со нешто слично.

На годишнина Dies Natalis, 2018 година

- Го прифатив предизвикот да ја основам и да ја водам Холандско-македонската стопанска комора NL Chamber, со многу поголемо искуство и знаење. На 18 јануари 2012 ја основавме комората во просториите на „Пивара Скопје“, како дел од Heineken, сè уште наш главен поддржувач. Амбасадорката ни понуди канцеларии во холандската амбасада, каде што и денес сме сместени. Дипломатите се друг вид луѓе, но низ годините научив да ги разбирам и да „градам мостови“ - нивните правила и начинот на размислување и така ги доближувам до претприемачите, кои немаат секогаш разбирање за функционирањето на владините институции. Морам да признам дека во оваа приказна има доста среќа. Но, среќа се наоѓа насекаде, само треба да ги отвориме очите за да ја забележиме. Да најдеш среќа не е случајно, предизвик е! - дециден е Смит.

И сестра ми прифати македонски навики

Во целата приказна најголем предизвик му било да се пресели во Македонија. Ништо не знаел, ниту зборувал македонски, а сепак сакал тука да го гради својот живот. На почетокот родителите биле многу скептични, но по некоја година татко му им рекол на комшиите: „Гледате? Кога навистина сакаш нешто и упорно работиш на тоа, сè е можно!“

Караоке-шоу на Денот на кралот, со претставници на холандската компанија Symphony Solutions

- Тоа ми беше голем комплимент. Не ми беше тешко да се приспособам и гледам дека најчесто лесно им оди и на други Холанѓани. Има големи неефикасности - тоа им е најтешко да го прифатат. Но, народот е многу гостопримлив. Фамилијарните и пријателските врски се многу важни, а таа важност во Холандија веќе е изгубена. Приватниот живот исто така се води строго по агенда. Многу ми е драго што во Македонија речиси секаде можам да дојдам ненајавен и сепак да се чувствувам добредојден. Како топла када, велиме ние. Често ја раскажувам приказната со сестра ми за да ја објаснам разликата. Некаде во првите години се договорив да ѝ појдам на гости. Но, следниот ден ми се јави да ми каже дека не може тој ден бидејќи пред три месеци имала договорено со пријатели. Во Македонија тоа не е возможно: „Јас сум ти брат! Живеам 2.500 километри далеку и не можам секогаш да дојдам кога тебе ти одговара. И ако имаш договорено со пријатели: колку повеќе луѓе, толку повеќе радост!“ Сестра ми знае дека ја раскажувам оваа приказна. Во меѓувреме го усвои македонскиот начин на размислување и секогаш сум добредојден да останам колку сакам - ја раскажува Смит анегдотата.

Во комората има многу должности и обврски, но фокусот му е да ја одржува мрежата со внимателно слушање, разбирање и потоа спојување за наоѓање конкретни решенија.

На Саем во Амстердам со македонски производители

- Целта ми е да ги здружам членовите во уникатни активности, полни со позитивна енергија и нови идеи. Сакам да биде една многу цврста мрежа од претприемачки дух. Предизвик е да се зголемува комората без да се изгуби таквото чувство. И штом во претходните години растела со нови современи ИТ-фирми со млади кадри, време е да се фокусирам на подмладување на самата комора. Многу ми се допаѓа да бидам во центар како пајак во пајажина, но морам да бидам реален: не е засекогаш - вели Смит.

Не е до законите, туку до старите навики

На прашањето каква е бизнис-климата во Македонија, тој дава пример со банките - технологијата дава можности за олеснување, но банките бараат посебен формулар за секоја работа.
- Дизајнот на формуларите е катастрофален. Пишување и потпишување десетици страници, раката да те боли! Подрумите на банките се полни со хартија, а кој ќе најде таму некоја евиденција? Таа сигурност од неограничено собирање хартија е лажна. Или за секој прилив од странство банките бараат фактура. Па објаснуваат поради перење пари, Народна банка, УЈП... и сите фирми за секоја трансакција треба да ти донесат фактура! Тоа е 100% контрола и го задуши стопанството. И пак ќе кажам: лажна сигурност - хартија во подрум. Ниту Царина нема 100% контрола на сите камиони. Не е возможно. Банките треба да ѝ даваат сигнал на УЈП кога некоја трансакција е сомнителна, на пример, микрофирма одеднаш со огромен прилив од чудна земја. Па банките се оправдуваат - Народна банка така сака... Со таков пристап ништо нема да се смени. Нека ми најдат правниците закон или регулатива каде што јасно и гласно се наредува дека секогаш мора да има барање и тоа мора да биде посебен документ и тоа за секоја услуга. Нема. Па и да има: смени го! Законите не се толку рестриктивни, ние сме! - објаснува тој.

Посета на холандскиот произведувач на пластични кесиња и фолија „Киво“ на Косово

Тој е уверен дека не е толку до законите, туку самите луѓе премногу цврсто се задржуваат на старите навики. Закон е едно, но извршувањето на законот е нешто друго.
Најголемиот потенцијал во Македонија го гледа во искрената соработка. Сосила ништо не бидува. Вели дека во земјоделството има голем потенцијал, но ако нема развој, овој сектор ќе остане во минатото.
- Неопходна е внимателна консолидација на земјиштето. Тоа е болен процес, но ако сакаме да го развиваме земјоделството, ќе мора да го направиме тоа. И потребно е да развиваме повеќе почит кон работната рака. Не може сите да одат на факултет за да имаат комотен живот. Недостигот на работници е веќе сериозен проблем и тоа не само во земјоделството. Што ни текна сите млади да ги тераме да одат на факултет? За да се рекламираме како високообразовна земја без работници? - прашува тој.

Со студенти по ветеринарство од Универзитетот „Вагенинг“ во Маврово

Во мај имал група студенти по сточарство од Холандија. Сите дома имале фарма - станувале рано насабајле да помогнат во фармата пред да одат на факултет.
- Тука во секоја фарма веднаш влегувале во штала, ја испитувале исхраната, со рака земале измет за да видат дали има несварени парчиња. Многу ни фали таква страст за нашата струка, за која било. Сепак, сè уште уживам овде. Се запознав со многу вредни луѓе, стопанственици, членови на невладин сектор, службеници. Да го задржиме тоа што е добро и да го подобруваме тоа што може. Има иднина под ова сонце!