Што да направите ако истурите кафе на лаптопот?
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Секојдневната работа на компјутер нè принудува да внимаваме кафето, сокот или водата што ја пиеме да биде што подалеку од уредот. Сепак, речиси нема личност што не истурила некаква течност на тастатурата или лаптопот.
Кога ќе се случи оваа незгода, најважно е веднаш да го исклучите компјутерот и да го извадите кабелот од струјата. Доколку течноста навлезе во тастатурата и стигне до внатрешниот дел на лаптопот, тоа може да предизвика краток спој и да ги оштети деловите во компјутерот. Бидејќи исклучувањето треба да биде брзо, се препорачува прескокнување на софтверското исклучување и исклучување со копчето за вклучување на компјутерот.
Потоа, доколку е можно, извадете ја батеријата на компјутерот, пишува
технолошката веб-страница „Мејк јуз оф“. Следниот чекор е впивање на целата течност што ја гледате, а за тоа ќе ви бидат потребни кујнски крпи. Потрудете се течноста да не навлезе во тастатурата, односно внимавајте да не го забрзате навлегувањето на течноста при чистењето.
Фото: Pixabay
Следува сушење на внатрешните компоненти. Доколку можете, едноставно отворете го лаптопот и исушете ја внатрешноста. Важно е да не користите фен бидејќи така може да се создаде статички електрицитет. Доколку можете, извадете ги копчињата за подобро да ја исушите тастатурата.
На крајот, оставете го лаптопот отворен, но свртете го наопаку. Најдете безбедно место каде што лаптопот може да стои отворен и поставен така што тастатурата и екранот да се свртени надолу. Важно е да го поставите така за да не се оштети екранот. Се препорачува да остане во оваа положба најмалку 24 часа.
Што потоа?
Откако сте го исушиле лаптопот, можеби ќе имате проблем со лепливите копчиња на тастатурата, но тоа може да се реши со обични влажни марамчиња. Доколку лаптопот повторно не работи, не може да се направи ништо друго освен да се однесе на сервис.
Извор:
nezavisne.com