Пандемијата откри како може дебелината да му наштети на организмот за кратко време

Пандемијата откри како може дебелината да му наштети на организмот за кратко време

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

На почетокот лекарите веруваа дека дебелината го зголемува само ризикот да станете поболни од Ковид-19, а не и шансите да се заразите. Сепак, понови анализи покажуваат дека не само што дебелината го зголемува ризикот од станување поболни и умирање од Ковид-19, туку го зголемува и ризикот од заразување, пишува американската лекарка Кејт Варни во нејзината колумна посветена на врската меѓу дебелината и коронавирусот. Прочитајте ја во продолжение.

Пандемијата на Ковид-19 уште еднаш ја изнесе на сцена дебелината, откривајќи дека таа веќе не е болест која е штетна само на долг рок, туку дека може да има уништувачки ефекти.

Нови студии и информации ги потврдуваат сомнежите на лекарите дека вирусот ја искористува болеста која моменталниот американски здравствен систем не е во можност да ја стави под контрола, а да не зборуваме за другите здравствени системи.

Неодамна Центарот за контрола и превенција на болести од САД извести дека 73 отсто од сестрите што биле хоспитализирани поради Ковид-19 биле дебели. Дополнително, неодамнешна студија покажа дека дебелината може да биде пречка за ефикасноста на вакцината против Ковид-19.

Јас сум специјалист за дебелина и лекар кој работи во здравствениот систем при Универзитетот во Вирџинија и во минатото често ги предупредував моите пациенти дека дебелината може да им одземе години од животот. Сега, повеќе од кога и да е, ова предупредување се потврдува.

Поголема штета отколку што се веруваше

На почетокот лекарите веруваа дека дебелината го зголемува само ризикот да станете поболни од Ковид-19, а не и шансите да се заразите. Сепак, понови анализи покажуваат дека не само што дебелината го зголемува ризикот од станување поболни и умирање од Ковид-19, туку го зголемува и ризикот од заразување.

Во март годинава студии забележаа хипертензија, дијабетес и болест на коронарната артерија како најчести други состојби - или коморбидитети - кај пациентите со потешка слика од Ковид-19.

Но, алармот беше вклучен од уредниците на списанието „Обесити“, кои на 1 април предупредија дека дебелината веројатно ќе се докаже дека е независен ризик-фактор за посериозни ефекти на инфекцијата со Ковид-19.

Дополнително, две студии во кои беа вклучени речиси десет илјади пациенти покажаа дека пациентите што имаат и Ковид-19 и се дебели се во поголем ризик од смрт на 21. и 45. ден, во споредба со пациентите со нормален индекс на телесна маса.

И студија објавена во септември пишуваше за повисоки стапки на дебелина кај пациенти со Ковид-19, кои се критично болни и на кои им е потребна интубација.

Станува очигледно од овие и други студии дека дебелите луѓе се соочуваат со јасна и присутна опасност.

Стигма и недостиг на разбирање

Дебелината е интересна болест. Тоа е болест за која зборуваат многу лекари, често фрустрирани што нивните пациенти не можат да ја спречат или одвратат со едноставниот план - јади помалку и вежбај повеќе.

Тоа, исто така, е болест која предизвикува физички проблеми, како што е спиечка апнеа и болка во зглобовите. Исто така, влијае врз умот и духот на личноста.

Ние, лекарите и истражувачите, веќе подолго време ги сфаќаме долгорочните последици од вишокот тежина и од дебелината. Моментално признаваме дека дебелината е поврзана со најмалку 236 медицински дијагнози, вклучително и 13 вида канцер. Дебелината може да го скрати животниот век до осум години.

И покрај тоа што го знаат ова, американските лекари не се подготвени да ја спречат и поразат дебелината. Во неодамна објавено истражување само 10 отсто од деканите на медицинските школи и експертите за наставна програма истакнале дека чувствуваат оти нивните студенти биле подготвени за справување со дебелината. Половина од медицинските училишта одговориле дека проширувањето на едукацијата за дебелината било мал приоритет или воопшто не било приоритет. Во просек било истакнато дека на едукација за дебелината во текот на целото школување во медицинските школи се посветувале само 10 часа.

Фото: Pixabay

Дебелината и Ковид-19

И сега имаме судир на епидемија на дебелина и пандемија на Ковид-19. А пациентите сè повеќе ме прашуваат како дебелината создава потешка болест и компликации од инфекција со Ковид-19?

Има многу одговори, но да почнеме со структурата.

Вишокот адипозно ткиво, кое складира маснотии, создава механичка компресија кај дебелите пациенти. Тоа ја ограничува нивната способност да вдишат и целосно да испуштат цел здив на воздух. За дишењето е потребно повеќе работа кај дебел пациент. Тоа создава рестриктивна болест на белите дробови и во посериозни случаи води до хиповентилациски синдром, кој може да предизвика личноста да има премалку кислород во крвта.

А тука е и функцијата. Дебелината резултира со вишок адипозно ткиво или нешто што го нарекуваме маснотии. Со текот на годините научниците утврдија дека адипозното ткиво е штетно само по себе.

Некои велат дека адипозното ткиво дејствува како ендокрин орган - ослободува хормони и молекули кои водат до хронична состојба на воспаление кај дебелите пациенти.

Кога телото е во постојана состојба на слабо воспаление, тоа ослободува цитокини - протеини кои се борат со воспалението. Тие го држат телото на штрек и подготвено да се бори со болеста. Тоа е добро кога се ограничени од други системи и клетки. Кога хронично се испуштаат, сепак, може да дојде до дисбаланс кој предизвикува повреда на телото. Мислете на тоа како мал, но задржан пожар. Опасен е, но не ја гори целата шума.

Ковид-19 предизвикува телото да создаде друг цитокински пожар. Кога лицето кое е дебело има Ковид-19, два мали цитокински пожари се спојуваат и тоа води до жесток пожар на воспаление кое уште повеќе ги оштетува белите дробови во споредба со пациентите со нормален индекс на телесна маса.

Дополнително, хроничната состојба на воспаление може да доведе до нешто што се нарекува ендотелијална дисфункција. Во оваа состојба, наместо да се отвораат, крвните садови се затвораат и се стегаат, дополнително скратувајќи го кислородот за ткивата.

Исто така, зголемено адипозно ткиво може да има повеќе ангиотензин конвертирачки ензим (ACE-2), ензим кој му дозволува на коронавирусот да ги нападне клетките и да почне да ги оштетува. Неодамнешна студија покажа зголемен ACE-2 во адипозно ткиво отколку во белодробно ткиво. Ова дополнително ја зајакнува хипотезата дека дебелината игра голема улога во посериозни инфекции со Ковид-19.

Па, теоретски, ако имате повеќе адипозно ткиво, вирусот може да се сврзе и да нападне повеќе клетки, предизвикувајќи повисоки нивоа на вирусно оптоварување и да остане подолго, што може да ја направи инфекцијата потешка и да го пролонгира оздравувањето.

Новиот коронавирус ја принуди медицината да се соочи со реалноста која многу американски лекари ја знаат. Кога станува збор за превенција на хронични болести како дебелината, американскиот здравствен систем не функционира добро.

Автор: Кејт Варни
Извор: Science Alert
Насловна фотографија: Pixabay