По скалилата на успехот со Ѓорѓи Јолевски: „Кога го играв Хамлет, трчав по 10 километри дневно“

По скалилата на успехот со Ѓорѓи Јолевски: „Кога го играв Хамлет, трчав по 10 километри дневно“

Подготвил: Никола Петровски

Лектор: Ивана Кузманоска

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите
 
Никогаш во ниту еден момент не сум се сомневал ниту, пак, сум се прашувал дали е тоа вистинскиот избор, ниту пак сум помислил дека би можел да бидам нешто друго. Од дете знаев дека ќе бидам актер. И бев дете-актер, вели Ѓорѓи Јолевски, едно од нашите најистакнати и најнаградувани актерски имиња.  

Во неговата над тридецениска кариера, со низата незаборавни улоги и изведби, во кои има оставено дел од себе, Јолевски е поим за актерски професионалец кој со полна пареа работи и денес. Стериина награда на фестивалот „Стериино позорје“ во Нови Сад, „Гавелина награда“ за млад актер на фестивалот Гавелини вечери во Загреб, Специјална награда за иновација во монодрамата „Монокл фестивал“ во Санкт Петербург, „Златна маска“ за најдобра улога на фестивалот Охридско лето, четири признанија за најдобар актер на Фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп... се дел од одличјата на овој наш актерски бард.
 
- Актерот мора да игра. Постојано. Да влегува од улога во улога. Ние живееме во циклуси од три месеци. Просечно толку трае создавањето на еден лик. Почнуваш од ништо и на премиера играш веќе оживеан лик кој е сосема различен од оној претходниот. И така во круг. Кога го играв Хамлет, трчав по 10 километри дневно со пакет на фитнес-вежби во траење од три часа. Инаку, не би можел да издржам на претстава која трае четири часа. Секојдневно вежби за дикција, за говорот да биде беспрекорен. Се разбира, и читање книги, слушање музика и вежби за концентрација за ментална и духовна стабилност - вели Јолевски, кој од 1999 година е дел од глумачкиот ансамбл на МНТ, а кариерата ја почнал во Драмскиот театар во Скопје.

 


Со „Битола, мој роден крај“ раскажува за колоритното детство поминато на сцена
 
Со „Битола, мој роден крај“, Јолевски распеано го почнува раскажувањето за неговото родно место и детството. Уште како дете бил, народски кажано, 100 на час, енергија што и денес може да се забележи кај него на театарската сцена. Во неговото потесно семејство немало друг што се занимава со уметност, така што тој актерски порив кај него се јавил сам од себе.
 

- Роден сум и пораснат во битолското Влашко Маало, во центарот на градот, веднаш зад театарот. Моите родители сè уште живеат таму и секоја посета на Битола ме враќа во детството. Бев многу живо дете, љубопитно, исклучително активно и со желба за откривање нови работи. Во моето потесно семејство јас сум единствениот уметник, додека имам многу роднини кои се уметници, но нив ги запознав подоцна, кога веќе почнав сериозно да планирам да се занимавам со мојата професија. Нема „виновник“ за мојата зараза со уметноста. Тоа е нешто што отсекогаш сум знаел дека ќе го работам. Се работи за порив кој не можете да го контролирате.

 
- Во прво одделение веднаш се запишав во драмската секција и ја играв главната улога во претставата „Нечистиот Тошо“. Во четврто одделение режирав претстава за патрониот празник на училиштето и играв во „Ајдучка чешма“. Веќе во петто одделение, на 10-годишна возраст, го замолив татко ми, кој беше добар пријател со Бабецот, македонската актерска легенда, да ме однесе во битолскиот театар за да играм во професионалните претстави. Мојата прва премиера беше „Македонска крвава свадба“. Го играв детето Нико, кое им даваше вода на селаните при жетва. До моето заминување од Битола на Факултетот за драмски уметности во Скопје, бев постојан член на репертоарот на Битолскиот театар, играјќи ги децата за потребите на професионалните претстави 
 
Во зима ги учев репликите потпрен на калиевата печка во театарот 
 
Битолскиот народен театар му бил втор дом. Дали тоа било претстава, проба или каква било друга театарска активност, Јолевски не пропуштал да не ја изгледа, па дури и во најстудените битолски зимски денови, потпрен на калиевата печка во задниот дел од гледалиштето, кое редовно било полно. Паралелно со училиштето играл и во младинската сцена на театарот.

 

- Првата претстава ја гледав во прво одделение во стариот Битолски театар. Бајка која ме обзеде. Мислам дека беше „Пепелашка“. Се сеќавам на шареноликоста на сцените, менувањето на боите, костимите, едноставно илузија. Мирисот на мастикс, декорот и волшебноста на самото гледалиште, црвеното кадифе, големината на ложите од втората галерија. Беше како друга планета. Подоцна играв и на младинската сцена во театарот, а кога немав претстава или проба за настап со некоја од секциите, секоја вечер бев во театарот и ги гледав претставите од репертоарот. Во зима, потпрен на калиевата печка во задниот дел, ги учев напамет репликите на актерите кои беа мои светци. На дванаесетгодишна возраст ја одиграв и мојата прва монодрама „Сергеј Есенин“ во диското „Орфеј“.
 
Како награда за прва година на ФДУ - добил улога во „Бушава азбука“
 

„Одлуката беше донесена уште кога бев дете“, вели Јолевски за изборот да студира на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Таа мисија сериозно си ја сфатил и по интензивни подготовки влегол на приемниот испит, па во октомври 1984 година и официјално станал студент на ФДУ.

 
- Подготвив четири монолози, десетина песни и цврсто бев решен да ме примат. Ме примија на ФДУ во конкуренција од шеесетина кандидати и од октомври 1984 година ги започнав подготовките за мојот професионален актерски живот како студент во класата на Слободан Унковски. Секоја секунда од студирањето за мене беше радост. Од утро до мрак во еден простор со колегите од класата, создавате ново семејство со кое ги делите емоциите, страстите, времето, просторот, интимата, сознанијата. Од дванаесет студенти на прва година, останавме само шест. Селекцијата беше ригорозна. Тие што завршивме прва година, како награда ги добивме првите улоги. Влеговме во легендарниот тим на „Бушавата азбука“.
 

- По испитот од втора година, ја добив и првата професионална улога во театар во режија на Унковски. Тоа беше улогата на Пинус во „Ништо без Трифолио“, изведена на 17 јули 1986 година на Охридско лето, во предворјето на „Света Софија“, каде што го добив и првиот аплауз на отворена сцена и првите награди за истата улога на фестивалот Гавелини вечери во Загреб и фестивалот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

 
 
Ден-денес се цитираат неговите реплики од „Викенд на мртовци“, „Тетовирање“...
 
Цанде во „Викенд на мртовци“, Гркот во „Тетовирање“ се можеби најзапаметени филмски улоги на Јолевски, со кои само го потврди својот голем актерски опсег. Тој важи за актер што студиозно се подготвува за секоја улога, губејќи се во неа, со цел на публиката да ѝ ја долови вистинската суштина на ликот што го игра.
 
- Филмот е, исто така, голема возбуда. Една од поголемите улоги ми е Цанде во „Викенд на мртовци“. Снимањето на „Тетовирање“ и улогата на Гркот ќе ги запаметам како неверојатно искуство поради снимањето во затворот во Идризово. Но најтешка за подготовка беше улогата во „Тајната книга“, каде што играв лик со 12 различни карактери. Најмногу забава имаше на филмот „Ова не е американски филм“, каде што ја играв улогата на Црни.  
 

- Без конкретна работа, актерот може да влезе во психоза која не е препорачлива. Ние живееме на работ. Мора да сме близу до него, но никако да го пречекориме. Пандемијата ми украде шест месеци од животот на сцена, но бевме толку преморени од чистење, прскање, полициски час, стресови, така што во еден момент, од полудување во изолација, почнав со интензивни подготовки на „Последната лента на Крап“ од Семјуел Бекет и проблемот се реши. Доколку мислам дека немам доволно претстави на репертоар, влегувам во некоја тема и ја преточувам идејата во претстава или проект, кој во тој момент ми е од животно значење.

фото: Приватна архива