Преку бесплатни работилници за накит сакаме да ги охрабриме лицата со попреченост и да ги вклучиме во општеството, вели Каја Милошевска од „Крик“
Целта на професионалниот тим на Центарот „Цма Крик“ е да опфати и да мапира поголем број лица со попреченост кои би се вклучиле и би ги следеле окупационо-терапевтските активности и услуги што овој центар ги нуди. Окупационо-терапевтските услуги се организираат и се спроведуваат во зависност од индивидуалните потреби и желби на корисниците
Центарот за младински активизам КРИК -
ЦМА Крик е младинска организација која е основана од млади луѓе и постои 10 години. Главен фокус е работа со млади и возрасни лица со и без попреченост. Центарот за окупациона терапија е оформен со мисија и визија да понуди услуги во заедницата за лица со разни видови попречености. „Цма Крик“ воспостави и Дневен центар за окупациона терапија кој е наменет за корисници над 18-годишна возраст. Организираат и бесплатни работилници на кои се изработуваат алки, ѓердани, прстени и обетки. Сите парчиња се изработени од страна на млади девојки со и без попреченост.
Девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството
- Вработените во центарот се стручни и имаат искуство во работа со лица со попреченост, и тоа окупационен терапевт, физиотерапевт и психолози. Целта на професионалниот тим на центарот е да опфати и да мапира поголем број лица со попреченост кои би се вклучиле и би ги следеле окупационо-терапевтските активности и услуги што овој центар ги нуди. Окупационо-терапевтските услуги се организираат и се спроведуваат во зависност од индивидуалните потреби и желби на корисниците. Учеството во активностите во центарот е бесплатно - нѐ информира Каја Милошевска, која е дел од центарот.
Како што ни сподели таа, проектот „Еднакви можности за девојчињата и младите жени во Северна Македонија“ го спроведуваат Националниот младински совет на Македонија и Мрежа Стела со финансиска поддршка од страна на Британската амбасада во Скопје. Целта на проектот е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството, да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на донесување одлуки на локално и на национално ниво. Целта на активностите во овој проект е поттикнување финансиска независност на млади девојки со и без попреченост преку градење на нивните капацитети за вклучување во пазарот на трудот.
Вклучените девојки да имаат поголема финансиска независност
- Во проектот „Работилници за изработка на накит од мониста“ се вклучени млади девојки. Групата е хетерогена и е составена од лица со и без попреченост. Работилниците за изработка на накит од мониста се од отворен карактер и може кој сака да се приклучи, но најчесто на една работилница учествуваат од 6 до 10 млади девојки. Активностите се започнати од 15 август и ќе траат до 15 ноември - сподели Каја.
Целта на овој процес е зајакнување на вештините и потенцијална финансиска независност.
- Ние сакаме девојките што се вклучени да имаат еден вид финансиска независност и да ги мотивираме големите корпоративни бизниси да им даваат можност и работни позиции на лицата со попреченост. Сметаме дека засега сме на добар пат и дека поддршка имаме многу од вас медиумите и други организации - посочува Милошевска.
Мултифункционалниот центар е оформен со мисија и визија да понуди услуги во заедницата за лица со разни видови попречености. „Цма Крик“ воспостави Дневен центар за окупациона терапија кој е наменет за корисници над 18-годишна возраст.
- Центарот работи од понеделник до петок (од 9 до 17 часот), а корисниците имаат можност да го посетуваат два до три пати во неделата, по неколку часа - додава Милошевска.
Бесплатни работилници
Учеството во активностите во центарот е бесплатно, а цел е да воведат и други активности во самиот центар и да ги поканат сите млади што се заинтересирани да дојдат и да волонтираат.
- Сите работилници што се одржуваат во центарот им носат бенефит на сите корисници. Работилницата со мониста е добра за меките моторички движења, координација, организација, точност и подобрување на благосостојбата кај корисниците. Во иднина би сакале целиот овој проект да го издигнеме на повисоко ниво и да вклучиме многу други млади да ја искажат својата креативност и заинтересираност не само на овие работилници, туку и во самите активности во центарот за окупациона терапија. Сакаме да воведеме и други активности во самиот центар и да ги поканиме сите млади што се заинтересирани да дојдат и да волонтираат. Сите заедно да ги охрабриме лицата со попреченост и да ги вклучиме во едно инклузивно општество - истакнува Каја.
Нивниот рачено изработен накит од мониста може да се најде во самиот Центар за окупациона терапија „Крик“, кој се наоѓа во рамките на месната заедница Црниче, на ул „Св. Наум Охридски“, бб, 1000 Скопје. Исто така, накитот, може да го пронајдат и нивните социјални мрежи Инстаграм и Фејсбук „
Крик на младите“.
Фото: приватна архива