Институт за хемија: Без итните вработувања нема да почне новиот семестар!

Институт за хемија: Без итните вработувања нема да почне новиот семестар!

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Ги побаравме тие шест вработувања што се нужни за основно функционирање на практичната настава на Институтот за хемија, вели проф. д-р Марина Стефова, раководителка на Институтот

Нема да почне вториот семестар на Институтот за хемија во Скопје ако не им се одобрат ургентните вработувања што им ги ветија ресорните министерства. Вработените на Институтот сè уште ги чекаат ветените работни места за да може институцијата да профункционира. Помина еден и пол месец по јавниот протест на вработените и студентите, а вработувања нема. Во меѓувреме редовните професори повторно облекоа бели мантили и им држат лабораториски вежби на студентите заедно со асистентите и демонстраторите.

Фото: Борче Поповски

Вработените и студентите на Институтот при Природно-математичкиот факултет во Скопје се првите од високообразовна институција во земјава што јавно излегоа на протест за да го искажат незадоволството и да посочат на проблемите со недостигот на кадар и лошите услови за работа и студирање. Проф. д-р Марина Стефова, раководителка на Институтот, вели дека протестот на 22 октомври беше нивниот крик за помош.

- Сè уште сме во очекување на одлуката од Министерството за финансии да даде согласност за бараните места - два асистента и четири виши лаборанти. Од нас беа побарани дополнителни пресметки, пополнување на табели со податоци за буџетски ефекти и сл. Одговоривме на сите барања и очекуваме конечно да добиеме позитивен одговор и да продолжиме да работиме вредно и понатаму, но со неопходниот човечки капацитет - вели Стефова.

Последниот асистент бил вработен пред 8 години

Таа објаснува дека Институтот за хемија оваа академска година е во критична состојба со кадар за реализација на практична настава. Повеќе години наназад тие бараат места за вработување преку факултетот, Ректоратот на Универзитетот до двете надлежни министерства - за образование и наука и за финансии.
- На барањата немаше одговори и стасавме до оваа ситуација. Последното, означено како „барање за ургентно вработување“, беше пратено летово, на крајот од август до Ректоратот на УКИМ, а потоа проследено до министерствата. Ги побаравме тие шест вработувања што се нужни за основно функционирање на практичната настава на Институтот за хемија, а да не зборуваме и за потребите на научноистражувачката и апликативната дејност - вели Стефова.


Проф. д-р Марина Стефова

Во моментот на Институтот за хемија има 20 наставници (15 редовни професори, 4 вонредни професори и 1 доцент), 4 лаборанти и 1 библиотекар, а 3 демонстратори се ангажирани со договор за оваа академска година. Последниот асистент бил вработен пред 8 години (тој е веќе доцент). Проблемот со практичната настава во изминатите години го амортизирале со ангажирање волонтери од редот на магистрандите, а во последните две години (според новиот Закон за високо образование од 2018 година) се ангажирани демонстратори.

- Но, тоа не е трајно решение за обезбедување подмладок! Од ангажираните демонстратори треба да се профилираат асистенти, кои ќе добијат постојани позиции и ќе продолжат активно со наставната и научната дејност, а не да се обучат и да си заминат. Оваа година беше мал интересот и за демонстратори бидејќи дипломираните хемичари веќе лесно си го наоѓаат местото на пазарот кај нас и во странство и не се подготвени да работат како демонстратор без никаква надеж за добивање позиција на асистент на факултетот - децидна е Стефова.

„Оваа состојба не е нормална!“

Професорите на Институтот за хемија се обидуваат да ја реализираат практичната настава и во овие околности со преземање повеќе наставни обврски. Покрај предавањата, тие се активно вклучени во реализација на нумерички и лабораториски вежби. Обврските на професорите се значително зголемени. Некои од нив имаат секојдневни наставни ангажмани, што се одразува на научноистражувачката и апликативната дејност. Невозможно е да работат со магистранди, докторанди или, пак, на проекти...
- Оваа состојба не е нормална! За нормално функционирање на една високообразовна и научноистражувачка институција е неопходен подмладок, кој ќе се негува и развива во текот на годините и ќе ги помине сите стадиуми, а професорите ќе го споделат своето знаење и искуство и со студентите и со младите соработници за да се обезбеди континуитет и напредок - вели Стефова.



Од Институтот, сепак, се надеваат дека деновиве ќе добијат позитивен одговор на барањата за вработувања и тоа веднаш, пред формирањето техничка влада и влегувањето во предизборен период.

- Ако тоа не се случи, Институтот за хемија нема да биде во состојба да организира редовна практична настава во следниот семестар. И покрај сета добра волја и ентузијазам на наставниот кадар, проблемот со недостигот на подмладок повеќе не може да се компензира! Нужно е да се вработат млади луѓе на Институтот за хемија за доброто на студентите, но и за оваа земја, бидејќи квалитетни хемичари и истражувачи се неопходни за доброто на сите нас! Ние сме препознатлива институција по едуцирањето квалитетни хемичари и продукцијата на меѓународно препознатливи резултати од научноистражувачката работа и богата меѓународна соработка, и токму затоа се бориме тоа да продолжи - вели Стефова.