„Бинтерн“ е македонскиот „Линкдин“, ги поврзува студентите со компаниите

„Бинтерн“ е македонскиот „Линкдин“, ги поврзува студентите со компаниите

Подготвил: Сања Јачевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Очекуваме во иднина „Бинтерн“ да прерасне во платформа, односно решение кое ќе им помага на милиони студенти од светот да ја започнат својата кариера. Во моментот платформата има повеќе од 2.500 регистрирани студенти и дипломци, околу 120 компании и околу 130 огласи, вели Димитар Митревски, основач на платформата

„Бинтерн“ е платформа во Македонија која ги поврзува студентите и дипломците со компаниите за пракса и вработување.
Целта на платформата е да им овозможи на студентите побрз и поедноставен начин на започнување на својата кариера преку поврзување со компании за пракса и работа.
Досега има над 40 успешни приказни, над 110 регистрирани компании и повеќе од 20 огласи секој месец. Регистрирани се околу 2.500 студенти и дипломци од различни струки кои се спремни да ја започнат нивната кариера. Основач на платформата е Димитар Митревски.

Како се јави идејата за „Бинтерн“... Што Ве иницира да ја основате платформата?

- Идејата за „Бинтерн“ се појави уште од прва година на факултет, кога на крајот од студиската година според програмата е предвидено задолжително секој студент да присуствува на пракса во некоја компанија. Кога дознав за ова и ми беше даден лист од студентски прашања кој требаше да биде пополнет со активностите што би ги изведувал на пракса, тогаш ми се појавија многу прашања, каде да барам пракса, кои се тие компании што ја нудат и се отворени за студенти. На тој начин дојдов до идеја дека нешто треба да се смени, имав среќа што учев на факултет за информатика во Битола, па имав добра почетна точка за развој на решение за проблемот. Покрај тоа што студирав информатика, на нашиот факултет започнуваше повик за акцелераторска програма за стартапи, т.е. формирање мали компании и јас се пријавив со „Бинтерн“ како решение кое ќе ги надмине проблемите на барање пракса и идна работа на студентите.


Димитар Митревски
На кој начин функционира платформата?

„Бинтерн“ функционира на едноставен начин, замислете два брега и меѓу нив река. На едната страна од брегот се компаниите што се во потрага по студенти и дипломци, а на другиот брег се студентите и дипломците. Мостот помеѓу тие два брега е „Бинтерн“, платформа, односно дигитална алатка која ги поврзува компаниите со студентите и дипломците. Сите студенти и дипломци што се регистрираат на платформата креираат свој професионален профил, со основни информации, вештини, каде студираат, која година се на студии, што сакаат да работат и, исто така, поставуваат своја биографија. Од другата страна се компаниите, кои креираат профили на платформата и ги внесуваат сите свои релевантни информации со цел студентите и дипломците да се запознаат со нив и нивното работење. Она што е иновативно за платформата е директното поврзување, односно секоја компанија на платформата може да пребарува и да комуницира со регистрираните студенти и дипломци, и обратно.



Какви искуства бележи досега платформата? Какви повратни реакции добивате од корисниците?


- Од самиот почеток бележиме низа позитивни искуства. Во моментот платформата „Бинтерн“ има повеќе од 2.500 регистрирани студенти и дипломци, околу 120 компании и околу 130 огласи. Во однос на повратните реакции, во голем дел се позитивни, секако, тука се и насоките за подобрување на кои обрнуваме посебно внимание. Исто така, вредно е да се спомене дека повеќе од 40 луѓе ја започнале својата кариера благодарение на платформата. Нашите очекувања се во иднина „Бинтерн“ да прерасне во платформа од типот и големината на „Линкдин“, односно решение кое ќе им помага на милиони студенти од светот да ја започнат својата кариера.

На каков одѕив наидовте и од компаниите и од студентите? Какви е Вашата соработка со универзитетите?

- Како што спомнав, имаме добар одѕив од компаниите, секако, потребно е повеќе компании да ги отворат вратите за студентите со оглед на тоа што тие се нивните идни вработени. Од страна на студентите имаме солидна бројка, но повеќе е секогаш подобро. Во оваа пригода би ги повикал сите студенти и компании да се вклучат во платформата и да започнат со поврзување.
Веќе соработуваме со неколку универзитети и факултети: Универзитетот „Св. Апостол Павле“ - Охрид, Универзитетско студентско собрание при Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола, Универзитетот „Американ колеџ“ - Скопје, Градежниот факултет - Скопје, Факултетот за електротехника и информациски технологии и многу други соработки кои се во тек на потпишување.
Она што особено нѐ радува е отвореноста и достапноста на универзитетите и факултетите за соработка со платформата.



Во каква платформа сакате да прерасне „Бинтерн“?

- Во однос на амбициите и очекувањата, на иста линија сме, наш таргет е светот, односно да бидеме од рангот на добро познатите светски платформи за кариера како „Линкдин“. Вo врска со нашите тенденции во каква платформа би прераснале, можам да кажам дека нашата визија е да бидеме платформа број 1 во светот што ќе им помага на младите луѓе да започнат кариера. Младите луѓе што се во потрага по пракса и работа да ја посетат платформата, а на оние што размислуваат да започнат сопствен бизнис, да го направат тоа бидејќи ние, младите, сме сегашноста, а не иднината.

Фото: приватна архива