Нова година - нови предизвици, шанси и можности. Ќе умееме ли да ги искористиме за вистинската цел?

Нова година - нови предизвици, шанси и можности. Ќе умееме ли да ги искористиме за вистинската цел?

Се крена многу прав околу најавената реформа во основното образование. Нештата се обелоденија, се стекна впечаток некако наеднаш, иако лично сметам дека за зафати кои се во интерес на здравјето на вака сериозно и долготрајно заболен организам каков што е образованието, каков и да беше пристапот, правот ќе беше неизбежен…

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште


Тукушто започна и пред нас се распосла нов период на предизвици, можности и шанси, кои со оглед на досегашните резултати и воспитно-образовни трендови, за кои многу сум зборувала и пишувала низ годините, навистина треба така и да се сфатат – како време на неопходни промени. Оние толку важни промени кои најпосле ќе подразберат вистинска, соодветна, поинаква клима во која образованието како базичен систем, на кој почиваат сите други сфери во едно општество, навистина ќе го добие новиот лик и најпосле ќе се врати на заслуженото место, на пиедесталот на сферите од кои зависи сè што понатаму се создава, гради и надградува.

Ќе започнам со тоа што ќе речам дека последниве недели од старата, мачна и тешка година по сите основи поминаа во една тензична и мошне истоштувачка атмосфера на меѓусебни недоразбирања, обвинувања, препукувања, нагласени поделби и низа слични модалитети на комуникација, кои за резултат немаа искреиран простор за конструктивна соработка и професионален воспитно-образовен напор за изнаоѓање заедничко решение. Напротив. Се создаде атмосфера која ги покажа уште еднаш сите слабости на самиот систем, но и она многу поважното – слабостите врзани за фелата, која не успеа да излезе од стегите на по различни основи личните светогледи и ограничувања поради кои не се здогледа поголемата слика и многу поважната компонента – колективниот дух кој мора да се потпира на иста цел: децата како најважни во приказната.

Нејсе. Се крена многу прав околу најавената реформа во основното образование. Нештата се обелоденија, се стекна впечаток некако наеднаш, иако лично сметам дека за зафати кои се во интерес на здравјето на вака сериозно и долготрајно заболен организам каков што е образованието, каков и да беше пристапот, правот ќе беше неизбежен. Поради профилот на оние што го креваат, секако. Би рекла, пред сè, сакале да признаеме или не, поради самите причинители на заболувањето, кои истовремено се и пациенти кои губат од вид дека образованието е истовремено и причина и последица и дека секое одложување значи само едно: зафаќање и на здравото ткиво, колку и да останало. За жал, не останало многу, како што гледаме.

Како течеше расправата? Пред сè, се чини дека „конверзацијата“ излезе од рамката на базичните формати на пристојност, а потоа и на конструктивна дебата, на соочување на професионални мислења и ставови и сериозна желба да се даде придонес во правец на изнаоѓање решенија, кои веќе еднаш ќе го подобрат нашиот воспитно-образовен статус. Двете страни – надлежните и наставниците - се гледаа и сè уште се гледаат преку нишан, со напомена дека првите како да избраа ров, а вторите рафална стрелба, што по никаква основа не може да се нарече битка за доброто на образованието. Многу нешта се кажаа, многумина ги изговорија истите и сите се декларираа за повикани (се извинувам, но дел од нив се и оние кои фелата никогаш досега не ги слушнала низ годините да се произнесат како сега - посветени апологети на образованието, особено во периоди кога нему, кутрото, толку многу му требаше поддршка) многу несоодветни артикулации на изговор се избраа, многу изблици на лошо насочена енергија се пласираа, многу нешта се деформираа и конечно, многу нешта се изгубија како можни решенија.

Што се случуваше со надлежните, пред сè? Излегоа со конструкцијата на идниот концепт на основното образование, на кое, како на темел врз кој се надградуваат наредните образовни нивоа, сите се сложуваме, сериозно му се потребни резови кои ќе го ревитализираат. Сите ние што работиме со средношколци и студенти подоцна, знаеме за што се работи и зошто е тоа така. Меѓутоа, се пристапи на начин кој наместо соработка, поддршка и партнерство, продуцира досега невидена реакција и тоа токму „на невидено“. Би рекла, она што прво се покажа како сериозен недостаток е недоволниот и ненавремениот проток на валидни информации, што остави сериозно огромен празен простор за манипулации, сеење страв и недоумица околу тоа што ќе се случува. Не помогнаа повиците за вклучување во чекорите. Не помогнаа ниту обидите на стручните лица-креатори на концепцијата јавно да објаснат за што се работи и дека се отворени за ставови и мислења - се здобија со квалификативи кои деградираат и ги посочуваат како некомпетентни. Секој обид се оквалификува како погрешен и доби статус на „ова ли е јавна расправа“. Не помогнаа обидите за смирување на разгорениот огин на недоверба. Добриот и, според мене, во основа коректно осмислен зафат, секако со отворени опции за ревизија и подобрување на аспектите кои, се гледа, тоа го бараат за да го добијат потребниот квалитет, се соочи со неприфаќање и отпор кои тешко можат да доведат до финален резултат: реформски зафат кој сите ќе го почувствуваат како потребен, реален и издржан.

Што се случуваше со чинителите во сферата на образованието – наставниците? Се позиционираа во гард кој предизвика низа дилеми - Ќе се остане ли без часови? Ќе се изгубат ли одредени предмети со спојувањето на повеќе од нив во еден? Се брише ли историјата? Зошто сега баш? Што има во заднина? Кој ќе ги предава предметите? Кој бил прашан за ова и како биле избрани тие што биле прашани? Зошто сите не биле прашани? Кои се тие неколкумина што ќе решаваат и кој им го дал тоа право? Веќе длабоко етаблираните поделби меѓу наставниците, кои за жал имаат сосема поинаква и за образованието погубна основа – политиката, само дополнително ја влошија состојбата и придонесоа нова рафална стрелба со статус на имплозија, која дефинитивно ја потврди причината за состојбата во која образованието се наоѓа. Од толкавата бучава не се остави можност за сослушување и размена на ставови. Кој било понуден формат за комуникација се доживеа како закана, како погрешен чекор, како несоодветен избор однапред осуден на неуспех. Доколку и некој, би рекла, попозитивно поставен и оптимистички поставен претставник на фелата направеше обид да повика на трпение, да објасни дека она што е неопходно, пред сè, е сфаќањето на големината на потребата од промени, а потоа и на потребата со ладна глава да се разгледа она што концептот го подразбира и нуди, она што следуваше, а кое не знам со кои зборови да го опишам, не го извади на површина оној прекрасен фундамент на нашата професија, како непобитен факт: образованието не е статична категорија и мора да се менува. Со него, и ние како наставници. Ако не се сложуваме, можеби сепак е и до нас – се плашиме ли? Зошто? Од што? Навистина, од што, всушност?

Што требаше (и сè уште можат) да сторат надлежните? Да направат длабока анализа на состојбите во образованието, па потоа да прават резови. Ама навистина длабока анализа. Да видат какви се темелите и на што треба да градат, оти во основа, мислам дека не знаат. Инаку не знам зошто толку би биле изненадени сега кога се соочуваат со ваков отпор. Би виделе зошто една Финска или една Кореја, на пример, се толку далеку од нас. Би здогледале, се надевам, колку е точна премисата дека квалитетот на образовниот систем никогаш не може да биде поголем од квалитетот на образовниот кадар. Затоа што така би се потсетиле, оти сум сигурна дека тоа го знаат, и дека една Финска, на пример, има селективен систем кој ги филтрира само најдобрите кандидати и во кој за неписмените нема место (да потсетам, се селектираат кандидати за професијата наставник во рамките на 10% најдобри ученици, а при селекцијата особено внимание се посветува на академските резултати, на комуникациските способности и мотивираноста да се биде наставник. Доколку влезе во системот, а не ги покаже очекуваните резултати, наставникот излегува од него, без пардон). Секако, ќе се потсети и дека една Финска, на пример, има државна политика која води сметка за статусот на професијата – почитуван наставник, со изграден и сочуван професионален дигнитет е и наставник кој многу вложува и подоцна ги гледа ефектите од тој влог – успехот на децата. Конечно, не може да се очекува осет за потребата од подобар и конструктивен дијалог ако самиот наставник не сака, не може или не гледа потреба да биде подобар во систем кој не го научил дека од него тоа се очекува, нели? Конечно, надлежните навистина мора да поведат сметка за тоа дека треба да градат систем за кој учењето е нормален и единствен приоритет и дека единственото учење е она што е поттикнато од страста. Дека треба да овозможат наставни планови кои повеќе ги вреднуваат прашањата отколку одговорите, повеќе креативноста отколку фактите, повеќе индивидуалноста отколку униформноста и повеќе извонредноста отколку стандардизираните резултати. Дека реформата ќе биде можна ако наставникот е респектиран, автономен во професијата, но пред сè, поставен пред децата само и само од една причина: затоа што покажал дека тоа го заслужува и поради ниту една друга причина.

Што требаше (и сè уште можеме да сториме) ние, наставниците? Да застанеме малку и да се погледнеме. И себеси, и меѓусебно. Ама навистина да се погледнеме. Она што ќе го видиме ќе ни го даде одговорот на прашањето кое е многу важно: Што сакаме ние, всушност? Толку многу време копнееме по промени, ги очекуваме, ги посакуваме. Но, во моментот кога ќе стане извесно дека се на повидок, ете нè како вџашени, навредени, исплашени и нетрпеливи маваме со сета муниција со која располагаме. Тогаш забораваме дека ако некој модел го гледаме во друга држава, ќе делиме аплаузи и воздишки колку се пред нас, но кога тоа ќе се „закани“ да се воведе кај нас, тогаш таа можност станува и останува само тоа – закана. Токму како некој што не умее да пука, но пука оти смета дека знае каде е метата и зошто треба да ја погоди. Така, битката очекувано се преселува и меѓу нас – едните се за, другите се против. Двајцата, во основа без доволно јасна слика за што се работи, но двајцата (пак се извинувам, но вториве особено) со едно нешто многу поважно од секоја реформа која се заканува: со ниво на комуникација која е (барем би требало да е така) недозволива за некој што воспитува и учи. Многу професионална сила ќе ни треба, оти да, изморени сме. Не е веќе ниту важно од каде ќе ја црпиме силата, затоа што со време некако ослабнаа сите поттици, сите мотиви што можат да нè раздвижат, точно е. Сите, освен оној еден – дека некому сме му потребни. На децата. Заради нив треба да се смениме. За да можеме да им објасниме зошто промените се важни и неизбежни. Затоа што она на кое мораме да ги научиме е можеби најважната лекција: Начинот на кој ги гледаат, разбираат и прифаќаат промените во животот, секогаш е начинот кој го дефинира нивното однесување во светот во кој ништо не е неменливо.

Да, точно е. Пред нас е новата година - нови предизвици, шанси и можности. Ќе умееме ли да ги искористиме за вистинската цел?