Таква фигура на 20 век како Блаже Конески немаат ни поголемите нации, науки и земји, вели Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Таква фигура на 20 век како Блаже Конески немаат ни поголемите нации, науки и земји, вели Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура

Подготвил: Весна Дамчевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Весна Мојсова-Чепишевска е директорка на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура и редовна професорка на Катедрата за македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Како една од најрелевантните институции кога станува збор за македонскиот јазик, Семинарот е дел од националната платформа за одбележување на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески во текот на целата 2021 година. Таа искрено многу се радува што одбележувањето на овој исклучителен јубилеј на великанот започнува уште во јануари.

Со какви новини ќе ја започнете новата или Блажевата 2021?

- Замислете, само што заодевме во новата година и веќе еве ни голем настан, првата Зимска школа што произлезе од годишната програма за 2021 на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура. Имено, оваа иницијатива за националната платформа, со цел да се усогласат сите проекти и настани предвидени на национално и на меѓународно ниво во чест на великиот Конески, доаѓа од Министерството за култура и Министерството за образование и наука. И во тој контекст нашата заложба првпат да организираме зимска школа во рамките на Семинарот одлично се вклопи во целокупната национална платформа. И така по 53 летни школи, во годината на Конески еве ни ја и првата зимска школа.



Често велите дека чувствувате еден вид потреба да му се оддолжите на Конески, кој ете имал свој влог и учество во покренувањето и обмислувањето на тогаш т.н. Семинар за македонски јазик во далечната 1967 г. Дали досега доволно сме му се оддолжиле?


- Јас лично, но и сите ние што излеговме од неговата капа, како некогашни студенти, а сега универзитетски професори, чувствуваме потреба на некој начин да му се оддолжиме, но не еднократно, само по овој голем повод, туку постојано. Впрочем, и самиот факултет со гордост го носи неговото име, а годинава тој ќе ја слави и 75-годишнината од првиот час на македонски јазик на една високообразовна институција. Како прв човек на Семинарот, сакам да му се оддолжам со мојот ангажман преку сето она што планираме да го направиме: зимска школа, летна школа, меѓународна научна конференција и тркалезна маса на тема: „Блаже Конески во наставата по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети“, на која покрај нашите лектори, ќе учествуваат и професорите што предаваат македонистика на странските универзитети. А дали сме направиле доволно досега? Мислам дека за еден таков великан никогаш не е доволно и не треба да биде доволно она што сме го направиле (ако сме го направиле). Она што го направија неговите современици го продолжуваат неговите следбеници и треба да го продолжат следбениците на неговите следбеници. Таква фигура на 20 век како Блаже Конески немаат ни поголемите нации, науки и земји. Зашто Конески е и неприкосновен во она што го направи и на полето на науката на јазикот, особено преку граматиката и историјата на македонскиот јазик, преку речниците, и на полето на науката за книжевноста, но и во самата книжевност преку својот автентичен поетски глас како дел од современата македонска, но и европска и светска поезија, но и на полето на преводот/препевот. Така што Конески е вечен оган, вечна инспирација!

Колку е важно во ова време на негирања на македонскиот културен и јазичен идентитет приказната за посебноста на македонскиот јазик да се шири низ светот?

- Ако за такво нешто на почетокот на минатиот век бил свесен и големиот Мисирков, мислам на неговиот научен став за посебноста на македонскиот јазик, како може некои денес во 21 век да го негираат неговото постоење и неговата посебност од останатите (јужно)словенски јазици. Уште некаде во 1948 г., Блаже Конески ќе констатира: „Нашиот јазик се кове најмногу во ковачницата на преведувањето“. И ние на тоа работиме преку сите активности на Семинарот, преку лекторатите и преку студиските програми по македонски јазик на странските универзитети. Зашто за да го ковеме и исковеме, потребни се сериозни македонисти, големи познавачи на македонскиот јазик, литература и култура, вљубеници во македонскиот збор, добри и сериозни преведувачи. Токму таква ковачница е овој семинар. Затоа воопшто не е претерано кога кажувам јасно и гласно дека на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура треба да гледаме како на вистински продолжувач на она што го започнаа и Пулевски и Мисирков. Од нив започна сериозно да се испишува таа приказна и да се кажува и прераскажува. И таа трае и трае. Затоа недолично е да се негира нешто што е признато и познато, а тоа е македонистиката на мапата на светската славистика, но и балканистика. А ако некому не му се допаѓа ова, тогаш ние сме тука постојано да им (у)кажуваме, па и здраво (научно) да ги прекоруваме.



Кажете ни нешто повеќе за овој вистински влог во отпочнувањето на прославата на овој голем јубилеј?


- Првата зимска школа ќе се одвива десет дена на далечина (онлајн) преку зум-платформата, од 25 јануари до 5 февруари, а ќе се отвори со пригодни обраќања на претседателот на државата, Стево Пендаровски, и на ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски. Имаме најава и за обраќања од министерката за образование, како и на министерката за култура. Наставата ќе ја изведуваат: Борче Арсов, Биљана Стојановска, Гордана Алексова, Бојан Петревски, Бобан Карапејовски, Елена Ѓорѓиовска, Роза Тасевска и Јован Ковачевски, како и јас. Лекторските часови ќе бидат организирани за слушатели на сите нивоа на познавање на македонскиот јазик. Тоа значи дека ќе работиме со полна пареа за почетно, средно и напредно ниво на познавање на јазикот, а напреднатото ниво ќе има свои три поднивоа (за јазик, за преведување и за литература). Напреднатото ниво за преведување и литература ќе работи врз текстови од книжевното творештво на Конески. Притоа овие преводи ќе се публикуваат како посебно издание. За своето учество посетителите ќе добијат и уверение, со што ќе влезат во историјата како први учесници на една ваква школа.

Колку е важно формирањето на еден ваков семинар, за чие основање се залагал и самиот Конески, како и Владо Малески, кој бил дел од Комисијата за културни работи со странство во тогашната држава?

- Конески имал свое сериозно учество во покренувањето и обмислувањето на тогаш т. н. Семинар за македонски јазик во далечната 1967 г. Самиот тој во познатата книга „Разговори со Конески“ вели дека идејата за формирање на еден ваков семинар повеќе ја форсирал Владо Малески. Кон оваа идеја потоа се приклучува и самиот Конески и со своите размисли дава сериозен придонес. И во тоа свое сеќавање тој вака поентира: „...времето покажа дека има смисла и таа форма, бидејќи тие семинари дадоа свои резултати“ и дека „оваа форма на дејствување покажува дека врските со светот на културен план се многу важни за една нација од она што таа нација ќе ја чини во материјални средства“ (Конески цитиран според Цане Андреевски). Во втората статија „Има ли потреба за македонски национални научно-литературни другарства?“ од култната книга „За македонските работи“, Крсте Петков Мисирков причините за одделувањето на Македонците во македонско друштво ги наоѓа во „употребувањето на нашите умствени сили за изучувањето на себеси, како членови на една татковина и еден народ“. Затоа, вели Мисирков: „За да се достигне таа цел, требало да се состави одделно друштво од лица за кои изучувањето на Македонија во етнографски, географски и историски однос има првостепено значење, а такви лица сме ние Македонците.“ Значи потребата од вакви другарства (било) е заради изучување на Македонија, а тоа значи изучување на нејзиниот јазик, литература, култура, историја. Впрочем, ние на овој Меѓународен семинар можеме да гледаме и како на еден природен наследник на ова другарство за кое се залагал Мисирков. Значи тоа што како идеја започнала да живее на почетокот на 20 век вистински се реализирала во средината или поточно во 1967 и еве трае и трае нешто повеќе од 50 години.



Какви резултати дава Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура?


- Семинарот даде околу 4.500 досегашни учесници од 50 земји во светот, меѓу кои се наоѓаат имињата на истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, фолклористи, етнолози, археолози, научници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик по универзитетите во светот. Најголемите меѓу нив се големите македонисти: Виктор Фридман од САД, Рина Усикова и Ала Шешкен од московскиот Ломоносов, Иван Доровски од Универзитетот во Брно (Чешка), Јан Соколовски од Полска, Златко Крамариќ од Хрватска, Кристина Крамер од Канада, Волф Ошлис од Германија, Лех Мјодински од Полска, Горан Калаѓера и Борислав Павловски од Хрватска, Намита Субиото од Словенија, Фроса Пејовска-Бушеро од Франција, Даниела Костадиновиќ од Србија... Оваа традиција е вградена во постоењето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Така се здобивме со голем број културни амбасадори, поддржувачи и верни пријатели во светот. Нашата мисија продолжува во духот на досегашната дејност за создавање пријатели и лобисти на Македонија, кои ќе ги пренесат и ќе ги претставуваат македонскиот јазик, литература и култура во своите земји.

Имате пријавено сериозна бројка од над 50 слушатели од дури 15 земји, најголем број од регионот, како Грција, Турција, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Унгарија, Чешка, Полска, Франција, Италија, но и од САД и Канада, а првпат по долго време и од Велика Британија. На што се должи овој огромен интерес?


- Мора да признам дека и мене ми импонираат овие бројки! Сепак, зимска школа ќе се случи во време на пандемија и кога веќе по малку сме изморени од следење настани и учење на далечина. Овој интерес е и благодарение на вложеноста на нашите лектори: Биљана Стојановска (Риека), Златко Панзов (Будимпешта), Марина Цветаноска (Истанбул), Ѓоко Здравески (Париз), Моника Илкова (Ниш), како и на професорите македонисти и слависти на странските универзитети. За жал, не можевме да ги обезбедиме семинаристите од другите континенти, оние што редовно ни доаѓаат од Кина и Јужна Кореја, како и од САД и Канада, поради временската разлика. Сепак, некои од нив се зафатија со предизвикот и во тоа нивно (несоодветно) време да ја следат лекторската настава. Интересот, пак, од Велика Британија доаѓа од заложбата на професорката Ана Илиевска-Завршник, која е дел од тимот на вечерни курсеви по македонски јазик при Универзитетскиот колеџ во Лондон. Така што овој пат имаме и двајца Британци. Пријатно изненадува и интересот од Грција, и тоа едниот кандидат го добивме преку лекторската настава на Универзитетот за ориентални студии ИНАЛКО во Париз, а другиот веќе станува и редовен учесник на семинарските школи и е преведувач од македонски на грчки јазик.