Американец доби срце од генетски модифицирана свиња
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Американец стана првиот човек во светот на кој му е трансплантирано срце од генетски модифицирана свиња. Дејвид Бенет (57) се чувствува добро по експерименталната операција во Балтимор, која траела седум часа, пренесува Би-би-си.
Трансплантацијата била последна надеж за спас на животот на Бенет, иако не се знае колкави му се шансите за долг живот по процедурата. Докторите во медицинскиот центар при Универзитетот на Мериленд добиле дозвола од регулаторните тела да ја направат операцијата бидејќи Бенет немал друга опција. Поради лошото здравје, Бенет не можел да биде ставен на листата за трансплантација на срце од починат донор.
Се проценува дека 17 луѓе дневно умираат во САД чекајќи срце од донор. Затоа, новата процедура би можела да ја смени играта и да ги зголеми шансите за преживување на пациентите.
Претходно биле трансплантирани други животински органи на луѓе. Во октомври минатата година хирурзи во Њујорк успешно трансплантирале бубрег од свиња на човек, но на пациентот му била прогласена мозочна смрт и немал шанси за преживување и покрај операцијата.
Меѓутоа, Бенет се надева дека неговото ново срце ќе му овозможи да го продолжи животот. Тој преживувал со машина и бил во болница 6 недели пред операцијата откако му била дијагностицирана терминална срцева болест.
Свињата која била искористена за трансплантацијата била генетски модифицирана за да нема повеќе гени кои би довеле до отфрлање на срцето од телото на Бенет.
Извор:
BBC
Фото:
University of Maryland Medical Center