Како недостатокот на витамин Д може да доведе до автоимуни болести
Студија на Универзитетот „Мекгил“ објаснува зошто дефицитот на витамин Д рано во животот е поврзан со поголем ризик од појава на автоимуни болести.
За време на детството, тимусот (градна жлезда) помага да се обучуваат имуните клетки да прават разлика помеѓу сопствените ткива на телото и штетните напаѓачи. Недостатокот на витамин Д во таа фаза од животот предизвикува тимусот да старее побрзо, откриваат истражувачите.
-Тимусот кој старее води до „пропустлив имунолошки систем. Ова значи дека тимусот станува помалку ефикасен во филтрирањето на имуните клетки кои по грешка би можеле да ги нападнат здравите ткива, зголемувајќи го ризикот од автоимуни болести како дијабетес тип 1 - вели водечкиот автор Џон Вајт, професор и претседател на Катедрата за физиологија на „Мекгил“.
Тој истакнал дека истражувачите со години знаат оти витаминот Д му помага на телото да го апсорбира калциумот за силни коски и дека поновите истражувања ја откриле неговата клучна улога во регулирањето на имунолошкиот систем.
-Нашите наоди даваат нова јасност на оваа врска и би можеле да доведат до нови стратегии за спречување на автоимуни болести. Иако истражувањето било спроведено со глувци, наодите се релевантни за човековото здравје бидејќи тимусот функционира слично и кај двата вида - смета тој.
Важноста на замената за сончева светлина
Наодите ја нагласуваат важноста од соодветен внес на витамин Д, особено за децата.
-Во места како Монтреал, каде што престануваме да го произведуваме витаминот од сончева светлина помеѓу доцната есен и раната пролет, суплементацијата е клучна. Ако имате мало дете, важно е да се консултирате со лекар, за да се уверите дека децата добиваат доволно витамин Д – посочил Вајт.
Истражувањето се надоврзува на финската студија од 2001 година, која следела повеќе од 10.000 деца. Откриено е дека децата кои во почетокот на животот биле дополнети со витамин Д, имале петкратно помал ризик од развој на дијабетес тип 1 подоцна во животот.
-Финска, со своите долги периоди на зима без витамин Д, послужила како идеална студија, за да се дознае повеќе за многуте улоги на хранливата состојка – истакнал Вајт.
Во студијата од „Мекгил“, истражувачите користеле глувци кои не можеле да произведат витаминот Д, за да испитаат како недостатокот влијае врз тимусот, користејќи клеточна анализа и секвенционирање на гените, за да видат како тоа пак, влијае на имунолошкиот систем.
Во идните студии, Вајт се надева дека ќе истражи како витаминот Д влијае на човечкиот тимус, нешто што тој забележува дека досега не било направено.
Извор: medicalxpress.com
Фото: Freepik