Мала мачка-робот го лади топлото кафе за да ве спаси од изгореници

Мала мачка-робот го лади топлото кафе за да ве спаси од изгореници

Подготвил: Маја Пероска

Лектор: Ивана Кузманоска

Повеќето сопственици на мачки се навикнати тие да предизвикуваат хаос: оставете чаша близу до работ на масата и нема да помине многу време додека вашиот пијалак не се најде на подот.

Но, јапонската компанија „Јукаи енџениринг“ развила симпатична, ситна мачка-робот која наместо тоа, се грижи за вашиот пијалак. Уредот наречен „Некоџита фуфу“ се поставува од внатрешната страна на вашиот пијалак и дува на него за да го излади кога е премногу топол. Јапонската компанија е позната по своите слатки уреди, а Фуфу не е единственото роботско творештво што го нудат на пазарот.

Компанијата го опишува уредот како мала мачка-робот, како „личен партнер за оброците“.

Еден од дизајнерите на компанијата истакнал дека инспирацијата за идејата дошла кога имал чувство дека останал без здив откако дувал во храната на своето мало дете за да ја излади. Името Фуфу доаѓа од самиот звук кога некој дува во својот пијалак или оброк за да го излади.

Уредот има внатрешен вентилатор и низа рандомизирани режими на „дишење“. Иако „Фуфу“ можеби не е неопходен за повеќето луѓе, компанијата тврди дека луѓето имаат потреба од пронајдокот.

Компанијата цитирала анкета од 2018 година спроведена во Јапонија која покажала дека дури 47 отсто од луѓето имаат нетолеранција кон топла храна. Оттаму сметаат дека овој уред би можел да биде идеален подарок за зафатен родител и симпатичен „роботски“ придружник за постара личност која често има потреба од брзо ладење на оброците или пијалаците.

Според информациите, компанијата би требало да го продава уредот во Јапонија за 3.800 јапонски јени (околу 25 долари).

Извор: interestingengineering.com

Фото: Yukai Engineering