Најдобрите компании што нудат работа од дома
Подготвил:
Драгана Петрушевска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Доколку некогаш сте помислиле да се откажете од сегашната работа за да најдете некоја за која не е потребно одење во канцеларија, шансите да ви се исполни желбата се поголеми од кога било. Бројките покажуваат дека 3,4 милиони луѓе во САД работеле од дома во 2017 година.
Голем дел од компаниите што денес нудат опции за работа од дома бараат да бидете лоцирани на одредено место. Мал дел од нив немаат барање за локација во нивните огласи, односно сите обврски се завршуваат онлајн. „
Флексџобс“, интернет-огласник за хонорарна работа, неодамна направи листа со компаниите што најчесто објавуваат огласи за работа кои од кандидатите не бараат да бидат на специфична локација. Ова се најдобрите десет компании.
1. „Гитлаб“
Станува збор за платформа за програмирање на која корисниците може да прегледуваат, создаваат или анализираат кодови. Оваа платформа се користи од страна на НАСА и „Сони“.
2. „Вилокалајз“
Оваа компанија нуди услуги за преведување во повеќе различни области и соработува со компании како „Дизни“, „Дел“ и „Интуит“.
3. „Викимедија“
Непрофитната организација што стои зад „Википедија“ е фондацијата „Викимедија“. Вработените во фондацијата се ангажирани во повеќе области, на пр., бизнисот, интернет-технологиите, медиумите и програмирањето.
4. „Топтал“
Станува збор за огласник за вработување кој нуди огласи од компании што работат со фриленсери во областа на програмирањето, дизајнирањето, финансиите и менаџирањето на производи и проекти.
5. „Запиер“
Компанијата работи на апликација што поврзува други апликации за да го олесни работењето. Вработува луѓе од областа на маркетингот, бизнисот и уметностите.
Фото: Pixabay
6. „Еластик“
Компанијата работи на софтверски решенија за собирање податоци за анализа, пребарување или безбедност. Некои работни ангажмани што ги нуди се маркетинг-менаџер, тренинг-координатор итн.
7. „Персона“
Оваа софтверска компанија има цел да ја подобри работата на корисниците на платформите за програмирање. Компанијата нуди консултантски услуги, а вработува и програмери.
8. „Коалишн текнолоџис“
Агенцијата за маркетинг и веб-дизајн нуди услуги за онлајн-маркетинг и СЕО-оптимизација. Нејзини клиенти се „Зумба“ и Универзитетот „Харвард“.
9. „Ачив тест преп“
Станува збор за компанија што нуди услуги за помош при учењето. Студентите може да вежбаат со тестови и да имаат часови онлајн.
10. „Екс-тим“
Оваа ИТ-компанија ги поврзува програмерите со повеќе компании низ светот кои имаат потреба од хонорарци за своите проекти.
Извор:
Cnbc.