Враќање на мамутот: Генетски модифицирани глувци може да ја отворат вратата за оживување на џинот од ледената доба
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Американска биотехнолошка компанија успешно модифицира глувци така што тие поседуваат карактеристики на исчезнатиот влакнест мамут. Истражувачите од „Колосал лаборатории и бионауки“ ги направиле овие глувци со густа, влакнеста обвивка и ефикасен метаболизам на маснотии - два клучни фактори што му овозможиле на мамутот да преживее во екстремно студените услови.
Целта на оваа иновација не е само генетска модификација на глувците, туку крајната замисла на „Колосал“ е да ги вгради овие и други мамутски особини во денешните слонови. Оваа област на науката е позната како „деизумирање“ (англ. de-extinction), што подразбира враќање на исчезнати видови преку современи генетски технологии.
Зошто прво глувци, а не слонови?
Слоновите имаат долг гестациски период (време на бременост), комплексно социјално однесување, а експериментите со нив би наметнале сериозни етички прашања, особено во однос на благосостојбата на животните. Затоа, научниците прво се одлучиле да работат со глувци.
Глувците имаат краток репродуктивен циклус, а нивните гени се полесни за модификација. Ова им овозможува на истражувачите побрзо да ги тестираат и усовршуваат методите пред да се префрлат на покомплексни организми.
Наместо да се клонира веќе изумрен мамут, „Колосал“ се обидува да го трансформира модерниот слон во нешто што многу наликува на мамут. Овој процес започнува со античка ДНК. Истражувачите извлекле генетски материјал од останки на влакнести мамути, сочувани во арктичкиот пермафрост - природен архив што крие генетски тајни илјадници години.
Споредувајќи ја оваа античка ДНК со ДНК на денешните слонови, научниците ги идентификувале гените што се одговорни за препознатливиот влакнест слој и брзиот метаболизам на мамутите.
Следниот чекор бил користење на моќниот генетски алат „Криспр“, кој овозможува прецизно уредување на ДНК. Во лабораторијата, истражувачите го примениле овој метод за да ги изменат гените на ембриони од глувци, воведувајќи ги мамутските верзии на гените што ги контролираат растот на влакната и метаболизмот на маснотиите.
Овој процес барал многубројни експерименти и тестирање на голем број ембриони за да се осигури дека измените се успешни. Сепак, резултатите докажале дека овие сложени генетски карактеристики можат да се реплицираат во жив организам.
Што значи ова за иднината на мамутите?
Ако ваквите експерименти продолжат да бидат успешни, следниот чекор ќе биде уредување на ембриони од слонови и нивна имплантација во сурогат-мајки. Меѓутоа, работата со глувци обезбедува побезбеден, поефикасен и поевтин начин за тестирање на генетските модификации пред да се примени на слонови.
Иако сме далеку од тоа да видиме вистински мамут во живо, ова истражување претставува клучен чекор во таа насока. Со користење помали животни за тестирање, научниците можат да соберат важни податоци и да ги усовршат техниките без компликациите што би настанале при работа со големи и сложени организми.
Идејата за оживување на мамутот можеби звучи како научна фантастика, но „Колосал“ има визија во која генетското модифицирање и „деизумирањето“ би можеле да имаат важна улога во обновата на природните екосистеми.
Нивното истражување може да отвори врата за враќање и на други исчезнати видови, како тасманскиот тигар или птицата додо, кои некогаш талкале низ Австралија и островот Маврициус. Покрај тоа, овие техники можат да се применат и за заштита на денешните загрозени видови - на пример, со воведување гени што би им помогнале да се справат со болести.
Во свет каде што природните живеалишта сè повеќе исчезнуваат, а многу животни се соочуваат со ризик од изумирање, ваквите иновативни стратегии можат да бидат клучни. Генетското уредување, како што покажуваат овие експерименти, може да стане моќна алатка за заштита на биодиверзитетот во иднината.
Фото: Screenshot/YouTube