По шест години од легализацијата на марихуаната за медицински цели, ефектите се само до 5 отсто, вели Филип Достовски од „Зелена алтернатива“

По шест години од легализацијата на марихуаната за медицински цели, ефектите се само до 5 отсто, вели Филип Достовски од „Зелена алтернатива“

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Концентрациите од упатството колку и како да се користат не се точни, туку се и до 200 пати помали од тоа што навистина му треба на пациентот. Не дека ова намерно го прават, тоа е од незнаење, го лажат пациентот и му го загрозуваат здравјето. Тој мисли дека се лекува, а реално не се лекува, вели Достовски

Од 2016 година одгледувањето канабис во Македонија, според законот, е дозволено само за правни лица, кои тоа ќе го прават во медицински и научни цели. Тие прво треба да добијат лиценца од Министерството за здравство, по претходна согласност од Владата.
Во аптеките може да се најде масло од канабис кое се издава без лекарски рецепт, но со количина на THC помала од 0,2 отсто.
На црниот пазар маслата содржат ТХЦ и до 80 отсто. Моментално во Македонија употребата на маслото од канабис е дозволена за лекување на ХИВ, рак, епилепсија и мултиплекс склероза.

Филип Достовски, активист за легализација на канабисот и основач на Здружението „Зелена алтернатива“, по шест години од носењето на првиот закон смета дека многу недоречености во законските одредби, но и слабата информираност на општеството придонесуваат за контраефекти и пораст на црниот пазар.

Во интервју за Факултети.мк ги лоцира системските грешки и анализира каде и како да се подобри состојбата за да се постигнат максималните ефекти при лекувањето на болните со канабис.

Достовски важи за еден од најгласните критичари против ригорозните политики за канабисот и не крие дека им помага на пациентите да научат како се екстрахира маслото за да си помогнат за своите болести или состојби.

Македонија го легализира производството на канабис за медицински цели. Веќе неколку години функционира овој бизнис. Какви се ефектите и резултатите?

- Македонија го легализира производството на канабис во 2016 година. Откако го легализира, имаше надежи и ветувања, но сега, во 2022 година, 95 отсто од сето тоа не е остварено. И тие што беа скептици дека канабисот може да помогне при лекување разни болести, тука повеќе мислам на средовечни луѓе од 40 години па нагоре, кои мислеа дека марихуаната е дрога, сега веќе се убедени во ефектот од лекувањето со канабис.
Многумина од нив и лично се увериле и виделе резултати од тоа и сите тие набавуваат на црниот пазар. Државата помогна да се популаризира лекувањето со марихуана со издавање лиценци на правни лица, а со тоа помогна да се зајакне црниот пазар зашто издаде околу 70 лиценци. Реално државата ништо не направи во практика. Иако имаме закон, тој е недоречен и се случува хаос.

Многу од фирмите што го произведуваат канабисот немаат како да го продадат, па пробаа и на црно да продаваат. Некои од нив ги изгубија лиценците. Сега има само еден мал број што го имаат тој ЏНП-стандард. Работат само колку да се одржат, додека не се смени законот на подобро. А законот е киднапиран и е заложник на дневнополитички случувања.
Едната партија легализираше, другата беше против. Сега другата сака да го подобри законот, а првата е против. Сѐ додека не застанат заедно, а да не се гледа кој е заслужен, туку што ѝ треба на Македонија и што ќе добие со подобрувањето на овој закон, дотогаш тешко дека ќе се реши состојбата.



Многупати тврдевте дека оние производи што ги има на пазарот во Македонија во основа не се со лековити својства. Зошто е така, што треба да се промени?


- Препратите во Македонија не лекуваат, тие се направени од канабис, но проблемот е што се направени со многу мала концентрација.
Конкретно, најјакиот производ што го препорачуваат за болни луѓе од канцер во терминална фаза е доволно јак за многу полесни дијагнози. Едноставно типизацијата на концентрациите е погрешно одредена за дијагнозите. Конкретно, повеќето од препратите што се продаваат се рекламираат дека лекуваат одредена состојба, ама концентрациите и тоа што го пишува во упатството како да се користат, колкава доза и колкава концентрација, не се точни. И не само што не се точни, туку се и до 200 пати помали од тоа што навистина му треба на пациентот. А реално тоа го загрозува пациентот. Ако тој треба да користи по 1000 мг ТХЦ на ден, нему му даваат по 10-15 мг на ден. Не дека намерно го прават тоа, туку тоа е од незнаење, го лажат пациентот и му го загрозуваат здравјето. Тој мисли дека се лекува, а реално не се лекува.
Проблемот се концентрациите на лековите во аптеките и нивната намена и цената. Слаби концентрации се продаваат по цена по која на црниот пазар луѓето купуваат јаки концентрации.
Не сакам да навлегувам во теории на заговор. Ова го прават од незнаење. Не се сигурни во канабисот, си велат подобро да дадам помала концентрација отколку нешто да му се случи на пациентот. За некои полесни дијагнози, како несоница, анксиозност, тие препарати од аптека се повеќе од добри. Токму поради ова, се јавува незнаење на оние што користат канабис од црниот пазар. На човек болен од дијабетес или анксиозност ќе му помогне и тоа од аптека, а тој мисли дека нема да му помогне и нема да го купи. Има незнаење и кај пациентите и кај докторите. Значи губат и пациентите и аптеките.

Производите што ги има на пазарот како резултат од екстракти на канабис се со прилично високи цени. На што се должи тоа?


- Во врска со цените на екстрактите што се наоѓаат на пазарот, можам да кажам дека
тие што ги продаваат препратите сакаат преку ноќ да се збогатат. Така и се залетаа со вадењето лиценци за производство на канабис. Како во 20-тите години на минатиот век кога имаше златна треска, па Американците одеа на Алјаска, така сега кај нас има зелена треска.
Секој што вади лиценца, секоја чест на исклучоците, очекува дека ќе се збогати преку ноќ. Затоа, откако се легализира, требаше да се намали цената на канабисот, но, напротив, таа се зголеми. Оние што имаат лиценци сакаат за многу голема цена да го продадат канабисот. Но, и фармацевтските куќи што го преработуваат тој канабис за да направат екстракти, исто така, многу скапо ги наплаќаат екстрактите.
Сепак, тоа не е само нивна вина. Има повеќе фактори за тоа. Сите лиценци што ги вадат за садење, но и за регистрација на тие лекови во државата чинат многу пари, и сето тоа се додава на крајната цена на производите. Фармацевтите земаат сериозни пари за консултации на нивното знаење. Сигурноста е дека добиваш производ кој е сертифициран, не содржи тешки метали и пестициди. Чини бирократијата да се стигне до тој производ, а не самата процедура да се направи маслото од канабис.
И дома некој што прави масло од канабис, ако следи основни правила, како што се следат правила кога дома се прави ајвар или зимница, ќе може да го направи според процедурите.
Проблем е тоа што фармацевтската индустрија сака да го третира канабисот како фармацевтски лек, а доволно е да се третира како кој било производ. На пример, канабисот се одгледува во затворени простории за да нема бактерии и да не го лазат бубачки, а реално може да се одгледува исто како што одгледуваме зелка или домати на нива. И ние ги јадеме тие производи без да следиме одредени стандарди кои фармацевтската индустрија сака да ги наложи во врска со канабисот.
Значи, до вчера канабисот беше забранет, тоа беше кочницата и луѓето не го користеа, а сега полека се легализира, но сѐ уште има голема бариера меѓу обичниот човек и канабисот зашто сега помеѓу стои фармацевтската индустрија, која вели дека можеш да го користиш, но под одредени нивни услови.
Тие услови чинат толку многу и затоа толку чини маслото од канабис.
Има светла точка во сето тоа - и фармацевтите учат од активисти и од луѓе што сами го користат во врска со дозите и како се изработува добар екстракт.
Но, мислам дека во иднина ќе легнат работите и ќе се направи баланс. Сѐ додека фармацевтската индустрија ги држи тие цени, ќе има и црн пазар. Оние што немаат да платат, ќе го прават сами дома. Сосила не можеш да забрануваш канабис, да држиш високи цени и да држиш монопол.
Мора да има компромис, да се најде избалансирана цена, па и фармацевтските компании ќе прават пари, а и на луѓето ќе им биде поисплатливо да го купат од аптека отколку да го прават сами дома.
А тоа ќе се случи, со текот на времето, веројатно во следните неколку години.

Колку лекарите, медицинските лица препорачуваат терапија со канабис?

- Има некои лекари што го препишуваат канабисот, но тие се многу ретки. Можеби еден или двајца онколози во земјата би го препорачале и би го препишале. Многу лекари, пак, се закануваат дека ако пациентите бараат да им се препише масло од канабис, нема повеќе да ги лекуваат. Има и такви што се плашат да го препишат зашто не се сигурни во тоа. Но, тоа е жално зашто можат да се едуцираат. На интернет има информации, и тоа од релевантни лаборатории и од медицински веб-страници и од лекари со реноме. Но, голем број од нашите доктори се во комфор-зона, земаат редовна плата и не сакаат да прогресираат.
Некои лекари и не веруваат дека канабисот лекува. Но, тука нема што да веруваат, треба да знаат. Некои лекари земаат и процент од фармацевтските компании за да ги промовираат нивните производи пред пациентите.

Значи, мал број лекари препишуваат масло од канабис.
Луѓето сами си дознаваат од интернет и се лекуваат на своја рака. Што, исто така, е жално. Да беа малку пофлексибилни и помалку егоисти лекарите, ќе беше поинаку.



Неколку пати се најавуваа измени на законските прописи. Ако се остави настрана Вашето барање за целосна легализација, што е неопходно да се промени за да се постигне посакуваниот ефект?

- Ако се остави настрана целосната легализација, а сакаш да имаш ефект кој е посакуван, тогаш тоа е невозможно. Што е најмало зло, како да се среди законот, како луѓето да добијат сѐ што им е потребно, освен слободата? Ако канабисот биде целосно легален, тогаш нема да стане извор на приход на дилери и криминалци. Ако се легализира целосно, ќе стане досадно растение, како на пример доматите. Никој нема да се оптоварува, нема да препродава зашто секој ќе може да си сади и цената ќе му падне. Сега цената на канабисот не е висока зашто е тешко да се произведе, туку ако го купуваш од дилери, го плаќаш ризикот што тој го презема за да не оди во затвор.
Фармацевтските компании, пак, ги наплаќаат документите и бирократијата. Затоа е скап канабисот. Ако има целосна легализација, никој нема да се плаши дека ќе го уапсат, ќе може да сади, а и релативно лесно се сади, исто како доматите. Така, цената ќе му падне толку многу што нема да биде интересен за дилерите. Ќе биде интересен за фармацевтските компании зашто има сериозни медицински својства.
Без целосна легализација, тоа не би можело да се случи.

Освен ако фармацевтските компании, кои сега држат монопол врз канабисот, не ги намалат цените. Ако тие не ги намалат цените, пак ќе постои црн пазар, пак ќе постојат дилери, пак ќе има луѓе што садат дома. Леб може секој да направи дома, но кој ќе ја прави целата таа процедура кога во продавница можеме да го купиме по цена од 30 денари. Ако лебот во продавница чини 150 денари, тогаш многумина ќе почнат да го месат дома. Исто е и со канабисот.
Но, кое е решението што ќе биде добро за луѓето? Кога ќе има добар производ, а и различни производи, за секој тоа што ќе му треба. Зашто луѓето го користат канабисот на различни начини, преку инхалација, преку чепчиња, орално, преку капсули, масло.
Кога ќе има повеќе различни производи, кои ќе бидат квалитетни, кои ќе ги има и во мали и во големи концентрации, кога ќе се задоволат различните потреби на луѓето во врска со канабисот, секој да го најде тоа што му треба во аптека или во некоја друга продавница и цената ќе биде нормална. Со нормална цена, која може да си ја дозволи секој, ќе се нормализира ситуација. А тоа може да се случи единствено ако фармацевтските куќи го зголемат спектарот на производи по нормална цена.
И, секако, кога ќе се намалат казните за тие што ќе ги фатат со канабис. Да може секој да сади по дома, ама тоа да не се казнува. Ако некој има шанса да сади дома, со тоа државата ќе му даде слобода.

Како да се избегне можноста за злоупотреби ако се овозможи поголема легализација на марихуаната?

- Што е тоа злоупотреба, во смисла на нелегална продажба или во смисла некој да користи канабис? И во двата случаја одговор е ист. Ако се овозможи поширока употреба на канабисот, сето тоа ќе биде регулирано. Не само што ќе се регулираат тие што сакаат да ја добијат, туку со тоа ќе ги заштити и тие што не треба да користат, а на прво место се малолетниците. МВР запленува околу 10 отсто од реалниот црн пазар. Ако нивната работа е ефикасна, тогаш зошто е толку достапен канабисот на црниот пазар? Тој црн пазар постои и е јавна тајна.
Злоупотреба во смисла некој да пуши марихуана, важи исто како и за алкохол. Тој е достапен и има контролирана употреба. А и алкохолот прави сериозни проблеми.
Од канабис не сум чул дека некој направил сериозно дејство или, пак, дека се разболел. Ако претераш со канабис, единствено можеш да заспиеш. И да претераш, не можеш да си направиш штета. Ако се дозволи широка употреба, ќе го сузбиеме црниот пазар, а ќе им овозможиме на луѓето легално користење.
Кога за ова ќе имаат свест луѓето што се на позиција и ако сето ова го сменат, Македонија за брзо време ќе стане многу убаво место за живеење.