Има ли спас за Преспанското Езеро? „Сушата и користењето на водата за наводнување во трите земји се главни причини за намаленото ниво“

Има ли спас за Преспанското Езеро? „Сушата и користењето на водата за наводнување во трите земји се главни причини за намаленото ниво“

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Преспанското Езеро секоја година губи огромни количини вода. Калта, тињата и трската ги проголтаа плажите, а иднината на бисерот на регионот Преспа, сместен меѓу националните паркови Пелистер и Галичица, е неизвесна.

Преспанското Езеро од 1996 година е ставено на листата на заштитени подрачја, а намалувањето на водостојот на претставува сериозен проблем.
За тоа каква е состојбата со Преспанско Езеро во моментов и кои се причините, разговаравме со професорот д-р Дејан Трајковски од Техничкиот факултет.

- Минатата година бевме загрижени за слабиот пролетен прилив на вода во Преспанско Езеро, но годинава е уште полоша. Ако лани бележевме зголемување на нивото за 20 cm од зимскиот минимум, годинава забележуваме одвај 12 cm и покрај секојдневните дождови. Приказната се повторува, снежните врнежи зимава беа слаби, топењето и дотокот на вода исто така пролетва се слаби, како и пролетните врнежи. Прогнозите за годинешниот максимум се движат околу кота -600 cm (сл. 1), што значи дека најверојатно нема да биде достигната горната зелена линија на трендот, слично како и лани. Така, годинешниов максимум нема да го достигне ни минимумот од декември 2023 година на кота -590 cm, што би се очекувало во колку-толку нормална година. Тогаш нормално би било да се искачи 20-ина cm над тоа ниво. Намалувањето на нивото во однос на нивото од една година претходно (сл. 2) упорно изнесува околу 50 cm, па дури и 52 cm, што одговара на неповратна годишна загуба на вода од околу 125 милиони кубни метри, односно 2,5 пати повеќе од 60-годишниот просек на намалување. Главна причина за намалување на нивото е намаленото количество врнежи поради климатските промени, во комбинација со користењето на езерските води за наводнување во трите земји, за што нема прецизни податоци. Одливот на вода низ карстот на Галичица останува приближно константен со текот на времето - вели Трајковски.



Сл. 1 Дијаграм на водостојот на Преспанското Езеро



Сл. 2 Дијаграм на подвижните разлики – намалување на нивото за 365 дена

Сушата, односно намалените снежни врнежи се главна причина за намалувањето на приливот на вода во езерото, но и интензивното наводнување во последните 60 години има извесно влијание.

- Сушата, односно намалените снежни врнежи на околните планини, секако е главната причина за недоволниот прилив на вода во последните години. Меѓутоа, интензивното наводнување во последните 60 години има извесно неповолно влијание врз намалувањето на нивото на големото Преспанско Езеро. Иако овој фактор не е доминантен, сепак, загрижува незаинтересираноста на државните институции да извршат мониторинг (следење) и попрецизно мерење на количествата вода што се исцрпуваат од самото езеро, но и од подземните дупки.
Прецизни податоци за потрошената електрична енергија за напојување на пумпите има ЕВН Дистрибуција, па доколку државните органи се заинтересираат, можеме брзо и едноставно да го пресметаме годишното количество вода што се испумпува.
Истото треба да го направат и институциите во Грција и во Албанија за да имаме поточна претстава за причините на катастрофата и евентуалните мерки за нејзино спречување - објаснува Трајковски.

Од 1963 година наваму Преспанско Езеро се повлекува, според податоци на УХМР, а во изминатите 63 години езерото загубило околу 60 отсто од волуменот на водата.

- Големото Преспанско Езеро достигнало максимално ниво во 1963 година, од кога незапирливо започна намалувањето на нивото со просечно темпо од околу 20 cm годишно, односно околу 54 милиони кубни метри вода годишно. Во изминатите 63 години езерото изгубило околу 60 отсто од волуменот на водата! Минатата, 2024 година беше особено сушна и од ланскиот до годинешниот март нивото се намали за дури 50 cm, односно за околу 125 милиони кубни метри вода. Доколку се докаже дека значително количество вода се губи поради наводнување, една од мерките би била ограничување на наводнувањето. Да не заборавиме дека најголемите езерски катастрофи, на пример, на Аралското Езеро во Централна Азија или на езерото Чад во Африка се предизвикани токму од прекумерно наводнување. Друга мерка би претставувала затворање на подводните понори, на дното од езерото во регионот на Пустец и Мала Горица, Албанија, со чакал и камен. Но, ова е скапа операција, за што би требало да се бараат средства од Европската Унија.
Од друга страна, според некои математички модели на климатолозите, поради таканаречената Северноатлантска осцилација (North Atlantic Oscillation – NAO), врнежите во регионот на Медитеранот ќе се намалат за 20 до 40 отсто до крајот на векот. Доколку се оствари ова сценарио, со никакви мерки човекот нема да може да го спаси Преспанското Езеро, освен можеби со пренасочување на река од Пелагонија кон Преспа. Моментално годишното количество на вода што недостига изнесува колку годишниот проток на реката Драгор низ Битола - објаснува професорот.

Тој додава дека езерото нема сосема да пресуши, понирањето на водата под Галичица кон изворите кај Св. Наум веројатно би се спречило.

- Езерото најверојатно нема сосема да пресуши. Познато е дека во средниот век големото Преспанско Езеро било прилично намалено и изгледало како систем од повеќе бари и езерца. Поверојатно е дека со загубата на водата низ сегашните понори во карстот на Галичица (во близината на Пустец во Албанија), понорите во еден момент ќе останат на суво. Така спонтано би се спречило сегашното понирање на водата под Галичица кон изворите кај Св. Наум и Тушемиште во Охридското Езеро и еден ден би било постигнато ново рамнотежно ниво, што ќе биде многу пониско од сегашното. Тоа би било лошо и за самото Охридско Езеро, но поради неговата голема длабочина, тоа полесно би опстанало. За жал, според биолозите, живиот свет во Преспанско Езеро би бил многу погоден. Што се однесува на големото Преспанско Езеро, од неговата сегашна просечна длабочина од околу 12 m, идната просечна длабочина може да опадне на помалку од 5 m. Во едно екстремно лошо сценарио, од езерото би можеле да останат само 4 помали езерца во македонскиот дел и едно во грчкиот дел, на местото на сегашните јами со најголема длабочина. Може да се случи да поминат векови, сѐ до некој нов период на големи врнежи, кога езерото одново би се наполнило со вода на сегашното, па и повисоко ниво - истакнува професорот Трајковски.



Со години се најавува спас за Преспанското Езеро, но досега речиси и да нема конкретни мерки.

По иницијатива на Министерството за животна средина, поддржана од Албанија и Грција, пристигна советодавната мисија од Рамсарската конвенција, под чија заштита е Преспанското Езеро.

- Би сакале да видиме поголемо внимание, посилни инвестиции. Како што веќе знаеме, Преспанското Езеро има поддршка од ЕУ, УНДП и ГЕФ и владите на трите држави. Ние би сакале да видиме заеднички напори за уште поголем успех - рече Флоре Лафаје од Рамсарска конвенција.

Советодавната мисија деновиве е во обиколка на Преспа во трите држави, по што ќе изготви препораки за идно управување со езерото, а резултатите ќе бидат дел од поширока регионална стратегија за водите и биодиверзитетот. Мисијата треба да даде стручни совети и препораки како да се третира и да се стопанисува со Преспанското Езеро.

Рамсарската конвенција е меѓународен договор воспоставен во 1971 година, додека прва заштитена област во Северна Македонија беше Преспанското Езеро со природниот парк Езерани во 1996 година, потоа Дојранското Езеро во 2008 година, додека во 2021 година на листата беа додадени Охридското Езеро и Студенчишко Блато.

Фото: приватна архива