Компании планираат да постават центри за податоци на Месечината и во орбитата

Компании планираат да постават центри за податоци на Месечината и во орбитата

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Звучи како нешто од научнофантастичен филм, но Стивен Ајзел е уверен дека неговата компанија еден ден ќе отвори центар за податоци на Месечината.

- Начинот на кој го гледаме тоа е дека со поставување центар за податоци во вселената, нудите безбедност што не може да се спореди со ништо друго - вели претседателот на компанијата „Лоунстар дата холдингс“.

Минатиот месец оваа компанија со седиште во Флорида соопшти дека успешно тестирала минијатурен центар за податоци со големина на книга, кој бил испратен на Месечината со помош на месечевиот лендер „Атена“ од американската компанија за истражување на вселената „Интуитив машинс“. Лансирањето било извршено со ракета од „Спејс екс“, компанијата на Илон Маск.

Центрите за податоци се огромни магацини со компјутери кои чуваат и обработуваат податоци за веб-страници, компании и влади.

„Лоунстар“ тврди дека со нивно поставување на Месечината на клиентите ќе им биде понудена сигурна и доверлива обработка на податоци, користејќи неограничена соларна енергија како извор на напојување.

Просторот на Земјата сè помал, а побарувачката сè поголема

Иако центри за податоци во вселената звучи нереално, идејата брзо добива поддршка. Причините за тоа се растечката побарувачка и сè потешкото наоѓање соодветни локации на Земјата.

Сè поголемата употреба на вештачка интелигенција доведе до експлозија на количината на податоци што треба да се чуваат и обработуваат низ светот.

Како резултат на тоа, побарувачката за центрите за податоци нагло се зголемува, се проценува дека годишно ќе расте меѓу 19 и 22 отсто до 2030 година, според глобалната консултантска компанија „Мекинси“.

Иако постојано се градат нови капацитети, сè потешко е да се најдат места за нив. Тие заземаат многу простор и користат огромни количини електрична енергија и вода за ладење. Сето тоа доведува до отпор од локалното население.

Поставувањето центри за податоци во вселената, без оглед дали тоа ќе биде во орбитата околу Земјата или на Месечината, теоретски значи помало влијание врз животната средина. Соларната енергија е неограничена, а нема ниту соседи што би се жалеле.

Покрај тоа, овие центри би можеле да се специјализираат за услуги наменети за вселенски летала и други вселенски капацитети, со побрз пренос на податоци меѓу нив.

Европа веќе истражува констелација од сателити


Минатото лето Европската комисија финансираше истражување за изводливост на центри за податоци во орбита. Истражувањето наречено „Асенд“ го спроведе компанијата „Телс алениа спејс“, заедничко претпријатие на француските и италијанските аеронаутички гиганти „Телс“ и „Леонардо“.

Според извештајот, изградбата на центри за податоци во вселената може да го трансформира дигиталниот пејзаж на Европа и да биде поеколошка опција.

Тие замислуваат констелација од 13 сателити со вкупни димензии од 200 на 80 метри и вкупна процесорска моќ од околу 10 мегавати, исто како просечен центар за податоци на Земјата со околу 5.000 сервери.

Дамиен Думестие, архитект на проектот „Асенд“, вели дека за ваквите центри да бидат навистина поеколошки, потребно е ракетите за лансирање да емитуваат десет пати помалку јаглеродни емисии. Според него, тоа е возможно.

- Клучното прашање е кога ќе биде подготвена соодветна ракета. Со оглед на потребните инвестиции и одлуки, тоа би можело да се реализира до 2030 или 2035 година, а комерцијалната исплатливост би се очекувала пред 2037 г. - вели тој.

И покрај многубројните предизвици, компаниите веруваат во иднината

И покрај оптимизмот кај компаниите, д-р Доменико Вичинанца, професор по интелигентни системи и анализа на податоци на Универзитетот „Англиа Раскин“ во Велика Британија, предупредува на многу предизвици.

- Дури и со напредокот на компании како „Спејс екс“, лансирањето хардвер во орбитата е сè уште екстремно скапо. Освен опремата за податоци, ќе треба и инфраструктура за заштита, напојување и ладење = сето тоа додава тежина и комплексност - вели тој.

Особено проблематично ќе биде ладењето бидејќи иако вселената е ладна, во услови без гравитација стандардните системи за ладење не функционираат добро. Дополнителни ризици доаѓаат од т.н. вселенско време, што може да ја оштети електрониката, и од зголемената количина на вселенски отпад што претставува опасност за хардверот.

- Поправките во орбитата се далеку од едноставни. Дури и со роботика и автоматизација постојат ограничувања. Голем хардверски дефект би можел да бара човечка мисија, што значи недели или месеци застој - додава Вичинанца.

Но, компании како „Лоунстар“ остануваат убедени дека сето тоа е возможно. Следната цел на „Лоунстар“ е да постави мал центар за податоци во орбитата околу Месечината до 2027 година.

„Лоунстар“ веќе има клиенти, а меѓу нив се државата Флорида и владата на островот Ман.

Извор: ВВС
Фото: Intuitive Machines