Смртоносното овошје од серијата „Белиот лотос“ е вистинско и го напаѓа срцето

Смртоносното овошје од серијата „Белиот лотос“ е вистинско и го напаѓа срцето

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

Дрвото наречено „Понг понг“, познато и како самоубиствено дрво (латинско име: Cerbera odollam), можеби е само дел од заплетот во финалето на сезоната на популарната серија „Белиот лотос“ на Ејч-би-о. Но, ова растение е поврзано со илјадници смртни случаи годишно.

Отровното овошје од дрвото стана можен заплет во серијата. Ова дрво, кое расте низ Југоисточна Азија, е толку озлогласено што локално се нарекува „самоубиствено дрво“.

Забранетото овошје е тема што се провлекува низ сите сезони на „Белиот лотос“, серија на Ејч-би-о за измислен синџир на луксузни хотели. Во третата сезона, која се одвива во Тајланд, метафората станува буквална кога еден вработен во хотелот го предупредува гостинот да не јаде овошје од дрвото бидејќи е доволно токсично за да убие.

Дрвото е вистинско


Дрвото не е само елемент од сценарио. Тоа е вистинско отровно растение што во минатото било поврзано со илјадници смртни случаи годишно.

Ова дрво припаѓа на група цветни растенија познати по создавањето отрови. Неговото природно подрачје ги вклучува Југоисточна Азија, Пацифичките Острови и Северна Австралија, но се сади и во други делови од светот како декоративно дрво.

Отровната материја што ја содржи, наречена церберин, најмногу се концентрира во семките на овошјето. И најмала доза може да биде смртоносна, иако некои лица го преживеале труењето.

- Како и кај секој отров, сè зависи од човекот: неговата возраст, пол, телесна тежина и дали има здравствени проблеми - објаснува Хилари Хамнет, доцент по форензичка наука на Универзитетот во Линколн и авторка на книгата „Отровни приказни: форензичка анализа на отрови во фикцијата“.

- Растенијата еволуираат за да создадат вакви многу горчливи хемикалии, бидејќи не сакаат некој да го изеде јадрото и така да се спречи нивното размножување. Животните ќе го пробаат еднаш и вкусот ќе ги одврати да го направат тоа повторно. Тоа е одбранбен механизам - додава таа.

Но, луѓето се посложен случај. Луѓето научиле да ги сушат и мелат семките од ова дрво и сличните отровни растенија користејќи ги за различни цели: како лек, за убиства, за самоубиства, па дури и како дел од обреди при судења на вештерки.

Што му прави отровот на телото?


Освен што има одвратен вкус, церберинот е срцев гликозид што значи дека го напаѓа срцето.

Како и други отрови, тој се апсорбира во крвта преку желудникот. Симптомите почнуваат за 20 до 30 минути, при што телото реагира со гадење, повраќање и дијареја, обидувајќи се да го исфрли отровот.

Според Хамнет, во рок од еден час церберинот може опасно да ја намали срцевата фреквенција, нарушувајќи го натриум-калиум механизмот што го регулира чукањето на срцето.

- Во суштина, отровот ја нарушува електричната поларизација потребна за срцевиот мускул да се контрахира и релаксира. Без тие фази на импулс и релаксација, срцето престанува да работи - објаснува Овен Мекдугал, професор по хемија и биохемија на Државниот универзитет во Бојси

Колку е честа смртта од труење со овошјето од ова дрво?

Со векови дрвото било озлогласено како орудие на смртта. Истражување од 2004 година го поврзува дрвото со половина од случаите на труење со растенија и 10 отсто од сите труења во индиската држава Керала, од 1989 до 1999 година.

Многу луѓе починале затоа што го консумирале отровот во рурални средини без пристап до итна медицинска помош. Но, отровот станува сè пошироко распространет бидејќи семките и дрвјата се продаваат преку интернет.

На пример, истражување од 2018 година документирало шест случаи на труење во САД, од кои три биле смртоносни. Еден од случаите вклучувал 33-годишна жена која го купила отровот онлајн рекламиран како средство за слабеење.

Мекдугал документирал и обратен пример. Во 2022 година опишал случај на маж кој се обидел да изврши самоубиство со семки од ова дрво, но преживеал по интервенција.

Како се третира труењето од самоубиственото дрво?

Нема сигурен противотров за овој отров, дури ни кога пациентот добива медицинска помош навреме. Лекарите понекогаш даваат терапии со спротивен ефект, како атропин, заедно со мерки за оживување. Но, исходот зависи од повеќе фактори.

- Ако не се даде никаква терапија, смртта може да настапи за еден час. Кога лицето ќе стигне во болница, срцевата фреквенција може да му биде 30 отчукувања во минута и таа сè повеќе опаѓа додека срцето целосно не престане да работи - вели Хамнет.

Извор: National Geographic
Фото: Wikipedia