Интервју со продеканот на ФИНКИ, вонр. проф. д-р Ивица Димитровски: На студентите ќе им понудиме нови студиски програми
На 12 мај 2018 година (сабота), со почеток во 11 часот, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј“ во Скопје организира отворен ден. На отворениот ден идните студенти ќе имаат уште една шанса директно да се запознаат со можностите за студирање на ФИНКИ. Отворениот ден ќе се одржи во просториите на ФИНКИ - на техничко-технолошкиот кампус, во Карпош 2. По тој повод зборуваме со продеканот, вонр. проф. д-р Ивица Димитровски.
ФИНКИ најави нови студиски програми, зошто би менувале програми кои досега се покажале исклучително популарни за упис?
Трендовите и технологиите во информатиката се менуваат секојдневно и ние на ФИНКИ мора постојано да ги иновираме студиските програми за да бидеме во чекор со ИТ-индустријата и со партнерските универзитети. Сите студиски програми се во насока на обезбедување врвен инженерски кадар за задоволување на сѐ поголемата побарувачка за инженери по информатички науки и компјутерско инженерство.
Новите студиски програми се континуирана еволуција на досега успешните програми. Сепак, направени се реформи и усогласувања во самите имиња и секако во содржината, согласно препораките на светската асоцијација на информатичари – ACM. Земени се предвид досегашните искуства на ФИНКИ, како и потребите на индустријата во Македонија и светски рамки. Вклучени се и новите научни достигнувања од компјутерски науки и инженерство. Впрочем и законска обврска во Македонија е да се реакредитираат студиските програми на универзитетите на секои 5 години.
Кои се промените што ги направивте во студиските програми?
Промените во студиските програми се во насоката на вклучување на новите технологии и трендови што се појавија во информатичките науки и компјутерското инженерство во изминатите неколку години. Во таа смисла, во секоја од студиските програми се дефинирани нови задолжителни и изборни предмети кои ги опфаќаат сите трендови во информатичките технологии. Содржините на постојните предмети се модернизирани. Студентите ќе добијат квалитетно знаење, а и ќе можат самостојно да го дефинираат својот профил согласно нивните желби. Кадровската екипираност на ФИНКИ ни овозможува понуда на поголем број изборни специјализирани предмети.
Сите студиски програми имаат заедничко јадро кое им дава на студентите солидна основа за информатичките науки, ги запознава со принципите на интелигентни компјутерски системи и дава солидни програмерски вештини за сигурно вработување и перспективна кариера.
Во новите студиски програми уште поголем акцент ставивме на практична работа преку изучување и примена на многу модерни и актуелни информатички технологии и алатки. На студентите на ФИНКИ им се овозможува практична работа во рамките на факултетот на научноистражувачки проекти, како и со многубројните компании со кои ФИНКИ има склучено договори за соработка. Акцент е ставен и на бизнис-вештините бидејќи во современиот контекст ИТ-инженерите секојдневно се соочуваат со динамични деловни процеси.
Кои се поконкретно програмите и кој е нивниот фокус?
На идните студенти ФИНКИ им нуди шест студиски програми:
- Интернет, мрежи и безбедност (ИМБ)
- Компјутерска едукација (КЕ)
- Компјутерски науки (КН)
- Компјутерско инженерство (КИ)
- Примена на информациски технологии (ПИТ)
- Софтверско инженерство и информациски системи (СИИС)
Насоката Софтверско инженерство и информациски системи (СИИС), освен на македонски јазик ќе се реализира и на англиски јазик.
Студиската програма Интернет, мрежи и безбедност има цел да обезбеди врвен информатички кадар за задоволување на сѐ поголемата побарувачка за мрежни инженери со практично знаење од областа на безбедност на информациите. Овие студии ќе продуцираат кадар наменет пред сѐ за дизајн и одржување на информациско-комуникациската инфраструктура во стопанството - со посебен акцент на компаниите кои во својата работа користат интернет и други комуникациски инфраструктури. Покрај базичната инфраструктура, клучна точка на интерес е поставување и одржување на сервисите на повисоките нивоа што се нудат во мрежна околина, инфраструктурата во облак, како и заштита на системите и корисниците од малициозни напади.
Студиската програма Компјутерска едукација е наменета за создавање кадар во областа на информатичкото образование, пред сѐ во средните училишта. Ваквиот образовeн кадар е подготвен да ги пренесе најновите информатички технологии на учениците, ќе овозможи повисоко ниво на познавање на информатичките технологии на сите средношколци, а ќе придонесе и да се подобри нивото на знаење на влез на идните студенти на студиите по информатика на универзитетите.
Студии по Компјутерски науки им овозможуваат на студентите да се здобиваат со знаења кои им обезбедуваат голема професионална флексибилност и широк избор на работни места секаде каде што постои потреба од примена на знаења од комплексни алгоритми, вештачка интелигенција, машинско учење, вештини за решавање проблеми, како и вештини за критичко размислување, кои ќе ги користат за решавање комплексни пресметковни проблеми. Дипломираните студенти ќе можат да најдат работа во компаниите, универзитетите и во истражувачките центри.
Студентите на студиската програма Компјутерско инженерство се здобиваат со знаења кои им обезбедуваат голема професионална флексибилност и широк избор на работни места секаде каде што постои потреба од проектирање, имплементација и одржување на компјутерски системи. Дипломираните инженери од овој профил може да работат на апликативни решенија поврзани со вградливи системи и микропроцесори, системи за поддршка на телекомуникациски услуги, системи и услуги базирани на интернет на нештата.
Студиската програма Примена на информациски технологии има цел да обезбеди информатички кадар за задоволување на сѐ поголемата побарувачка за информатички инженери кои покрај техничките знаења имаат и бизнис-знаења и претприемачки дух. Овие студии ќе создаваат кадар кој ќе има знаење за алатките и принципите на раководење со проекти со значајно учество на информатичката технологија, од една страна, но и примена на современи информатички алатки во процесот на управување со проекти или претпријатија, од друга страна. Исто така, ќе бидат способни за развој на софтверски системи, системи за електронска комерција, мобилни апликации, веб-апликации и друго.
Студентите на студиската програма Софтверско инженерство и информациски системи се здобиваат со знаења кои им обезбедуваат голема професионална флексибилност и широк избор на работни места секаде каде што постои потреба од анализа, спецификација, дизајн, проектирање, имплементација и програмирање, проектно управување и одржување на софтвер и информациски системи. Дипломираните студенти од оваа насока својата кариера може да ја продолжат во софтверската индустријата, во јавниот и услужниот сектор. Ќе бидат способни за развој на информациските системи што треба да работат во реално време, мобилните и хибридни апликации, софтвер кој работи на интернет и во облак, напредни кориснички интерфејси, решенија поврзани со дизајн и имплементација на софтверски системи и друго.
Сите студиски програми ќе им овозможат на идните студенти и потребна основа да продолжат со постдипломски студии, како и да учествуваат во интердисциплинарни проекти од науката и технологијата.