Мрачната вистина зад песната „Show Must Go On“
Подготвил:
Билјана Арсовска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Има неколку срцепарателни факти кога станува збор за песната „The Show Must Go On“ и сите се различни. Сепак, она што ги поврзува е Фреди Меркјури.
Една од најпознатите песни на британската група „Квин“ се поврзува со пејачот кој почина на 45-годишна возраст од сида. Многумина мислат дека тој е авторот на хитот од албумот „Innuendo“ од 1991 година. Меѓутоа, приказната е сосема различна.
Основата на песната ја напишал гитаристот на бендот, Брајан Меј, кој бил инспириран од истрајноста на Фреди додека се борел со болеста, како и од желбата да продолжи да настапува.
Демо-верзијата ја отпеал токму Меј, сомневајќи се дека Фреди ќе успее да ги изведе незгодните делови од песната. Болеста веќе зела замав, но тоа не го спречило Фреди да ја отпее песната, која е една од најпознатите од минатиот век.
Фреди ја испеал песната непосредно пред неговата смрт. Ослабен и со многу шминка за да ги покрие раните на лицето и на телото и со пудра за да добие малку боја на лицето, Фреди влегол во студио. Имал јаки болки, речиси бил неподвижен, но сепак отишол. Испил една чаша вотка и рекол: „Има да ја отпеам многу добро“. И навистина било така, уште од првиот обид. За жал, Фреди не успеал да ја изведе песната на настап. Набрзо потоа
починал.