Брановите на австралиските брегови не се добри само за сурфање, тие се и извор на обновлива енергија

Брановите на австралиските брегови не се добри само за сурфање, тие се и извор на обновлива енергија

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Австралија е позната по плажите и по стимулирачкото сурфање. Но, океанот е многу повеќе од рај за сурфање - приливот и одливот исто така се извор на обновлива енергија.

Меѓу оние што го користат тој потенцијал е и „Мако енерџи“ од Сиднеј. Компанијата прави подводни турбини со дијаметар од два до четири метри. Една турбина што оперира во постојан тек на вода може да произведе доволно електрична енергија за снабдување на 20 домаќинства.

Дизајнот овозможува генерирање на електрицитет дури и во води што течат бавно, што значи дека може да се користат и во реки и во канали за наводнување, но и во океаните.

- Развиваме турбини на ниво на кое може лесно да се распоредуваат во зафрлени заедници, крајбрежни бизниси, островски заедници и ресорти - истакнува Даглас Хант, генерален директор на компанијата.


Алтернатива за јаглен?

Иако енергијата добиена од приливот и одливот сѐ уште е на почетокот на развивањето, таа може да помогне во намалувањето на зависноста на Австралија од фосилни горива.

- Поголемиот дел од енергијата во националната мрежа е од јаглен. Исто така, имаме и ветерници и соларни фотоволтаици - објаснува Џени Хејвард, истражувачки научник во австралиската Национална научна агенција (ЦСИРО).


Обновливата енергија била одговорна за само 6 отсто од примарната енергетска консумација во Австралија и 17 отсто од нејзиното производство на електрична енергија во фискалната 2017-2018, според тамошниот Оддел за животна средина и енергетика. Тоа е така делумно затоа што Австралија има бујни и евтини ресурси на јаглен.

Но, обновливата енергија станува сѐ попримамлива и Австралија го зголеми производството на енергија од ветришта за 20 проценти и на соларната за 23 отсто истата година.

Островската нација сега почнува да ги истражува и изворите на енергија од приливот и одливот преку голем број пилот-проекти. Но, оваа форма на енергија има една голема предност - предвидливоста. Додека сонцето може да нè грее или ветрот може да нè дува, морето се движи во предвидливи приливи и одливи.

Достапност

Големите енергетски системи што ќе ги користат приливот и одливот како извори може да бидат скапи за инсталација. За изградба на најголемата електрана од овој тип, која се наоѓа во езеро во Јужна Кореја, во 2011 година беа потрошени речиси 300 милиони долари.

Турбината на „Мако“ чини меѓу 20.000 и 70.000 долари, во зависност од локацијата и продукцијата на енергија. Досега клиентите на „Мако“ претежно биле големи индустриски и владини капацитети, но тие сакаат да ги направат турбините достапни и за мали и за големи потрошувачи.

- Овие турбини беа присутни, но предизвикот е да се изградат рентабилно - вели Хант.

Намалувањето на трошоците значи дека турбините може да бидат достапни за сите.

- Направени се така што индивидуи можат да ги одржуваат без експерти - вели Хант.

Тоа значи дека заедница, бизнис или домаќинство со пристап до вода што тече можат да генерираат сопствена енергија и локално да ги сервисираат турбините.

Иако потенцијалот на енергијата добиена од приливот и одливот можеби изгледа голем како океанот, сѐ уште има предизвици што треба да се надминат. Од ЦСИРО наведуваат дека магнитудата на овој извор не е доволно измерена. Во еден извештај на ЕУ од 2017 година се посочува на недостиг од истражувања за можните влијанија на инсталациите врз морскиот живот, а во друг, пак, се наведува дека големите трошоци се пречка за распоредување во светот.

Извор и насловна фотографија: CNN