Куче-робот патролира во градските паркови во Сингапур и ги потсетува луѓето за социјално дистанцирање
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Куче-робот наречено „Спот“ е распоредено да патролира во парк во Сингапур за да ги потсети луѓето да продолжат со социјалното дистанцирање.
Жолто-црниот робот се шета низ центарот на градот и е опремен со камери за да процени колку луѓе се собираат. Исто така, редовно пушта снимка, потсетувајќи ги сите на правилата за карантин во земјата.
- Ајде да го одржуваме Сингапур здрав. За ваша сопствена безбедност и за оние околу вас, ве молиме држете растојание од најмалку еден метар. Ви благодарам - повторува женски глас што излегува од звучникот на кучето.
Роботот, кој е направен од американската компанија „Бостон дајнемикс“, се контролира од далечина и се тестира од агенциите за сајбер-безбедност на Сингапур. Ако експериментот е успешен во спроведувањето на социјалното дистанцирање, тоа би можело да стане практика за спроведување на мерките во Сингапур.
Сепак, присуството на кучето-робот предизвика доста контроверзии. Во видеото објавено од весникот „Стрејт тајмс“, кај луѓето што престојуваат во паркот и се на дистанца од 2 метри може да се забележи збунетост и страв од кучето.
Парадоксално, може да се видат и неколку минувачи кои го фотографираат и прават видеа од необичниот робот.
Глен Гринвалд, американски истражувачки новинар, го сподели видеото од кучето-робот, кое подоцна стана вирално, и го опиша како едно од најморничавите и најдистописките работи што некогаш ги видел.
Властите ветуваат дека камерите на роботот можат само да проценат колку луѓе се наоѓаат во паркот и воопшто нема да следат или препознаваат одредени луѓе.
Ова не е првиот робот од овој вид. „Бостон дајнемикс“ со години работи на роботи на четири нозе, а минатата година го претстави „Спот“ како најнов и најразновиден модел.
Освен што се контролира со далечинско од човек, камерите вградени во роботот значи дека
кучето-робот може да се движи само во одредени околности. Компанијата се надева дека би можело да биде купено и да се користи од страна на различни деловни субјекти за тестирање во згради за протекување на гас или проверки на вентили на нафта.
Властите на Сингапур исто така распоредија 30 беспилотни летала за да избројат колку луѓе ги посетуваат парковите, а поголем робот со четири тркала во форма на мал автомобил ги предупредува мештаните да не фрлаат ѓубре.
Мерките во Сингапур им дозволуваат на граѓаните да ги напуштат домовите исклучиво за неопходни обврски или за вежбање, а жителите мора да носат маски на отворено во секое време.