Турција воведе 132 строги критеруми за хотелите и рестораните пред отворање на туристичката сезона
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Турција воспостави посебни хигиенски мерки и стандарди за да се подготви за враќањето на туристите, изјави турскиот министер за култура и туризам Мехмет Ерсој.
Чекор по чекор, ограничувањата за патувања во земјата постепено ќе се укинуваат од крајот на мај, вели Ерсој. Постепено ќе се воведуваат и меѓународните летови.
Владата разви програма за издавање сертификати за хотели и ресторани откако ќе исполнат строги критериуми. Постојат вкупно 132 критериуми, вклучително и почитување на хигиенските услови и социјално дистанцирање.
Вработените ќе мора да бидат обучени за спречување на ширењето на вирусот. Се укинува самопослужувањето на храна и пијалаци. Исто така, владата објави список со болници и нивните капацитети во популарните
туристички дестинации.
Туризмот е значаен дел од турската економија, а оваа година турските власти, пред пандемијата, предвидоа доаѓање на 58 милиони гости.
Фото: Pixabay
Ерсој вели дека коронавирусот во Турција е ставен под контрола и дека во 2021 година Турција може да очекува 63 милиони туристи.
Турција постепено ги укинува рестриктивните мерки наметнати за спречување на Ковид-19. Овој викенд полицискиот час е во сила во 24 града и провинции, што е намалување во споредба со 31 град од минатата недела.
Исто така, на лицата постари од 65 години им е дозволено да се надвор од својот дом неколку часа, а трговските центри и фризерските салони од понеделник ќе почнат со работа.
Според Универзитетот „Џонс Хопкинс“, во Турција има 137.115 луѓе заразени од Ковид-19 и 3.379 смртни случаи.
Извор:
Jutarnji.hr