УСС на УКИМ бара подготовки за јунска и септемвриска сесија со физичко присуство на студентите
Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св, Кирил и Методиј“ во Скооје побара да почнат подготовки за реализиација на јунската и септемвриската испитна сесија со физичко присуство на студентите. Студентите како аргумент посочуваат дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот се релаксираат, а бројот на заболени се намалува.
- Оттука сметаме дека ќе има услови за организирање испитна сесија со физичко присуство на студентите. Иако опасноста е намалена, сепак постои. Затоа сметаме дека Универзитетот и факултетите треба навремено да започнат со организирање на сесиите, за да се минимизира опасноста и би се избегнал хаосот кој ќе настане доколку неспремни влеземе во спроведување на испитната сесија – соопшти УСС-УКИМ.
Тие ги предложија следните чекори во насока на организирање на испитната сесија:
- Продолжување на времетраењето на јунската и септемвриската сесија, и тоа:
a. Јунската сесија да се продолжи и да трае најмалку од 1 jуни до 14 jули;
б. Септемвриската сесија да се продолжи и да трае најмалку од 17 aвгуст до 25 sептември;
- Оставање можност за повеќекратно полагање во една сесија, т.е. можност студентот да го полага предметот и втор пат во истата сесија, доколку не го положи првиот пат;
- Електронско пријавување на испитите;
- Полагање во повеќе термини во мали групи кои овозможуваат одржување дистанца од најмалку 2 метрa меѓу студентите, или организирање испити на отворено за големите групи;
- Задолжително носење маска во просториите на факултетите;
- Поставување средства за дезинфекција во сите амфитеатри и на влезовите на факултетите;
- Организирање на бифеата на факултетите преку шалтерски систем, без можност за седење;
Предлози се подготвени од страна на Комисијата за настава при УСС-УКИМ во консултации со делегатите при Студентското собрание.
- Сметаме дека продолжувањето на сесиите ќе им овозможи на факултетите соодветно, во рамки на препораките од здравствените експерти, да ја организираат сесијата, организирајќи повеќе термини за полагање во помали групи – велат студентите.
Дополнително, продолжување на сесиите и овозможување повеќекратно полагање на еден предмет ќе ги замени барањата за организирање дополнителни сесии за полагање на испитите. Барањата за дополнителни сесии својата основа ја имаат во неможноста за целосно фокусирање кон образованието од страна на студентите за време на кризата. Овозможување повеќекратно полагање, минимално, но значајно, ќе го намали притисокот со кој се соочуваат студентите.
- Универзитетот и факултетите мора спремни да го дочекаат релаксирањето на мерките и навремено да се подготват за организирање на испитната сесија. Досегашното функционирање во кризата е одлично координирано и реализирано. Кризата покажа дека УКИМ е спремен да се соочи со сите предзивици. Се надеваме дека ваквиот начин на работа ќе продолжи и успешно ќе ги совладаме идните предизвици. Во периодот што претстои, дополнително ќе разговараме со Универзитетот за продолжување на сите рокови за полагање на испитите – велат студентите.