Мали хидроцентрали – големи еколошки проблеми

Мали хидроцентрали – големи еколошки проблеми

Подготвил: Елица Бочвароска

Лектор: Ивана Кузманоска

Според податоците од невладините организации, досега во земјата се изградени над 90 мали хидроцентрали, а уште дваесетина се градат

Невладините организации повторно побараа од Владата да ги запре сите планирани мали хидроцентрали што се наоѓаат во национални паркови, заштитени подрачја или подрачја за кои е почната постапка за прогласување на заштита. Според нив, изградбата на малите хидроцентрали во заштитените подрачја без соодветно да бидат почитувани препораките за заштита на животната средина ќе им нанесат голема штета на природата, биолошката разновидност, а во одредени населени места и на квалитетот на водата за пиење.
Ана Чоловиќ-Лешоска од невладината организација „Еко свест“ вели дека со последниот повик за доделување концесии за искористување на водните ресурси за производство на електрична енергија од 2019 година, планирани се 22 локации за изградба на хидроцентрали, од кои 11 се во подрачја што се по заштита.

- Овие локации се во подрачја кои се под некаков вид заштита, национален парк, Емералд подрачје, подрачје значајно за растенијата. По нашата реакција Владата реши да не додели концесии за три локации во заштитени подрачја, но другите осум сепак останаа. Оттогаш не е објавен нов повик за доделување концесии. Но важно е дека една третина од доделените концесии се на локации што се во заштитени подрачја - вели Чоловиќ-Лешоска, која додава дека влијанието на малите хидроцентрали е големо во подрачјата со висока биолошка разновидност.



Според податоците од невладините организации, досега во земјата се изградени над 90 мали хидроцентрали, а уште дваесетина се градат. Чоловиќ-Лешоска вели дека во Стратегијата за развој на енергетиката се предвидени уште околу педесет мали хидроцентрали.
-За жал, она што го увидовме во минатиот период е што за над 120 локации, при процесот на издавање дозвола за градба, Министерството за животна средина и просторно планирање не побарало студија за оцена на влијанието врз животната средина, туку ја завршило постапката со еколошки елаборат. Овие документи недоволно ги образложуваат карактеристиките на локацијата, не бараат мониторинг на живиот свет, немаат предвидено доволно мерки за заштита, а и за нивното спроведување не е надлежен Државниот инспекторат за животна средина. При реализација на овие проекти се забележува непочитување на мерките, лоша градежна практика и појава на огромни штети врз природните живеалишта - вели Чоловиќ-Лешоска.

Таа вели дека штетите од малите хидроцентрали се познати и кај нас и во соседните земји, пред сè, поради зафатите на речните корита каде што се уништува крајбрежната вегетација и живеалиштата на многу видови кои се под ризик за изумирање. Според неа, со изградба на малите хидроцентрали на овие локации и пристапни патишта до нив се создава ерозија и лизгање на земјиштето, а тоа прави непоправлива штета врз уникатните релјефни структури и претставува ризик од поплави при обилни дождови.
- Со изградбата на пристапни патишта до најскриените делови од планините и шумите се овозможува криволов, дива сеча, вознемирување на дивиот свет и изградба на цврсти објекти во подрачја што одамна се планирани за заштита. Ова е голем проблем во случајот со нашите заштитени подрачја. Поради изградбата на малите хидроелектрани, во голем број села во државата е забележан проблем со снабдувањето со вода, што ги оневозможува граѓаните да го остварат правото на чиста и безбедна вода за пиење - вели Чоловиќ-Лешоска.
Таа вели дека барањето до Владата да запрат активностите околу изградбата на хидроцентралите во заштитените подрачја го пратиле кон крајот на декември лани, а одговор добиле кон крајот на март.
- Во одговорот стои дека Владата и Министерството за животна средина и просторно планирање ја разгледуваат можноста за раскинување на договорите за концесии на Шар Планина, а во делот за субвенциите што ги добиваат не добивме одговор - вели Чоловиќ-Лешоска.



Невладината организација „Фронт 21/42“ вели дека е загрижувачки доколку Владата смета дека хидроцентралите се најеколошки извори на енергија бидејќи во извештајот за Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година стои дека според бројот на планирани локации, овие објекти за користење на водата се голема закана за природата.
- Во самиот извештај на Стратегијата за развој на енергетиката се препорачува при изработка на конкретни проекти за изградба на мали хидроцентрали да се изостават националните заштитени подрачја, како и подрачјата предложени за заштита, кои се дел од националната мрежа за заштитени подрачја „Емералд, Натура 2000“ - велат од „Фронт21/42“ и потсетуваат на Законот за води со кој се налага почитување на Националната стратегија за води (2021-2042) со која се предвидува развивање на катастарски локации за изградба на мали хидроцентрали и со која ќе има листа на локации каде што може да се градат мали хидроцентрали, водејќи сметка за животната средина, пределот и другите критериуми.

- На владината седница во декември лани усвоени се одлуки за продолжување на рокот за изградба на мали хидроцентрали на дел од Шар Планина, за кој паралелно се одвива процес за прогласување на национален парк. Во процената за влијанието на новиот Закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк стои дека неконтролираната и прекумерна градба на хидроцентрали го отежнува секојдневниот живот од аспект на водоснабдување и наводнување - стои во писмото на „Фронт 21/42“. Оттаму додаваат дека изградбата на хидроцентрали во ова подрачје ќе има дополнително негативни влијанија врз шумскиот фонд, создавање свлечишта и уништување на живеалиштата на дел од животинскиот свет. Потсетуваат и на Декларацијата на Европската комисија - „Зелена агенда за Западен Балкан“, во која е наведено дека Западен Балкан е дом на некои од последните чисти реки во Европа.
Од невладината организација велат дека за речиси сите наведени документи, сите надлежни институции во државата имаат обврска да ги почитуваат.
- Потсетуваме и на отворениот меѓународен случај против Македонија „Развој на хидроенергетски проекти на територијата на националниот парк Маврово“ пред Бернската конвенција при Советот на Европа. Случајот е отворен уште пред седум години бидејќи Македонија упорно не ги исполнува препораките. Во последната одлука од декември лани комитетот на Конвенцијата повторно бара од македонските власти да ги запрат сите планови за развој, концесии и процеси за издавање дозволи за нови хидроенергетски проекти на територијата на паркот. Неколку недели подоцна Владата го продолжи истечениот рок за изградба на две хидроцентрали во паркот, тоа се хидроцентралите Жировница 5 и 6, со што ја прекрши Бернската конвенција, која е меѓународен договор, а со тоа и Уставот - велат од „Фронт 21/42“.



Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека од 2019 година, со донесувањето на Стратегијата за развој на енергетиката во Македонија, не доделиле ниту една нова концесија за изградба на мали хидроцентрали, без оглед дали се во заштитено подрачје или подрачје што не е под заштита без процена на влијанието на животната средина.
- Со Стратегијата во чија изработка учествуваа и невладините организации, како најбрзо растечки технологии за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија се издвоени фотонапонските електрани и ветерните електрани, а за малите хидроцентрали е наведено дека треба внимателно да се преоцени во однос на влијанијата врз животната средина наспроти придобивките од произведената електрична енергија - велат од Министерството за животна средина.
На забелешките од невладините организации дека за една третина од издадените концесии и дозволи за изградба на мали хидроцентрали не се направени студии за влијанието врз животната средина, од Министерството велат дека од првиот повик на почетокот на 2009 година до последниот, пред две години, не е склучен ниту еден договор без постапка за процена на влијанието врз животната средина, и дека за некои, според големината, направени се само еколошки елаборати, а за некои се изработени студии со кои се предвидени и заштитни мерки.
Оттаму велат и дека во договорите за концесија и за изградба се наведни и обврските на концесионерите и дека надлежност за тоа дали тие се спроведуваат според пропишаните заштитни мерки, покрај градежните и водостопанските инспектори, имаат и инспекторите од Државниот инспекторат за животна средина.

- Во однос на подрачјата што во меѓувреме се предложени за заштита или се заштитени, сите доделени концесии и сите постојни објекти мора да бидат земени предвид при изработка на студиите за валоризација - велат од Министерството.
Објаснуваат и дека при секоја постапка за доделување концесии за мали хидроцентрали се земаат предвид постојните водоснабдувачки системи и потребите на населението, и дека во тоа се вклучени и општините, кои се надлежни за комуналните дејности. Не можат да кажат дали ќе ги ревидираат дозволите за концесија и изградба на мали хидроцентрали каде што се појавиле вакви проблеми, бидејќи секој случај е различен и бара различно постапување.
По реакции на невладините организации, во декември лани Владата поништила одлуки за концесии за мали хидроцентрали, од кои едната во националниот парк Маврово, друга во националниот парк Пелистер, а трета на Јабланица, за каде што од градоначалниците на Струга и на Вевчани има иницијатива за заштита. Од Министерството велат дека првично дале одобрение за овие локации бидејќи добиле позитивни мислења за нив од сите надлежни институции.

На прашањето како ќе постапат по барањето на невладините организации да запре изградбата на мали хидроцентрали во заштитени подрачја или во подрачја за кои е почната постапка за заштита, од Владата одговорија дека ниту усвоиле план ниту планираат изградба на 406 мали хидроцентрали. Според Владата, во Стратегијата за развој на енергетиката, во чија изработка учествувале и невладините организации, е наведено дека најбрзорастечки технологии за производство на електрична енергија од обновливи извори ќе бидат фотонапонските и ветерните електрани, а кон хидроцентралите да се пристапува внимателно.
-Изградените мали хидроцентрали се според спроведените постапки во минатото, односно во периодот од 2007 година кога се донесени првите мерки за поддршка на обновливи извори на енергија. Во изминатите четири години беше спроведен само еден тендер за мали хидроцентрали со капацитет од дваесетина мегавати за 19 локации за мали хидроцентрали - велат од Владата.
Оттаму додаваат дека изјавите и цитатите на невладините организации од Националната стратегија за заштита на природата не се целосни и се извадени од контекст, бидејќи заклучоците од оваа стратегија се однесуваат доколку се реализирал претходниот план за изградба на сите хидроцентрали.

- Оваа студија се однесува на 80 мали хидроцентрали и изработена е за спроведување на постапките за концесија што ги направило Министерството за животна средина од 2012 до 2015 година - велат од Владата и додаваат дека за почнување постапка за доделување концесија, одлучува Владата по предлог од Министерството за животна средина, во согласност со водостопанската основа на земјава за управување со речни сливови.
Од Владата додаваат дека изминатите четири години склучиле договори за изградба на фотонапонски централи со капацитет од 60 мегавати и дека годинава ќе има уште еден ваков јавен повик во првиот квартал на годината.
- Споредено со претходните десет години, кога се потпишани сто договори за мали хидроцентрали со капацитет од 130 мегавати, а изградени се само 17 мегавати фотонапонски централи, јасна е определбата и политиката на оваа Влада за развојот на обновливите видови енергија - велат од Владата.

Фото: Еко-свест