Се подготвува нова концепција за државна матура. Испитите нема да се исти за гимназиите и за стручните училишта

Се подготвува нова концепција за државна матура. Испитите нема да се исти за гимназиите и за стручните училишта

Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Таа концепција не мора да ја носи Собранието, туку ја усвојува Владата, но пред да стаса до Влада, претходно за неа ќе се дебатира. Ако е во ред, тогаш би можела да се реализира следната година, објаснуваат во Државниот испитен центар

Работна група составена од претставници на Бирото за развој на образованието, Центарот за средно стручно образование, Државниот испитен центар, како и директори, професори, средношколци и претставници од високото образование, изминатиов период прават нов концепт за матура. Како што дознава Факултети.мк, членовите на работната група се пред финализирање на документот во кој ќе биде содржана новата концепција, според која, поентата е матурскиот испит да не биде ист за учениците во гимназиите, во стручните училишта и во уметничките училишта.

- Со помош на Џорџ Бетл, најдобриот докажан експерт за евалуација, но и со финансиска поддршка од Светска банка, се работи новиот концепт за државна матура. Бетл ја има работено и нашата претходна концепција за матура, а работел и за многу држави во Европа. Сакаме и целта е да има поразлична матура за гимназиско образование, а таа да биде поинаква и за уметничките училишта, како и за стручните училишта. Сега сите исто полагаат, и оние што имаат повеќе часови по мајчин јазик, на пример, и оние што имаат помалку. Дополнително, и опфатот на содржините, темите и целите не е ист – вели Елизабета Наумовска, директорка на Државниот испитен центар.

Засега е неизвесно од кога ќе започне примената на новиот концепт, но има шанси тоа да се случи следната година.



- Ќе видиме од кога би почнало да се применува тоа. Првин треба да се финализира како документ, по што ќе го дискутираме со министерката, па ќе биде организирана поширока јавна расправа. Таа концепција не мора да ја носи Собранието, туку ја усвојува Владата, но пред да стаса до Влада, претходно за неа ќе се дебатира. Ако е во ред, тогаш би можело веќе од следната година да се реализира. Во извештајот на ОЕЦД за нашето образование државната матура е нешто што е највисоко вреднувано, но сепак има препорака дека треба да се менува - додава Наумовска.

Во меѓувреме, во тек се подготовките за полагањето на годинашната државна матура. Директорката Наумовска вели дека побарала од оние што ги подготвуваа прашањата да не прават трик-прашања.

- Дали ќе се лесни или тешки прашањата, тоа е релативно. Барав од професорите што ги подготвуваа да нема трик-прашања, да нема премногу ситничарење, туку да се видат генералните знаења на учениците. Ако се прелесни, ќе се лутат и факултетските раководства, ќе речат дека не можат сите да ги запишат - додава директорката.

Мајчин јазик матурантите ќе полагаат на 29 мај, а на 5 јуни се полага странски јазик.