Дали треба да се вакцинираат тие што прележаа ковид-19 во време кога нема доволно вакцини? Проф. д-р Никола Пановски ги разрешува дилемите

Дали треба да се вакцинираат тие што прележаа ковид-19 во време кога нема доволно вакцини? Проф. д-р Никола Пановски ги разрешува дилемите

Подготвил: Радмила Заревска

Лектор: Ивана Кузманоска

Здравствените власти во земјава, според Пановски, направиле грешка кога дозволиле да се вакцинираат лица што ја прележале болеста ковид-19 пред помалку од шест месеци, во услови кога нема доволно вакцини за масовна имунизација. Смета дека на тој начин сега ќе имавме најмалку уште 100.000 лица што ќе имаа некаков имунитет, односно ако сега од 300.000 вакцинирани лица, 100.000 се оние што прележале, па место нив се вакцинираа 100.000 непрележани, за толку ќе имавме повисок процент на колективна заштита

Кога е соодветен период за вакцинација по прележан ковид-19? Дали со одреден број на ИгГ антитела треба да се вакцинирате?
Овие прашања меѓу граѓаните се провлекуваат со месеци, уште пред да почне масовната вакцинација во земјава. Дебатата на социјалните мрежи постојано се разгорува, особено кај помладите, но и во период кога во државата нема доволен број вакцини, односно има застој во масовната вакцинација, а многумина одат и во соседна Србија за да се вакцинираат.
На што се должи тоа? Дали станува збор за страв од повторно заразување или, пак, граѓаните сакаат да добијат сертификат за вакцинација со цел да можат полесно да патуваат во текот на летниот период?
Еден од оние што често ги разрешуваат дилемите на граѓаните е микробиологот, проф. д-р Никола Пановски, кој вели дека здравствените власти во земјава направиле грешка кога дозволиле да се вакцинираат лица што ја прележале болеста ковид-19 пред помалку од шест месеци, во услови кога нема доволно вакцини за масовна имунизација.

За Факултети.мк, микробиологот вели дека тоа што се вакцинирале овие лица оневозможило голем број граѓани да дојдат до вакцина, иако им е потребна.

Приоритет се оние што имаат 100 или 1.000 пати поголеми шанси за заразување

Според Пановски, требало барем да се апелира до прележаните да не се пријавуваат за вакцинација додека не се вакцинираат преостанатите што сакаат.
- На тој начин сега ќе имавме најмалку уште 100.000 лица што ќе имаа некаков имунитет, односно ако сега од 300.000 вакцинирани лица 100.000 се оние што прележале, па место нив се вакцинираа 100.000 непрележани, за толку ќе имавме повисок процент на колективна заштита - објаснува Пановски.
Тој објаснува и кој е соодветниот период за вакцинација за едно лице по прележан ковид-19.

- Ако зборуваме за Македонија, каде што во моментов има недостиг на вакцини за масовна вакцинација, соодветен период требаше да биде оној кога ќе се вакцинираат сите што не прележале, а се пријавиле за вакцинација. Дали тоа ќе беше септември или октомври годинава, не е важно, приоритет требаше да имаат оние што имаат 100 до 1.000 пати поголеми шанси да се заразат - заклучува Пановски.



Колку трае имунитетот по прележан ковид-19?

Микробиологот вели дека според повеќето истражувања, оние што прележале ковид-19 пред 12 месеци сè уште се имуни на заразување, а особено на сериозна клиничка слика од ковид-19.
- Се очекува имунитетот да е долготраен, можеби и доживотен, барем според сојот (мутацијата) кој ја предизвикал инфекцијата. Државата нема точна евиденција колку од вакцинираните, всушност, се и лица што го прележале вирусот - вели микробиологот.
Според него, антителата не се знак за имунитет, туку доказ дека тоа лице било инфицирано со вирусот и дека неговиот имунолошки систем при повторна средба брзо ќе реагира со создавање нови антитела.
- Се разбира дека има ИгГ антитела што имаат различна функција. Неутрализирачките антитела се оние што штитат од вирусот, па тие ги мерат научниците за процена на ефикасноста на вакцината или за имунолошкиот одговор по инфекција - посочува Пановски.

Се форсира вакцинација на оние што прележале во март или април

Нема одговор зошто кај нас се дозволила вакцинација на лица што прележале ковид-19 по еден месец, токму во период кога нема доволно вакцини за целото население.
- Се препишаа препораки од Светската здравствена организација и од Европската Унија, кои кажаа дека треба да помине најмалку еден месец од прележување, што е сосема неразбирливо. Но, имаше и препораки тоа да биде по шест месеци, кои не соодветствуваат на нашата реалност - додава професорот.
Според него, имаме голем број прележани, а имаме недостиг на вакцини.
- Едноставно, изгледа дека им е полесно да не се води евиденција, па се форсираше вакцинација на сите, сосема нерационално, па се случува сега да се вакцинираат оние што прележале во март и април годинава! Тоа е исто како сега и ние од здравството што се вакциниравме во март, повторно да се вакцинираме, а другите да чекаат - заклучува Пановски.

Секој трет вакциниран веќе имал прележано ковид-19

Според него, не се знае колкав е бројот на пациенти што прележале ковид-19 и се вакцинирале.
- Тоа не го знаеме, ниту некој ве прашува дали сте прележале пред да се вакцинирате ниту се води евиденција. Услов е само да не сте прележале ковид-19 во претходниот месец пред примање на вакцината. Ако сте прележале пред 32 дена, ќе ве вакцинираат без проблем. Според тоа што го слушам од пунктовите за вакцинација, секој трет што дошол да се вакцинира веќе прележал ковид-19 - посочува микробиологот.
Професорот смета дека една доза од вакцината е сосема доволна кај веќе прележаните да создаде комплетен имунитет, кој е подобар од две дози на вакцини.
- Тоа го кажува науката. Понатаму сè е бирократија. Се вакцинираат не за имунитет, кој го имаат, туку за сертификати. Се воведуваат забрани за патувања, условување кој каде смее да влезе или не, што нема врска со човековото здравје и со епидемиологијата. Срам за цивилизацијата во 21 век и кршење на основните човекови права - заклучува доктор Пановски.