Завршена четвртата трансплантација на срце во земјава, пациент доби нова шанса за живот

Завршена четвртата трансплантација на срце во земјава, пациент доби нова шанса за живот

Рано утрово срцето на 44-годишната пациентка чие семејство несебично ги донира органите, почна повторно да чука. Вака министерот за здравство Венко Филипче изутринава ја соопшти веста за четвртата успешна трансплантација на срце во земјава. Во објавата Филипче појасни дека следните денови се критични и дека се надеваат оти телото ќе го прифати новиот орган.

- Пациент кој неколку години боледува од тешка кардиоваскуларна болест добива шанса за нов живот. Во изминативе 24 часа стотина лекари, медицински сестри и болничари работеа заедно како тим и покажаа како беспрекорно функционира здравствениот систем - напиша Филипче на неговиот фејсбук-профил.



Инаку, од истиот донор, 44-годишна пациентка кај која била дијагностицирана мозочна смрт, доцна синоќа беа експлантирани и бубрезите. Министерот вчера во ноќните часови објави дека тројца пациенти ќе ги добијат органите.



- Постапката за трансплантација на срцето и на бубрезите ќе започне по полноќ, по што ќе следува експлантацијата на коскени ткива. Екипите за трансплантација од повеќе клиники работат веќе неколку часа на подготовка на донорот и реципиентите. Болничките координатори од КАРИЛ заедно со Министерството за здравство ја водат целата постапка. Инаку, ова е трета трансплантација од јануари и петта во изминатава година - објасни Филипче синоќа и изрази благодарност до фамилијата на починатата донорка.