Оваа недела нѐ очекува спектакуларна глетка на небото - кометата Неовајс. Еве како да ја видите
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Овој месец вселенски посетител го краси нашето небо. На 3 јули комета помина покрај Сонцето и оттогаш стана видлива со голо око. Ретката можност да видите комета од надворешниот дел на Сончевиот Систем ќе продолжи и наредната недела, кога астрономите се надеваат дека ќе стане уште посветла.
Користејќи го вселенскиот телескоп наречен „Широкопојасен инфрацрвен истражувач“ (Near-Earth Object Wide-Field Infrared Survey Explorer - NEOWISE), кометата била забележана првпат на 27 март, кога се приближувала до Сонцето. Кометата постепено се осветлувала како што сончевата светлина и сончевиот ветер предизвикале ослободување на гасови и формирање опашка. На почетокот од јуни кометата стигнала до крајната страна на Сонцето. Добиениот сјај ги спречило астрономите да ја набљудуваат кометата во период од неколку недели. Но, кон крајот на јуни таа се вратила во видното поле на друг вселенски телескоп во Соларната и хелиосферска опсерваторија.
На 3 јули набљудувачите внимателно ја гледале додека таа почнувала со најопасниот дел од своето патување: најблиското доближување до сонцето, што ја донесе на 44 милиони километри од нашата ѕвезда. Интензивната светлина и топлина од толкава близина има тенденција да предизвика распаѓање и исчезнување на кометата од ноќното небо. Но, Неовајс преживеа и се појави посветла од кога било.
Сега, во наредните неколку дена, жителите на северната хемисфера ќе имаат уникатна можност да ја погледнат взори.
- За многу луѓе на северната хемисфера кометата ќе биде видлива еден час пред изгрејсонце, многу ниско на североисточното небо. Сега се наоѓа во соѕвездието Аурига - вели Кери-Ан Леки Хепберн, метеоролог и астрофотограф, која направила фотографија од кометата над Торонто.
Фото: Instagram
Таа препорачува да се најде точното место на
кометата со користење специјализирани апликации за паметни телефони со интерактивни мапи од соѕвездијата. Иако е видлива со голо око, кометата сè уште е слаба, така што двогледот би понудил подобар поглед.
Почнувајќи од 12 јули, кометата ќе биде видлива и во вечерните часови. Околу еден час по зајдисонце ќе се појави во близина на северозападниот хоризонт. Како што поминува месецов, таа ќе се издигне повисоко на небото. На 22 јули кометата ќе стигне до најблиската точка до Земјата - оддалеченост од 103 милиони километри, пред да продолжи со својот космички лет.
По оваа средба астрономите очекуваат кометата да ја нема одреден период. Нејзината долга орбита околу нашата ѕвезда ќе ја врати во близина на Земјата по околу 6.800 години.