Јан Стојановски, млад физичар: „Физиката ја има моќта да го објасни светот“

Јан Стојановски, млад физичар: „Физиката ја има моќта да го објасни светот“

Подготвил: Орце Костов

Лектор: Ивана Кузманоска

Талентираниот средношколец, сега матурант, Јан Стојановски, пред две години го освои првиот златен медал за Македонија на Европската олимпијада по физика и стана првиот натпреварувач кој обезбеди учество на три меѓународни олимпијади.

Покрај златото на Балканската олимпијада, тој освои и сребрен медал на Балканската олимпијада по математика, бронзен на Меѓународната олимпијада по математика и бронзен на Европската олимпијада по физика.

Иако освојувањето злато е поголемо постигнување, Јан во разговор за „Факултети.мк“ вели дека тоа не му го променило животот затоа што и сега, по две години од успехот, го прави истото што го правел и претходно. Јан сѐ уште се натпреварува, учествува на разни настани, се подготвува за матура во средното училиште „Јахја Кемал“ и упис на еден од факултетите кои нудат најдобра програма по физика и математика, предмети кои се центар на неговата иднина.



Физиката има моќ да го објасни светот

Јан се занимавал и со уметничко лизгање, но подоцна барал друга активност и се пронашол во природните науки, програмирањето и електрониката. Ги сака сите природни науки, но ја издвојува физиката како најголема љубов. Поради нејзината моќ да го објасни светот, физиката за Јан е поразлична од другите природни науки.

- Ги сакам сите природни науки, но физиката ми остана љубов бидејќи е основна и сите науки се поврзуваат со неа. Физиката ја има моќта да го објасни светот и да предвиди што ќе се случи. Ако знаеме како нешто се однесува, ќе знаеме и како ќе се однесува во иднина. Многу е важно да се познава физиката бидејќи многу работи, како мали, кога сме биле најљубопитни, сме ги правеле без да знаеме зошто е тоа така. Децата секогаш ги интересираат најпрости прашања, а родителите им објаснуваат лажни приказни. Најдобро е уште тогаш да им се открие вистината и основите на физиката, така и ќе се распали жарот на љубопитноста – открива Јан.
Како мал дома правел експерименти, но не по физика затоа што кај неа го привлекува теоретската страна, туку по хемија и програмирање.

- Имам правено многу експерименти дома, моите знаат дека секогаш сум го оставал домот валкан и морале да чистат по мене. Со хемија правев повеќе експерименти. Но, сврзував и електрични кола и програмирав. Во овој период открив колку убавина има во природните науки – раскажува тој.



Нема учење без дружење, ниту дружење без учење

Како ученик, Јан не ги следи само стандардните пристапи на учење, туку и сам истражува, чита книги на интернет и бара решенија. Ова бара жртва во друштвениот живот и во другарувањето, но Јан вели дека се постигнува рамнотежа затоа што нема учење без дружење, ниту дружење без учење.

- Другарувањето е мала жртва, но најважно е да се постигне рамнотежа, не може само да се дружиме и ништо друго да не учиме. Не би имало смисла и само да учиме и да немаме никаков живот. Затоа и се дружиме ние помладите со слични интереси, дознаваме и споделуваме нови работи во кружоци – објаснува Стојановски.

Социјалните мрежи како екстра алатка, а не за губење време

Јан и неговите врсници се дел од генерацијата која не вклучува телевизор и се информира за сѐ на социјалните мрежи каде што младите ги споделуваат и успесите и поразите. Тој вели дека не е лошо да се користат, но се многу заразни. Затоа ги користи само за комуникација, односно како екстра алатка, а не за губење време. Најмногу време поминува на „Јутјуб“ каде што гледа видеа за темите од образовен карактер.

Со неговата активност како млад и талентиран физичар и математичар, Јан придонесува да се разбијат некои стереотипи во општеството, како што е мислењето дека сите талентирани ученици се „бубалици“ кои по цел ден зјапаат во книгата.

- Има стереотипи, но тие имаат две вистини. Не сум имал лоши односи со врсниците, но ако некој ме нарече „бубалица“, баш ми е гајле. Тоа бил мојот став отсекогаш – вели Јан.



Математиката не познава раса, за неа културниот свет е една земја


За Јан е поважно тоа што со науката, учествата на државните натпревари, на олимпијадите по физика и другите предмети може да се зближат различностите без разлика дали се социјални, родови, верски или етнички.

- Познатиот математичар Дејвид Хилберт има една изрека: „Математиката не познава раси или географски граници; за математиката, културниот свет е една земја“. Знаењето не разграничува ниту род ниту народност – коментира талентираниот Јан.

Успехот во образованието само може да ги поттикне младите да инспирираат конструктивни наративи и да се заборави на говорот на омраза во училиштата и на интернет. Тоа Јан го почувствува кога заедно со група натпреварувачи седнале да решаваат задачи под боите на Македонија на олимпијадите.

- Дома се натпреваруваме меѓусебно како ученици, но кога ќе излеземе со други земји, различно е чувството. Сите сме обединети за една цел, не се чувствувам како единец, туку како дел од група која сака да успее. Колку и да велиме дека не е важно, кога ќе стигнеме таму, се чувствува притисокот дека не сакаме да загубиме бидејќи ги браниме боите на земјата. Најважно нешто од натпреварите се другарствата што ги создаваме, а не конкуренцијата. Ако еден од нас успее, тоа е успех за сите – порача Јан.

Тој се надева дека ќе има добро високо образование, дека ќе научи многу и ќе стане професор и научник по физика или математика кој ќе се фати во костец со најголемите проблеми на човештвото.



Фотографија: Иван Наунов

Текстот е подготвен во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“, финансиран од Фондот за мир на Обединетите нации и спроведуван од Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), УНЕСКО и UN Woman.