Филипче: Наставата да почне онлајн, освен за првачињата, е ставот на Комисијата за заразни болести
Став на Комисијата за заразни болести е наставата да почне да се одвива онлајн, освен во првите одделенија во кои е неопходно физичко присуство на децата, изјави министерот за здравство Венко Филипче.
- Стравувавме во оваа ситуација, наесен, кога не знаеме што може да нè чека и со што се соочуваме, како и сите земји во Европа, ќе биде многу ризично да дозволиме децата да се вратат без никакво ограничување во затворена просторија - изјави Филипче во вестите на ТВ „Канал 5“.
Тој посочи на опасностите за ширење на заразата за време на транспортот од и до училиштата, потоа комуникацијата на децата на одморите, при влез во училиштето, во заедничките простории и ходниците.
Овој став Филипче денеска го презентирал на седница на Владата и додаде дека дискусијата сè уште трае и очекува Владата за неколку дена да го донесе конечниот заклучок.
Состанокот на Комисијата за заразни болести со претставници на МОН денеска беше одложен за утре, а беше најавено дека протоколите за начинот на реализација и моделите на настава ќе бидат соопштени на 10 август.
Фото: vlada.mk