Носиме гени од непознат предок, откриваат научниците

Носиме гени од непознат предок, откриваат научниците

Подготвил: Драгана Петрушевска

Лектор: Ивана Кузманоска

Алгоритам за генетичка анализа развиен од група научници открива дека денешните луѓе носат гени од непознат предок бидејќи имало мешање меѓу видовите пред илјадници години.

Научниците откриле докази дека луѓето во историјата и поврзаните видови повеќепати се мешале. Ова го покажуваат остатоци од овие видови во нашата ДНК. Познато е дека некои луѓе ја напуштиле Африка и се мешале со неандерталците во Евроазија пред приближно 50.000 години. Меѓутоа, ново истражување покажува дека тоа не било единствен пат нашите предци и нивните роднини да се мешаат и да разменуваат ДНК.


Фото: Pixabay

Истражувањето било спроведено од Мелиса Хубиц и Ејми Вилијамс од Универзитетот „Корнел“ и Адам Сипел од лабораторијата „Колд спринг харбор“. Во него била направена анализа на геномите од два неандерталци, еден денисовец и двајца африкански луѓе за да се препознаат деловите во нивната ДНК што биле пренесени од други видови. Ова било направено со помош на алгоритам.

Резултатите покажале дека 3% од геномот на неандерталците потекнуваат од луѓето и мешањето се случило пред 200.000 до 300.000 години. Освен тоа, 1% од геномот на денисовецот потекнувал од стар предок на човекот кој не бил човек, ниту неандерталец ниту денисовец.


Фото: Pixabay

Научниците претпоставуваат дека околу 15% од овие стари делови се пренесувале до модерните луѓе и постојат во нашиот геном дури и денес.

Непознатиот стар древен предок би можел да биде хомо еректус, велат научниците. Истражувањето било објавено во списанието „ПЛОС џенетикс“.

Автор: Дерија Оздемир
Извор: interestingengineering.com