Студира хемија во Америка, но во Македонија научи да прави крвни анализи - Метју Костоф, студент од дијаспората вклучен во практична летна настава во земјава
Подготвил:
Жанета Здравковска
Лектор:
Ивана Кузманоска
Сакам да изградам кариера во САД, но и редовно да го посетувам родното место на моето семејство, вели Костоф
Во Америка се чувствувам како Македонец. Обожавам да летувам во родната земја на моите предци. Но, не сакав повторно да дојдам тука само за да се излежувам на плажа, туку за да научам нешто ново, вели Метју Костоф од Детроит, САД, кој има потекло од селата Љубојно и Драгош од Македонија. Тој беше еден од студентите од дијаспората вклучени во проектот „Родум од Македонија“ кои летово посетуваа практична настава во македонски институции. Костоф студира хемија, но за време на престојот овде научи како да анализира крв во лабораторија.
- Студирам хемија и биологија на Универзитетот во Источен Мичиген во Ипсиланти. Хемијата отсекогаш ме привлекувала и има толку многу различни идеи за истражување и проучување. Се пријавив за оваа програма затоа што не сакав овој пат да дојдам во Македонија само на одмор. Сакав да го истражам работниот живот во земјата и да видам како се водат лабораториите овде. Ова искуство ми остави голем впечаток. Моите ментори беа неверојатни и ме научија како да анализирам примероци од крв - вели Костоф.
За време на престојот во Македонија имаше можност да проследи пракса во лабораторија во Битола, да ги посети Биотехничкиот факултет, Заводот за здравствена заштита и други институции поврзани со научните дисциплини што ги студира.
Македонскиот јазик го научил од баба му и дедо му
И по мајка и по татко е Македонец. Дедо му и баба му од страната на татко му се од село Драгош, Битолско, додека од страната на мајка му од Љубојно, Преспа. Тие емигрирале во САД во потрага по подобар живот и повеќе можности. Но, и по толку години не се откажале од зборувањето на македонскиот јазик.
- Македонскиот јазик го научив од моите баба и дедо, но не би се сметал себеси за експерт за јазикот. Одговорот што им го давам на повеќето луѓе кога прашуваат дали зборувам македонски е дека можам да разберам, но тешко ми е да се вратам. Сепак, ја разбирам суштината и многу ми е мило за тоа - вели Метју.
Додава дека сè е исто откако последен пат бил овде во 2019 година. И тогаш и сега сакал да го минува времето во Битола и во Љубојно. Му се допаѓаат слободата и ноќниот живот во Битола. Додека е во Љубојно, повеќе се опушта и оди на плажи на Преспанското Езеро.
- Секогаш им кажувам на моите пријатели колку е прекрасна Македонија. За бујната природа и тоа колку се забавувам и количината на одлична храна што ја јадам - вели Костоф.
Се чувствувам како Македонец во Америка
Во Америка уште ги негуваат македонските традиции, како што се православните слави, имендените и празниците Божиќ и Велигден.
- Јас живеам во областа Детроит и таму има голема заедница на Македонци. Не знам за другите, но јас се чувствувам како Македонец додека живеам во Америка. Многу сум горд на моето потекло и тоа влијае врз тоа како го живеам мојот живот. Во Македонската православна црква блиску до мене се одржуваат многу настани и ора за младите и многу е забавно - додава студентот.
На прашањето која му е животната цел, вели дека сака да биде успешен во кариерата, но сака до крајот на животот редовно да го посетува родното место на неговите предци.
Тој, Христијан Доумкос и Наум Хофман се тројца млади студенти од Америка, Канада и Швајцарија кои во Битола посетуваа практична настава како студенти од дијаспората. Програмата „Родум од Македонија“ ја реализира Обединетата македонска дијаспора во соработка со МЦМС и Битолска алијанса. Во програмата се вклучуваат студенти со македонски корени со цел да ги доживеат македонската култура, традициите, богатата кујна и историјата на нивните предци во татковината.
Целта на програмата е соработка меѓу факултетите
По шести пат се организира оваа програма, но првпат со вклучување на Битола. Иницијативата за нејзино проширување ја покренаа четири невладини организации, во кои членуваат и универзитетските професорки Рената Петревска-Нечовска од „Хаб за тактички менаџмент“, Мимоза Богдановска-Јовановска од Центарот за локални иницијативи, Моника Ангелевска-Дичовска од „Инова лаб“ и Светлана Петковска од Здружение на жени - Битола.
- Можеби ќе се воспостави соработка со нивните факултети. Добриот глас надалеку се слуша, па можеби ќе имаме повеќе студенти, со што ќе се прошири кругот на универзитети со кои Битолскиот универзитет би имал соработка - рече Мимоза Богдановска-Јовановска, професорка на Факултетот за информатички и комуникациски технологии.
Гостите беа пречекани и во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Битола.
Фото: приватна архива