Извонредно решение на гимназијата „Јосип Броз-Тито“ за мобилните на учениците
Подготвил:
Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Лектор:
Ивана Кузманоска
Идејата е одлично прифатена и од наставниците и од учениците
Скопската гимназија „Јосип Броз-Тито“ на мошне практичен начин го реши проблемот со носењето мобилни телефони на час. Од оваа учебна година пред почетокот на часот учениците мора да ги остават мобилните на платно со џебови поставено во секоја училница. Идејата е одлично прифатена и од наставниците и од учениците.
- Колку и да се трудиш и ветуваш дека нема да го користиш за време на час, нешто те тера да ѕирнеш што се случува. Вака сме ослободени од тоа искушение – ни одговори ученик од втора година.
Пред часови мобилниот оди во платно со џебови
Ги прашуваме учениците дали им се допаѓа новото правило на куќниот ред. Сите одговараат потврдно.
На час по македонски јазик кај професорката Емилија Величкова сите мобилни телефони се ставени во џебовите. Таа вели дека сега останува и професорите да бидат доследни и со позитивен однос кон промената.
- Морам да кажам дека на почетокот учениците не беа баш расположени за соработка. Неволно прифатија да ги оставаат мобилните телефони. Но, сега веќе и самите се свесни од придобивките и каков ред всушност имаме. Полесно се учи на часот кога не ги следат мобилните телефони – вели Величкова.
Професорката Величкова е задоволна од новината
Пред воведувањето на џебовите за мобилни, тие пречеле во наставата.
- Не дека им ѕвонеа на час, ама ставени на вибрации, на клупа, постојано се слушаа. Па знаеја и да проверуваат пораки, социјални мрежи итн. На писмени и на тестови постои опасност и од препишување. Сега сите сме мирни и може да се фокусираме на наставата – вели таа.
Новина посакувана и од професорите и од родителите
Директорката Силвана Кржовска вели дека новината е воведена на барање од професорите, но и од родителите. Се губело вниманието за време на наставата. Размислувале да стават и блокатори, но ова се видело како посоодветно решение.
- Сите ученици денес имаат интернет, не им треба ниту ви-фи. Им се одземаа телефоните ако ги користеа за време на час, па мораше да доаѓаат родителите. Неубава ситуација за сите. Ова ни се виде како најпрактична идеја и засега функционира одлично – вели Кржовска.
Директорката Кржовска
Учениците слободно може да си ги користат за време на одмори. Откако ќе заврши часот, секој си го зема својот мобилен, па пак го остава кога ќе почне наставата. Оваа недела џепчињата ќе се нумерираат, па секој ученик ќе добие соодветно бројче со кое е запишан во дневникот.
- Порано телефоните ги оставаа под клупа, па често се случуваше да ги заборават. Вака секој ученик, кога ќе види дека другите си ги земаат, ќе се сети да го земе и својот – вели Кржовска.
Инаку, казната за користење мобилен телефон за време на настава или за препишување на тест е уредена со Правилник на училиштето. Ученикот добива опомена.
Пред часот учениците ги ставаат мобилните во овие џебови
Многу земји забранија носење мобилни телефони во училиште. Владата на Франција објави дека од оваа учебна година на учениците од основните и од средните училишта им се забрани да користат мобилни телефони.
Во онлајн-анкетата што ја направи Факултети.мк околу 55 отсто од анкетираните одговориле дека нивното дете носи мобилен телефон на училиште. Ги прашавме и наставниците како им влијаат мобилните врз наставата. 77,9 отсто од професорите (190 одговориле) велат дека не им дозволуваат на учениците да користат телефони во текот на часовите.