Зошто докторите препишуваат градинарство за анксиозност и депресија наместо лекови?
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Научниците откриле дека поминувањето два часа неделно во природа е поврзано со подобро здравје и поголема благосостојба. Можеби и не изненадува тоа што докторите сè почесто на пациентите им препишуваат време во природа и градинарски проекти за заедницата наместо лекови, како дел од „зелените рецепти“. Така, на пример, во Шетланд, на луѓето што страдаат од депресија и вознемиреност им се даваат „рецепти за природа“, при што лекарите препорачуваат прошетки и активности што им овозможуваат на луѓето да се поврзат со надворешноста.
Социјалните рецепти - немедицински третмани што имаат здравствени придобивки - веќе се користат во националната здравствена служба на Велика Британија за справување со анксиозност, осаменост и депресија. Тие честопати вклучуваат упатување на пациенти во заедница или волонтерска организација, каде што можат да спроведат активности кои ќе ги задоволат нивните социјални и емоционални потреби, а сè повеќе лекари се одлучуваат за градинарство на заедницата.
Доказите за ваквите третмани растат - истражувањата покажуваат дека препишувањето дружење може да помогне во подобрување на нивото на вознемиреност на пациентите и нивната општа здравствена состојба. Исто така, наодите укажуваат на тоа дека шемите за препишување дружење може да доведат до намалување на употребата на националната здравствена служба.
Придобивки од градинарството
Истражувањата покажуваат дека градинарството може директно да ја подобри благосостојбата на луѓето. А учеството во градинарство со заедницата може да ги охрабри луѓето да прифаќаат поздрави навики. Јадењето производи од градината на заедницата исто така може да им помогне на луѓето да формираат навика да јадат свежа, локално одгледувана храна.
Одгледувањето храна често е движечка сила зад проектите за градинарство во заедницата, без оглед дали е за јадење на оние што ја одгледуваат градината, за локална дистрибуција или за продажба. За разлика од индивидуалното градинарство, градинарството во заедницата бара елемент на соработка и колективно планирање. Работењето на заеднички цели може да создаде вистинско чувство за заедница. А во градината може да се развие чувство на поврзаност, не само со другите луѓе, туку и со живиот свет како целина.
Исто така, градините играат значајна улога во зачувувањето на биолошката разновидност. Градините можат да помогнат и во ублажување на климатските промени - нивната вегетација заробува јаглероден диоксид и може да го подобри квалитетот на воздухот. Корените на дрвјата и на грмушките во почвата апсорбираат вода, намалувајќи го ризикот од поплави.
Процесот на користење растенија и градини за
подобрување на здравјето е познат како социјална и терапевтска хортикултура. Освен промовирањето на придобивките за физичкото и менталното здравје, се покажува дека социјалната и терапевтската хортикултура помага и за подобрување на комуникацијата меѓу луѓето.