Јапонците го поминуваат животот чекајќи во ред
Подготвил:
Тамара Гроздановски
Лектор:
Ивана Кузманоска
Секој од нас има искуство со чекање во ред. Некој чека за слободно место во својот омилен ресторан, некој за да купи билет за кино, некој во продавница за да стигне до најновиот модел на „ајфон“.
Чекањето во ред во Јапонија има специфично значење. Ако некогаш се организира светски натпревар за „чекање во ред“, Јапонците веројатно ќе победат.
Стоењето во ред за купување на омиленото кафе во „Старбакс“ секое утро на пат кон работа, или купувањето јајца во продавница каде што се за 10 јени поевтини, за Јапонците е секојдневна навика.
Повеќето Јапонци со часови чекаат нешто. Никој никогаш не се жали на долгиот ред или изгубеното време.
Многумина се сеќаваат на сликите од Светското првенство во фудбал кога јапонските навивачи го чистеа ѓубрето на стадионот по завршувањето на натпреварот. Тоа го направија дури и кога нивните фудбалери изгубија на натпреварот.
Да не зборуваме за дисциплината што ја покажаа за време на нуклеарната катастрофа во Фукушима. Она што би било паника за другите, за Јапонците беше дисциплина, сила и трпеливост кога станува збор за резерви на храна, вода и основни прехранбени производи. А нивното добивање значеше стоење во ред и чекање со часови.
За време на земјотресот и цунамито во 2011 година во Јапонија немало грабежи или кражби. Кога конечно се појавила можност да дојдат до основните намирници и облека во локалните продавници, Јапонците послушно чекале во ред.
Бесконечно долги и совршено обликувани редови се формираат и во текот на летните фестивали во Јапонија. Луѓето чекаат во ред и пред штандови со храна и на железничките станици, во забавните паркови и пред штандовите за сладолед.
Никогаш никој не се турка и не вика затоа што чека. Луѓето се однесуваат природно и чекаат без многу врева. Времето на чекање за возење во забавен парк трае повеќе од два часа, а за најатрактивните возења дури и 160 минути.
Фото: Freepik
Јапонците се горди што чекаат и тоа го прават затоа што им предизвикува поголемо задоволство кога ќе дојдат до целта за која чекале. Колку е подолго чекањето, толку е поголемо уживањето.
Како странец, имав различно мислење. Помислив дека паркот не постапува добро со своите клиенти бидејќи ги принудува да чекаат толку долго време иако уредно платиле за влез. Ситуацијата во повеќето забавни паркови во Јапонија е иста. Секаде метеж и редови. Странците тешко се снаоѓаат.
Јапонците уште во детството учат како да формираат редови. Децата во градинките се учат на самодисциплина, соработка и почит, над сè.
Не е невообичаено јапонските градинки и основните училишта да организираат групни претстави со повеќе од 100 ученици. Додека деца од една возраст свират некој инструмент, другите седат и слушаат. Децата што играат учат да бидат во чекор со времето со останатите ученици.
Повеќето жители во Јапонија живеат во преполни градови и повеќето млади луѓе се свесни дека ако сакаат да добијат нешто, ќе мора да почекаат. Ова подоцна се покажува и кога ќе почнат да работат и кога ќе основаат семејство.
По многу години учење на овој вид однесување, што подразбира почит кон чекањето, крајниот резултат е обичај што се применува во речиси сите ситуации и околности во кои можат да се најдат, па и природни непогоди.
Автор: Младен Јовиќ
Фото: Pixabay