Како ќе се оценуваат учениците, кога ќе се среќаваат со наставниците? Детално објаснување од м-р Оливер Станојоски од БРО

Како ќе се оценуваат учениците, кога ќе се среќаваат со наставниците? Детално објаснување од м-р Оливер Станојоски од БРО

Подготвил: Антонија Поповска

Лектор: Ивана Кузманоска

Родителите треба да бидат вклучени во учењето од далечина и следењето на напредокот на нивните деца. Наставникот треба да ги информира родителите за очекувањата од учениците, задачите што (ќе) ги добиваат, успешноста во нивното изработување, насоките за понатамошната работа

Како ќе изгледа оценувањето во училиштата во услови на Kовид-19? На кој начин ќе се вреднува успехот на учениците? Дали ќе има опција тие усно да бидат испрашани или, пак, ќе се вреднува само знаењето што ќе го покажат на писмените тестови и писмени работи? Ова се само некои од прашањата што изминатиот период си ги поставуваа родители, наставници и ученици, кои се подготвуваат за почетокот на новата учебна година.

За ова поразговаравме со м-р Оливер Станојоски, советник во Бирото за развој на образованието (БРО), институцијата која периодов подготви план за оценување кој ќе треба да го применуваат наставниците и професорите во основните и во средните училишта од претстојната учебна година.



Консултативни средби за проверка на знаењата

Во основното образование се планира комбиниран начин на оценување, што подразбира поддршка на учениците при реализација на настава на далечина преку следење на ученикот, како и повремени консултативни, односно менторски средби со ученикот во училница.

- Организирањето на повремените консултативно-менторски средби или часови за следење во училиште, за поттикнување на учениците и проверка на постигнатото и вреднување на нивните знаења, е со цел да се надополнат одредени празнини во учењето од далечина, да се поттикне дополнително и продлабочено учење, но и да се развива грижа за социјалниот и емоционалниот развој на ученикот, и најважно - да се вреднуваат практични вештини што тешко можат да се демонстрираат во виртуелната училница - вели Станојоски.

За реализација на овие средби/часови, треба да се почитуваат протоколите за физичка дистанца и лична заштита, дезинфекција на просторијата/училницата итн., исто како за реализација на наставата со физичко присуство во училишта.

Родителите треба да бидат вклучени во учењето од далечина и следењето на напредокот на нивните деца. Наставникот треба да ги информира родителите за очекувањата од учениците, задачите што (ќе) ги добиваат, успешноста во нивното изработување, насоките за понатамошната работа. Наставникот треба особено да настојува да стапи во контакт и со родителите кои не пројавуваат интерес за учењето на детето.

Оценка нема да се добива само со тестови на знаење

Оценувањето, поучувањето и учењето се меѓусебно поврзани компоненти на наставниот процес. Овие компоненти влијаат еден врз друг и ако изоставиме една компонента, на пример оценувањето, тоа веќе не може да се каже дека е настава, објаснува Станојоски.

- Оценувањето обезбедува информации за постигнувањата на ученикот, им помага на учениците во учењето и им помага на наставниците во поучувањето. Оценувањето е континуиран процес, кој треба да се одвива во текот на целата учебна година, на секој наставен час. Покрај тестовите на знаење, оценувањето вклучува резултати од други наставни методи и техники, на пример, усните повратни информации, портфолија со збир на докази од разни активности на ученикот на часот, дискусиите на часот, проектни задачи и слично. Притоа не се оценуваат само знаењата на учениците, туку и вештините, ставовите, вредностите, навиките, однесувањето - појаснува тој.


М-р Оливер Станојоски

 При оценувањето наставниците треба да ги следат принципите на формативното и сумативното оценување. Формативното оценување е за да се подобри учењето, се одвива постојано и значи да се следи напредокот во учењето на учениците во текот на наставата. Формативното оценување е составен дел на сите фази во наставата, почнувајќи од планирањето, па сè до рефлексијата на наставникот за успешноста на часот.

- Методичките промени во наставата кон современа и интерактивна настава редовно вклучуваат формативно оценување. Исто така, воведувањето на описното оценување во првиот и во вториот развоен период од деветгодишното основно образование е во насока на подобро формативно оценување. Сумативното оценување е за да се оцени постигнувањето на ученикот на крајот од дадената наставна целина, на крајот од тромесечје, полугодие или на крајот од наставната година - објаснува Станојоски.

Секој ученик на консултации во училница


Менторско-консултативните средби со ученикот во училиште служат за непосредно следење, контролирање и вреднување на напредокот на ученикот во учењето, а тоа зависи од предвидените цели/резултати на учењето и треба однапред да се планира и организира.

Се изготвува месечен распоред за учениците од конкретната паралелка, во зависност од неделниот број на часови за конкретниот наставен предмет (за наставните предмети застапени со 1-3 часа неделно најмалку една средба месечно, а за наставните предмети застапени во наставниот план со над 4 часа неделно најмалку 2 средби во текот на месецот).

- Овие менторско-консултативни средби со учениците, зависно од потребата за консултации и размена на информации, треба да траат од 20 до 30 минути. На средбите треба да присуствуваат најмалку два ученика, а најмногу десет. Овој пристап овозможува наставникот да му посвети доволно внимание на секој ученик и да ги согледа тешкотиите/предизвиците со кои се соочува во постигнување на резултатите предвидени со наставните програми. Секако, менторско-консултативните средби можат да се искористат и за тест или писмена работа по оние наставни предмети каде што според наставната програма тоа е задолжително. Наставникот треба да ги информира учениците за целта на средбата најмалку три дена пред нејзината реализација за да можат учениците да дојдат подготвени - потенцира Станојоски.

Нема кампањски усни испрашувања

Како што информираат одговорните во Бирото, усната проверка на постигнувањата на учениците ќе се реализира преку наставата од далечина и од менторско-консултативните средби во училиштето. За усна проверка на знаењата со Упатството за наставниците за начинот на оценување на учениците се предвидува таквите средби да се организираат со помал број ученици (од 2 до 5 ученици). Современата интерактивна настава не предвидува кампањски усни испрашувања за оценка.



Како оценувањето позитивно да влијае врз учењето?

- Развојот на технологијата влијае врз сите компоненти на наставата (учењето, поучувањето и оценувањето), обезбедувајќи нови модели на спроведување на оценувањето на учениците. Наставата од далечина е ново искуство и за наставниците и за учениците, па затоа е добро да се предвиди и повремено физичко присуство на учениците во училница, со цел обезбедување објективност, транспарентност и валидност во оценувањето на учениците. Затоа и средношколците ќе се оценуваат на ист начин како основците, преку комбинираниот начин на оценување, преку следење на ученикот за време на наставата од далечина и повремени консултативни, односно менторски средби со ученикот во училиште - појаснува тој.

Скратени наставни програми

Скратените наставни програми се базираат на целите/резултатите од учење предвидени со наставната програма за секој наставен предмет што редовно се реализира согласно утврдениот наставен план, со тоа што во нив, за оваа учебна година, е направен соодветен избор на наставни содржини, неопходни теми за реализација, за да се овозможи стекнување на знаења и вештини предвидени со наставните програми и обезбедување вертикална проодност во наредното одделение/година.

- Учебната 2020/2021 година ќе почне на 1 октомври поради состојбата со пандемијата на коронавирусот. Со тоа, учебната година ќе трае 159 дена, односно 145 наставни дена за завршните години на средното образование и со времетраење на наставниот час од 30 минути во основното образование, односно 35 минути во средното образование. Бирото изготви Упатство за реализација на скратените наставни програми во основното и средното образование. Воедно, дидактичките препораки како дел од скратените наставни програми нудат прецизни предлози за поврзување на темите, како и содржините во темите и подрачјата, со цел правење целини во учењето кај ученикот и нивно поврзување по логички, причинско-последичен пат. Наставникот треба креативно да пристапи кон реализација на целите и наставните содржини, со што ќе ги поттикнува и мотивира учениците за усвојување знаења и вештини, ќе го задржи нивното внимание и ќе ги мотивира за завршување на домашните задачи, за надополнување на знаењето од темата/областа или подрачјето/предметот - завршува Станојоски.

Посебно внимание за учениците со посебни потреби

Учениците со посебни образовни потреби, инклузирани/вклучени во редовната настава доаѓаат на овие консултативно-менторски средби во присуство со личниот асистент, а целите на средбата се усогласени со ИОП (индивидуалниот образовен план). Средбата со овие ученици е индивидуална или со мал број ученици во групата и по потреба може да се организира три и повеќе пати во текот на месецот со ист ученик/ци.