Шведска се враќа на печатени учебници и вежбање на ракописот во училиштата

Шведска се враќа на печатени учебници и вежбање на ракописот во училиштата

Додека децата се враќаа во училиштата во Шведска минатиот месец, многу наставници ставија акцент на печатени книги, тивко време за читање и пишување, а помалку внимание на таблетите, независно истражување на интернет и вештини за пишување на тастатура.

Враќањето на традиционалните методи на учење е одговор на загриженоста на политичарите и експертите дали хипердигиталниот пристап во образованието во земјата - која воведува таблети уште во градинка - доведе до пад на основните вештини.

Шведската министерка за образование Лота Едхолм, која ја презеде функцијата пред 11 месеци како дел од новата коалициона влада на десниот центар, беше еден од најголемите критичари на целосното прифаќање на технологијата.

„На шведските ученици им требаат повеќе учебници. Физичките книги се важни за учење“, рече Едхолм во март.
Министерката најави дека Владата сака да ја поништи одлуката на Националната агенција за образование со која дигиталните уреди се задолжителни во градинките. Планира да оди чекор понатаму и целосно да го укине дигиталното образование за деца на возраст под шест години, изјави Министерството за АП.

Иако учениците од оваа земја се над европскиот просек за способност за читање, меѓународната процена за нивото на читање на четвртоодделенците укажува на пад на способноста на децата во Шведска помеѓу 2016 и 2021 година.

Можно е одредени дефицити да се резултат на пандемијата на коронавирусот или одраз на зголемениот број студенти-имигранти кои не зборуваат шведски како свој прв јазик, но прекумерната употреба на екрани за време на часовите може да предизвика младите да заостанат во некои клучни теми, според експертите.

„Постојат јасни научни докази дека дигиталните алатки ги влошуваат, наместо да ги подобрат, способностите за учење“, се вели во соопштението на шведскиот институт од минатиот месец, на тема стратегијата на земјата за воведување дигитализација во образованието.

„Сметаме дека фокусот треба да се врати на стекнување знаење преку печатени учебници и наставни вештини, а не првенствено преку слободно достапни дигитални извори, чија точност не е соодветно потврдена“, велат од Институтот, угледна медицинска школа, фокусирана на истражувачка работа.

Во извештајот објавен минатиот месец, УНЕСКО објави „итен повик за соодветна употреба на технологијата во образованието“. Извештајот бара од земјите да ги забрзаат интернет-врските во училиштата, но истовремено предупредува дека технологијата во образованието треба да се имплементира така што никогаш да не ја замени наставата лице в лице предводена од наставник и да поддржува квалитетно образование за сите.

За борба против падот на вештините за читање, шведските власти најавија инвестиција од околу 685 милиони круни (60 милиони евра) за купување книги за училиштата оваа година. Ќе се инвестираат уште 500 милиони во 2024 и 2025 година за да се забрза враќањето на учебниците во училиштата.

Извор: МИА