Коле Чашуле, Крсте Црвенковски, Мице Козар, Пецо Даскало... поради нив денеска го славиме 11 Октомври

Коле Чашуле, Крсте Црвенковски, Мице Козар, Пецо Даскало... поради нив денеска го славиме 11 Октомври

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска/vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Тоа биле млади луѓе, повеќето од нив биле во своите рани дваесетти години, а имало и помлади. Дел од нив, поради новонастанатата политичка состојба, морале и да ги прекинат студиите, вели проф. д-р Марјан Иваноски, историчар во Одделението за НОВ и најнова историја при Институтот за национална историја

Востанието се случило во периодот кога нацистичка Германија го достигнувала својот зенит, кога речиси цела Европа била под Хитлеровата чизма. Кога многу народи не ни помислувале на вооружен отпор, тоа се случуваше во Југославија и во Македонија. Народноослободителната борба беше автохтона, која произлезе од народот и беше наменета за народот. Ослободувањето на Македонија е дело на македонските воени единици, за разлика од некои други народи што чекаа други да ги ослободат, Македонците беа ослободители на своето, вели проф. д-р Марјан Иваноски, историчар во Одделението за НОВ и најнова историја при Институтот за национална историја.
Во интервјуто за Факултети.мк тој го објаснува значењето на 11 Октомври, за околностите во кои почнала ослободителната борба на македонскиот народ, за младите луѓе што први решиле да се бунтуваат, за условите за образование за време на Втората светска војна, за третманот на историјата како наука денес.


Проф. д-р Марјан Иваноски, историчар

„На 11 октомври пукна првата пушка во Прилеп и Куманово“. Можете ли да го појасните моментот каде почнало востанието и во какви околности?

- Пред да преминеме на 11 Октомври, да појасниме во кратки црти што се случувало претходно, кои биле мотивите, причините за да се дојде до тој датум. Во април 1941 година Кралството Југославија, а со тоа и денешната територија на Република Македонија, беше нападнато од силите на Оската. Војната траеше само шест дена, по што Кралството Југославија капитулира. Како награда за услугите што Бугарија ѝ ги направи на Хитлерова Германија, пуштајќи ги германските војски да ја искористат нејзината територија како база за напад на Југославија и Грција, ѝ беше дозволено да го присвои поголемиот дел од Македонија, која дотогаш беше под власт на Кралството Југославија. Западниот дел на Македонија потпаднал под италијанска окупациона власт, која за кратко време со Декрет ѝ дозволила на нејзиниот сателит, Албанија, да го анектира тој дел. Македонија повторно претрпе поделба, македонскиот народ беше повторно подложен на нова асимилација, денационализација, терор, грабеж и сл. Во такви околности единствена сила што се спротивставила на новонастанатата состојба била Комунистичката партија на Југославија, односно нејзиниот Покраински комитет (ПК) за Македонија, кој на терен организирал воена обука и биле извршени неколку диверзантски акции. Потоа, на 22 август 1941 година бил формиран Првиот скопски партизански одред, а во почетокот на октомври 1941 година Прилепскиот и Кумановскиот партизански одред. За почеток на македонското востание се зема 11 октомври 1941 година, денот кога Прилепскиот партизански одред, составен од 16 борци, во Прилеп извршил напад врз бугарската полициска станица, затворот и биле прекинати телефонско-телеграфските врски и електричната инсталација. Сепак, мое мнение е дека терминот „пукна првата пушка во Прилеп и Куманово“ не е соодветен поради фактот што и пред 11 октомври биле испукувани куршуми како дел од вооружениот отпор на македонскиот народ. Но, сепак на 11 октомври се случил првиот посериозен судир-организиран напад врз окупаторски институции. Додека еден ден потоа, на 12 октомври, бил формиран Кумановскиот партизански одред, кој извршил неколку акции во Кумановско: одржал митинг во селото М’гленце, извршил напад во манастирот „Св. Прохор Пчински“. Тогаш припадниците на бугарската окупаторска полиција се повлекле, а во селото Молотино на 17 октомври во судир со бугарската окупаторска војска, по неколкучасовна битка, одредот бил разбиен. И покрај краткиот успех, македонските борци им најавија на окупаторските сили долготрајна борба сѐ до конечно ослободување на македонскиот народ.


Првоборците од Прилепскиот партизански одред: Мизе Коцар и Трајко Бошковски-Тарцан. Од монографијата „НОБ на Македонија“

Кои беа луѓето што први решиле да се бунтуваат?

- Како што споменав, во нападот извршен на 11 октомври учествувале 16 борци од Прилепскиот партизански одред, кој броел вкупно 37 борци. Во нападот, меѓу другите, учествувале Мице Козар, Крсте Црвенковски, Благоја Корубин, Коле Чашуле, Душко Наумоски и др. Тоа биле млади луѓе, повеќето од нив биле во своите рани дваесетти години, а имало и помлади. Дел од нив, поради новонастанатата политичка состојба, морале и да ги прекинат студиите. Задоени со слободарски идеи и преголема љубов кон Македонија, свесно го зедоа оружјето в рака со единствена цел реализирање на идеалот на македонскиот народ за сопствена држава. Сите биле членови на Комунистичката партија или на нејзината младинска организација зашто Комунистичката партија била единствена политичка структура што се залагала за национална и социјална рамноправност на македонскиот народ во рамките на Југославија. На денот на нападот немало загинати македонски партизани, повеќето од учесниците ја преживеале војната и подоцна по ослободувањето извршувале значајни функции, како Крсте Црвенковски и Коле Чашуле, а дел од нив, како Мице Козар, Пецо Даскало, Киро Ќососки и други, не дочекаа да ги видат плодовите на нивната борба.


Бугарската полициска станица во Прилеп. Од монографијата „НОБ на Македонија“

За време на војната, можеле ли децата и младинците да учат? Какви биле условите за образование?

- До пред започнувањето на војната македонскиот народ во делот што потпаднал под Кралството Југославија бил сметан за дел од српскиот народ и образованието се одвивало исклучиво на српски јазик. По германскиот напад на Југославија и поделбата на Македонија на бугарска и италијанско-албанска окупација, целокупниот воено-полициски и административен апарат бил заменет од страна на окупационите сили. Организирањето и функционирањето на бугарската окупаторска власт биле со цел да се докаже дека Македонија историски ѝ припаѓала на Бугарија, а Македонците биле дел од бугарскиот народ, но и економско експлоатирање на целокупната територија. Асимилацијата на македонскиот народ бил еден од врвните приоритети на новите власти, па секакви македонски национални пројави биле жестоко казнувани. Особено внимание се посветило на образовниот систем во „новоослободените територии“. За таа цел веднаш почнало обучување на бугарски учители преку организирани курсеви. Образованието било исклучиво на бугарски јазик и во функција на големобугарската политика спрема Македонија и оправдување на Хитлеровата агресија. Додека во западниот дел на Македонија, кој потпаднал под италијанска, односно албанска окупација, слично како и бугарските окупатори, имале цел да се прикажат пред населението како „ослободители“ и дека тие територии историски им припаѓале ним. Образованието било ставено целосно во функција на новиот окупаторски режим, односно пропагирање на фашистичката идеологија. Наставата се одвивала на албански јазик, а македонскиот бил строго забранет. Но, со ослободувањето на првите поголеми територии, како онаа во Западна Македонија во септември 1943 година, првпат се организирала настава на македонски јазик и се одржувале курсеви за описменување на неписмените лица. Во првите училишта на македонски јазик учеле и малите деца, но и постарите биле нивни посетители.


Зградата во Скопје каде што било одлучено да се крене востанието. Од монографијата „НОБ на Македонија“

Што значи празникот 11 Октомври за македонскиот народ денес?

- 11 Октомври го славиме како ден кога почнало народното востание против окупаторите за национално ослободување на македонскиот народ. Иако уште од првите денови на окупацијата, Македонците преку најразлични форми на отпор и противење на новиот режим, како и прибирање оружје, извршување диверзантски акции и вооружени судири со окупаторските сили, недвосмилено покажаа дека се подготвени за долготрајна и исцрпувачка борба за слобода. Денот на востанието се случил во периодот кога нацистичка Германија го достигнувала својот зенит, кога речиси цела Европа била под Хитлеровата чизма. Кога многу народи не ни помислувале на вооружен отпор, тоа се случуваше во Југославија и Македонија. Народноослободителната борба беше автохтона, која произлезе од народот и беше наменета за народот. Ослободувањето на Македонија е дело на македонските воени единици, за разлика од некои други народи што чекаа други да ги ослободат, Македонците беа ослободители на своето. Затоа 11 Октомври има огромно значење за нас, како народ и држава, но и за сите што ги негуваат слободарските идеи и се противат на окупации и режими.


Менковата колиба каде што е формиран Кумановскиот партизански одред во октомври 1941 год. Од монографијата „НОБ на Македонија“

Историјата е најегзактна од сите науки (минатото не може да се смени). Од друга страна, таа е наука со која политиката секогаш најмногу манипулирала. Колку историчарите во Македонија денес имаат простор независно и професионално да работат?

- Во минатиот политички систем македонската историска наука беше под лупа на тогашниот државно-партискиот врв и сè што се пишуваше мораше да биде во согласност со тогашната политика и идеологија. Затоа за многубројни теми, настани и личности беа искривувани фактите, не беа споменувани или беа маргинализирани. Во овој контекст ќе ја споменеме историјата на античка Македонија, за која многу штуро се пишуваше за да се покаже чистото словенско потекло на македонскиот народ; Црковната историја и религијата општо некако се ставаа во втор план, а евангелско-протестантските цркви, кои единствени во 19 век богослужеа на македонски јазик, се прикажуваа како странска пропаганда; ВМРО на Тодор Александров и Ванчо Михајлов меѓу двете светски војни се маргинализира; Значењето на личностите како Методија Шаторов-Шарло, Методија Андонов-Ченто, Владо Полежиноски, Петре Пирузе-Мајски, Павел Шатев, Панко Брашнаров и други се минимизира или беше прикажано во искривена форма; Најстрого беше забрането проучувањето на македонските тајни политички групации по 1945 година и дејствувањето на македонската политичка емиграција во Западна Европа. Денес, за среќа, историчарите не се соочуваат со такви притисоци од државата. Слободно може да се пишува за какви било теми, но сè уште постои стравот кај одреден број историчари за истражување на т.н. чувствителни теми, со што автоцензурата станува помоќно оружје од цензурата за откривање на историската вистина.